Во 1993 година, со моите родители бев на одмор во Струга. Беше тоа историско време за секој Македонец. Македонија, независна Република, штотуку осамостоена од Југославија. Во моето сеќавање е историско и поради уште една причина - за прв пат се сретнав со марките.
Беше тоа серијата на марки со риби. Мама ги купи марките и разгледниците што јас ги одбрав. Потоа ги адресираше разгледниците, а јас внимателно ги залепив марките. Чуден некој вкус остави лепилото во мојата уста. Тогаш немав ни приближна претстава како поштенскиот систем функционира и зошто воопшто марките се лепат. Ги погледнав разгледниците ко за последен и ги пуштив во сандачето на поштата.
По десетина дена се вративме дома. Први на коишто им се јавивме беа баба и дедо. Ни кажаа дека разгледниците пристигнале и дека многу се израдувале. По некое време им отидов на гости и покрај мојата рагледница најдов уште десетина други. Марките на секоја разгледница беа различни. Долго време ги гледав и им се восхитував. Откако добив дозвола од дедо некако ги одлепив марките. Тогаш не можев ни да замислам дека во светот постојат луѓе коишто собираат марки, дека постојат каталози и дополнителна опрема за филателисти и дека сето тоа е сериозно хоби.
Веднаш штом завршив со писмата од дедо, на ред беа љубовните писма на тато. За нив многу разбирливо е дека не побарав дозвола од никого за да ги одлепам марките. Тато не ни претпоставуваше дека знам за нив. Којзнеа што ли пишуваше на нив, мене единствено важни ми беа марките. Доколку ги најдев неколку години подоцна сигурно ќе ми користеа во социјализацијата со спортивниот пол. Ама тоа немаше како да се случи. Неколку месеци потоа тато ги исфрли сите до едно. Мама беше задоволна. И јас бев задоволен. Ги спасив марките, а никој не ни знаеше дека одлепените марки беа мое дело.
Тогаш мојата филателистичка колекцијата броеше неколку дузини на марки. Ги чував и се грижев за нив спротивно на сите филателистички правила и прописи. Повеќето од нив беа лошо одлепени и испокинати, но за мене тогаш тоа беше најголема колекција во свет и мое најголемо богатство. Доколку некој ми кажеше дека за десетина години ќе имам над 15 000 марки, сигурно ќе измислев временска машина.
1 comment:
... хе,хе ...
... Еди марките или живот 8-) !!! ...
Post a Comment