Showing posts with label Филателија. Show all posts
Showing posts with label Филателија. Show all posts

Saturday, August 25, 2012

Каприкорнија ја призна Македонија под уставно име

Да, да, добро прочитавте - Република Каприкорнија унилатерално ја признава Република Македонија под уставното име и тоа се случило не денес, туку во 2008 година. Но да започнеме по ред.

Порано активно собирав марки, па понекогаш ми се случуваше да налетам на некоја која не фигурира во ниеден каталог и е издадена од егзотична земја чие име за прв пат го слушам.

Марките долу се токму такви:

На сајтот www.capricornia.eu пишува дека се издадени од Република Каприкорнија (Republic of Capricirnia) за која се вели дека се наоѓа северно и источно од Dershowo Musograd и Balangrad Capital Territory (каде по ѓаволите е тоа?)

Интересно е што на марката со знамето на Македонија се вели дека се дошло до унилатерално признавање на нашата земја од нивна страна.

Уште поинтересно е тоа што во оваа серија на марки издадена во 2008 година, освен Република Македонија и полупризнатата Република Косово, се тврди дека т.н. Република Каприкорнија ги признала и Централната Тибетска Администрација, Република Тајван, Република Баварија и Република Бадем-Вуртемберг (?).

Епа добра вест е дека уште една земја нè признава под уставното име. Лоша вест е што се работи за земја слична на Република Вевчани.

Thursday, February 24, 2011

Филателијата во Македонија - ФНРЈ (СФРЈ)

Историја на филателијата во Македонија - дел од ФНРЈ (од 1963 СФРЈ)

На крајот од Втората светска војна формирана е Народна (од 1963 година - Социјалистичка) Република Македонија како дел од Федеративна Народна Република Југославија (од 1963 - Социјалистичка Федеративна Република Југославија). Во ноември 1944 година во Македонија во оптег влегуваат југословенски марки, на дел од кои можат да се видат и македонски мотиви. Истите ќе бидат дополнително претствени во некој нареден блогпост.

Во 1944 година на територијата на Македонија има вкупно 45 ПТТ централи. Санацијата на поштенските услуги се одвива од 1945 до крајот на 1947 година. За прв генерален директор на ПТТ во Македонија е назначен Благоја Тошев (1915-1950). Тој успешно ја завршува задачата за враќање на поштата во функција во повоена Македонија.









(Поштенски коверт испратен од Скопје во 1947 година, франкиран со југословенски поштенски марки)









(FDC. Anniversary of uprising in Macedonia. Mi.# 672-673. 1951)

Понатамошно проширување на поштенска мрежа во Македонија се извешува многу брзо, особено во периодот помеѓу 1951 и 1955 година. Од 1960 година за транспорт на поштенските пратки се користат 3 поштенски автобуса, 5 железнички линии, 38 автобуски линии и приватните коли во 8 правци.

За време на земјотресот во Скопје во 1963 година, уништена е зградата на поштата Скопје 2. Истата ќе биде реизградена дури во 1981 година. Испораката на пошта, особено во оддалечените области е проследено со бројни тешкотии. Според извештаите од тој период, поштарите морале да пешачат и до 30 километри дневно.









(YUGOSLAVIA Macedonia Kocani 1965 Customs Declaration nice franking)

Се до независноста на Македонија изградени се повеќе поштенски згради: Скопје 1 (1979) Прилеп (1979), Тетово (1981), Куманово (1981), Гостивар (1982), Гевгелија (1982), Струмица (1982), Кочани (1982), Штип (1986)...

Saturday, February 19, 2011

Филателијата во Македонија - бугарско германска окупација

Историја на филателијата во Македонија - бугарско германска окупација

Во 1941 на територијата на денешна Република Македонија е окупирана од страна на Бугарија. Во април 1941 година започна со работа бугарската пошта и почнуваат да се користат бугарски марки.









(Коверт испратен од Скопје во 1941 година, франкиран со бугарски марки)

На 3 октомври 1941 година во чест на експанзијата на Бугарија, бугарските пошти издаваат серија од 5 поштенски марки. На три од нив се прикажани мотиви од Македонија.





1 лев - Македонка во македонска народна носија
7 лева - Поглед кон градот Охрид
2 лева - Карта на окупирана Македонија (Цар Борис III)

По капитулацијата на Бугарија во втората светска војна, марионетсата влада на Македонија подржана од Германија, на 28 октомври 1944 година пушта во оптег серија марки познати кај филателистите како "Македонки 44". Се работи за натпчатка (overprint) на бугарски поштенски марки со текстот "Македония 8.IX.1944" и новата номинална вредност во лева.






(дел од марките од серијата "Македонки 44")










(Коверт со марките од серијата "Македонки 44")

Со повлекувањето на германските војски кон север дел од марките се пренесени во Германија. Денес марките се релативно скапи, барани и ретки.

Thursday, February 17, 2011

Филателијата во Македонија - Кралство СХС

Историја на филателијата во Македонија - Кралство СХС (Кралство Југославија)

По завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, територијата на денешна Република Македонија влегува во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (од 1929 - Кралство Југославија ). Поштенските марки коишто се користат во овој период се оние на СХС.










(Разгледница од Битола со марка на Кралството СХС)

На 7 декември 1918 година кралот Петар I Караѓорѓевиќ издава декрет за создавање на Министерство за пошта и телеграф. Сепак тоа почнува со работа на 27 јули 1921 година. Ликот на кралот може да се види на повеќе марки. Мотиви од Македонија нема.

На 14 Април, 1921 година во Скопје е основано поштенско училиште. Оние кои дипломирале се вработувале во поштите.

На 11 јуни 1921 година Бугарија ја издава третата серија на марки "Ослободувањето на Македонија" (Окупација на Македонија). Поради тоа што за мотиви на марките се избрани градови од Македонија, до бугарските пошти е упатена протестна нота од страна на СХС, во чијшто состав во тоа време е Македонија. Набргу потоа марките се повлечени Објаснувањето од Бугарија е дека марките биле планирани да се пуштат во употреба во 1915 година за време на окупацијата на Македонија од нив.




10 стотинки - Карта на која Македонија е прикажана како дел од Бугарија, Цар Фердинанд
10 стотинки - Шар Планина, врв Љуботен
10 стотинки - Камениот мост на реката Вардар во Скопје
10 стотинки - Поглед на Охрид

На марката со номинална вредност од 50 стотинки која воопшто не е ни пуштена во употреба е прикажана реката Црна.

На почетокот од 1925 година за пратките од странство, во Скопје се отвара царинска служба.

Во јули 1936 година во Скопје е почнато со изградба на новата зграда на регионалната дирекцијата за пошта телеграф и телефон. Изградбата е завршена во 1939 година. Модернизација на другите пошти во Македонија се врши многу бавно.

Поштата на Југославија престанува со работа за време на Втората светска војна во април 1941 година.

Tuesday, February 15, 2011

Филателијата во Македонија - српска и бугарска власт

Историја на филателијата во Македонија - српска и бугарска власт

Како резултат на балканските војни од 1912 и 1913 година, падот на Отоманската империја и потпишувањето на Букурешкиот договор, етногеографска Македонија е поделена помеѓу Грција, Србија и Бугарија. Егејскиот дел на Македонија влегува во состав на Грција, речиси целата територија на денешна Република Македонија (вардарски дел на Македонија) под називот Јужна Србија станува дел од Кралството Србија, а пиринскиот дел од Македонија и мал дел од вардарскиот стануваат дел од Бугарија.

Во тоа време на територијата на денешна Република Македонија во оптег се користат српските поштенски марки, а во значително помалиот дел (струмичко) којшто потпаѓа под Бугарија се употребуваат бугарските.








(1913, Balkan War commercial envelope from Uskup(Skopje) to Paris/France franked by 5pa. green and 10pa. carmine pair, tied by two fine strike of "Vojna Posta Vrhovna Komanda 14.V.913")

Во 1915 година, за време на Првата светска војна, територијата на денешна Република Македонија е окупирана од Царство Бугарија. Првите бугарски пошти во окупирана Македонија се пуштени во функција на 1 ноември, 1915 година. Бројот на бугарските пошти на територијата на денешна Република Македонија и окупираниот дел од Србија бил 88.









(Occupation of Macedonia: PS card 5st upr by 10st Ferdinand (ovpt), violet pmk VELES 20.12.1915 & 4-line military cancel "Füsilier-Regiment… 6. Kompagnie"; postally not traveled.)

Во чест на окупацијата на Македонија, Царство Бугарија на 14 Август 1917 година издава серија марки наречени "Ослободувањето на Македонија". На поголем дел од марките биле прикажани мотиви од Македонија. Во каталозите на марки (Michel) оваа серија марки е заведена под називот "Окупација на Македонија".

Ова се дел од марките на коишто се прикажани мотиви од Македонија од првата и втората (1918 година) од вкупно трите воени серии кои го носат истото име:





25 стотинки - бугарски војник, во позадина врвот Солунска глава
50 стотинки - Црква Св. Јован Канео (Охрид) и охридското езеро
2 лева - Клисура Демир Капија




3 лева - Гевгелија
1 стотинка - Велес со саат кулата (втора серија)
5 стотинки - Црква Св. Јован Канео (Охрид) и Охридското езеро (втора серија)

И двете серии можат да се најдат релативно евтино со што секој македонски филателист би можел да си дозволи да ги има.

По крајот на првата светска војна и поразот на Бугарија во 1918 година, целата територија на денешна Република Македонија (вклучително и струмичко) влегуваат во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС)

Saturday, February 12, 2011

Филателијата во Македонија - османлиски период

Историја на филателијата во Македонија - османлиски период

Во 1840 година во Обединетото Кралство како дел од поштенската реформа на Роланд Хил е пуштена во употреба првата самолеплива поштенска марка во светот наречена црн пени (Penny Black). Во истата таа година со одлука на Султанот Абдул Меџид во Османлиската Империја се отвараат поголем број на пошти. Територијата на денешна Република Македонија како дел од Османлиската Империја во тоа време (крај на XIV век - 1912 година), не била исклучена од таа реформа.

Првата пошта на територијата на денешна Република Македонија е отворена во Битола во 1843 година. Поштата во Скопје почнува со работа во 1849 година, а во Штип во 1864 година. Сите пошти во Македонија во тоа време јурисдикциски припаѓаат на главната пошта во Солун.

Првата поштенска марка во Османлиската Империја е издадена во 1863 година за време на Султанот Абдул Азис со што таа станува втора земја во Азија (после Русија) која употребува поштенски марки. Во тоа време марките се користат и на територијата на денешна Република Македонија. Во 1875 година Османлиската Империја станува една од земјите основачки на Поштенската Унија (General Postal Union, подоцна пеименувана во Universal Postal Union).










(1898. Uskub / Skopje - Smyrna. 20p red stat card)











(Turkish POs in Macedonia: 1907 cover Uskub to Hungary)









(Коверт пратен на 16 март 1909 од Скопје)

Во 1903 година по налог на Султанот Абдул Хамид II се дава поголема директна контрола на поштите во Македонија. Генералниот директорат за пошта и телеграф од Приштина е преместен во Скопје, а таму останува до крајот на османлиското владеење со територијата на денешна Република Македонија.






Во 1903 година за време на Илинденското востание е подготвена серија од седум марки кои воедно се сметаат и за први македонски поштенски марки. На нив е прикажан исправен лав со круна и натписот "Македония" (Македонија). Номиналните вредности на марките се: 10 пари, 20 пари, 1 грош, 5 гроша, 10 гроша, 15 гроша и 25 гроша.





Брзото задушување на востанието е причината поради која марките не влегуваат во оптег, а поради малиот тираж овие марки денес се исклучително ретки не се влезени во каталозите.

Во 1911 година по повод посетата на Султанот на Македонија (Солун, Битола, Скопје) излегуваат натпечатки на марки.














(целата серија со натпечатка "Uskub")

Wednesday, February 09, 2011

Како да одлепите марки?

Повеќе пати досега потенцијални филателисти ме прашувале како да ги одлепуваат марките од ковертите. Еве еден краток туторијал за таа цел кој можеби некому ќе му се најде.

Најпрво важно е да се напомене дека не секогаш одлепувањето на марките од ковертот е добра идеја. Особено старите марки како и оние со коверт и жиг прв ден имаат поголема вредност и поголемо значење за проучувањето на филателистичката и поштенската историја неодлепени од ковертот. Нив нема потреба да ги одлепуваме затоа што заедно со коверитите претставуваат целина.

Погрешно е да се пробува марката насилно да се одлепува од ковертот затоа што неизбежно ќе се оштети. Најдобро е таа да се исече заедно со дел од ковертот - 1-2 сантиметри надвор од рабовите на марката. При оваа постапка треба особено да се внимава несакајки да не се исечe самата марка.

Откако ќе се заврши со сечењето, во поголем порцелански или стаклен сад се става млака вода со температура од околу дваесетина степени. Во садот се истура една кафена лажичка готварска (ситна) сол, неколку капки алкохолен оцет и убаво се промешува.

Во садот марките не треба да пливаат на површината туку целосно да се потопат. Се оставаат така да стојат десетина минути (за некои и повеќе) додека не се одлепат од хартијата. По одлепувањето секоја марка посебно се прегледува да нема остатоци од хартија (од ковертот). Доколку има истите внимателно се тргаат со пинцета. Некои филателисти практикуваат марката да ја поминат со мека сликарска четка.

Потоа марките се ставаат во нов сад со чиста вода (без сол, оцет) за да се исперат. Таму отстојуваат околу пет минути.

Исчистените марки потоа се редат меѓу два бели листа хартија. Така на собна температура стојат половина до еден час, при што треба да се внимава да не се залепат за хартијата. Откако ќе се утврди дека се исушени се пристапува кон процес на нивно порамнување (пеглање). Марките се редат меѓу нови два бели листа, а врз нив се ставаат дебели книги за тежина. Вака отстојуваат барем еден ден.

За време на сите овие постапки марките не е препорачливо да се допираат со прсти туку со специјална филателистичка пинцета.

Напомена: некои марки потопени во вода ги губат боите. Мене ова ми се има случено со некои стари советски марки кои за пет минути престој во вода избледеа. Ваквите марки може да се одлепат со подлагање на пареа при што таа нема да има директен контакт со лицето на марката.

Постојат и марки кои се самолепливи. Некои од таквите марки е исклучително тешко да се одлепат од ковертот, а со споменатите методи речиси невозможно.

Friday, June 18, 2010

Како започнав да собирам марки

Во 1993 година, со моите родители бев на одмор во Струга. Беше тоа историско време за секој Македонец. Македонија, независна Република, штотуку осамостоена од Југославија. Во моето сеќавање е историско и поради уште една причина - за прв пат се сретнав со марките.

Беше тоа серијата на марки со риби. Мама ги купи марките и разгледниците што јас ги одбрав. Потоа ги адресираше разгледниците, а јас внимателно ги залепив марките. Чуден некој вкус остави лепилото во мојата уста. Тогаш немав ни приближна претстава како поштенскиот систем функционира и зошто воопшто марките се лепат. Ги погледнав разгледниците ко за последен и ги пуштив во сандачето на поштата.

По десетина дена се вративме дома. Први на коишто им се јавивме беа баба и дедо. Ни кажаа дека разгледниците пристигнале и дека многу се израдувале. По некое време им отидов на гости и покрај мојата рагледница најдов уште десетина други. Марките на секоја разгледница беа различни. Долго време ги гледав и им се восхитував. Откако добив дозвола од дедо некако ги одлепив марките. Тогаш не можев ни да замислам дека во светот постојат луѓе коишто собираат марки, дека постојат каталози и дополнителна опрема за филателисти и дека сето тоа е сериозно хоби.

Веднаш штом завршив со писмата од дедо, на ред беа љубовните писма на тато. За нив многу разбирливо е дека не побарав дозвола од никого за да ги одлепам марките. Тато не ни претпоставуваше дека знам за нив. Којзнеа што ли пишуваше на нив, мене единствено важни ми беа марките. Доколку ги најдев неколку години подоцна сигурно ќе ми користеа во социјализацијата со спортивниот пол. Ама тоа немаше како да се случи. Неколку месеци потоа тато ги исфрли сите до едно. Мама беше задоволна. И јас бев задоволен. Ги спасив марките, а никој не ни знаеше дека одлепените марки беа мое дело.

Тогаш мојата филателистичка колекцијата броеше неколку дузини на марки. Ги чував и се грижев за нив спротивно на сите филателистички правила и прописи. Повеќето од нив беа лошо одлепени и испокинати, но за мене тогаш тоа беше најголема колекција во свет и мое најголемо богатство. Доколку некој ми кажеше дека за десетина години ќе имам над 15 000 марки, сигурно ќе измислев временска машина.