Wednesday, May 20, 2020

Хроника за една запоставена уметност

Пред речиси една година, од печат излезе првиот том од книгата „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, во издание на Стрип центар на Македонија – Велес. Со желба за подетално информирање на јавноста за ова ретко и значајно дело за најзапоставената уметност кај нас, со авторот Александар Стеванов електронски разменивме прашања и одговори по повод книгата, кои беа искористени за еден напис.

Денес, во пресрет на излегувањето од печат на вториот том од хрониките, решивме да се навратиме на оригиналната форма на нашиот разговор и да ви го пренесеме како интервју.

1. Како дојде до идејата за ваков концепт на книгата?

Оваа книга, како своевиден паметник, првенствено е посветена на македонскиот стрип-автор (и на неговото дело), категорија која кај нас никогаш не уживала доволна почит. Па како таква се роди не како логична последователност на побарувачката и интересот од страна на читателите, туку како резултат на потребата да се прибележи еден сегмент од македонската уметност и творештво. Покрај „Стрип – запис со човечки лик“ на Томислав Османли, книга во која едно поглавје е посветено на историјата на македонскиот стрип, до пред само неколку години не постоеше ниту една друга во која се обработува македонското стриповско минато...
   
Во ретроспектива, веројатно тоа била причината. А, инспирацијата, односно поводот, можеби е обид за пркос кон мислењето кое, иако е погрешно, опстојува цело време, а тоа е дека – во Македонија нема стрип.


Во оваа насока, би сакал да спомнам дека книгата е правена по урнекот на неколку странски стрип-хроники во издание на „Дорлинг Кајндерсли“ (Dorling Kindersley). Можеби би било интересно и да се сподели дека изборот на бои, кој во неа е различен за секоја година, не е случаен, туку е според селекцијата на „Пантон“ (Pantone) за деведесеттите.
   
2. Колку време, реално, работеше на книгата: прибираше информации, изјави, мислења, стрип-ревии – пишуваше и дизајнираше?
   
Домашната стрип-сцена активно ја следам уште од 2008 или 2009 година, како автор од неа сум дел од 2010 година, а и во текот на деведесеттите ги купував стрип-ревиите. Но, со планско целенасочено истражување, прибележување на информациите, нивно класифицирање, архивирање (речиси сите реферирани веб-содржини се архивирани на Archive.org) и подредување по хронолошки редослед, веројатно започнав при крајот на 2014 година. Што се однесува, пак, до пишувањето, уредувањето и дизајнирањето на „Визуелната хроника“, мислам дека со тоа започнав во втората половина на 2015 година.
   
Овде би сакал да потцртам дека кога велам „Визуелната хроника“, не мислам само на книгата (1990 – 1999) која излезе минатата година и која е само прв том, туку на сите планирани томови кои го опфаќаат периодот од 1990 до 2020 година. Причината да ги работам во исто време беше резултат на мојот првичен план – „Визуелна хроника на македонскиот стрип“ да излезе како едно големо издание од над 300 страници. Имајќи предвид дека се покажа оти тоа од издавачки аспект се граничи со невозможното, поради високата цена на печатарски трошоци (А4 формат, во боја и печатено на квалитетна хартија) во комбинација со недоволната побарувачка за изданија од овој тип, мораше да се направи компромис, односно да се пристапи кон план Б.
   
Цитатите не ги земав директно од авторите, туку индиректно од написи (наведено е во енднотите од каде) првенствено за автентичност, а второ за да се испочитува трудот на луѓето кои „во реално време“ пишувале за стрип. Не сакав книгата да биде само мое видување на нештата, туку да е прошарана и со ставови на други стрип-чинители, без оглед дали јас се согласувам со нив или не. Предуслов за изборот на цитати беше да се кажани/напишани во дадената година и/или да се однесуваат на издание/настан од таа година.

3. Кој го финансираше излегувањето на книгата?
   
„Визуелна хроника на македонскиот стрип: 1990 – 1999“ беше целосно завршена уште во втората половина на 2017 година. Иако се обидов на неколку начини и тропнав на повеќе адреси, за жал, не успеав да наидам на разбирање и подадена рака во делот околу нејзиното финансирање/објавување. Се радувам дека во програмата за 2019 година, Министерството за култура на Република Македонија во неа препозна проект од национален интерес и го поддржа нејзиното објавување.

4. Дали ги имаш (зачувано) сите стрип-ревии што се наведени во книгата?
   
Би сакал да ги имав, но не е така. Ги имам сите броеви од стрип-ревиите „Макстрип“, списание со кое се запознав со добар дел од активните домашни стрип-автори во тоа време, „Стрип Арт“, „Тотем“, „Лифт“, како и поголем дел од броевите од списанијата „Илустриран забавник“ и „Клик“. Од оние неколку броја кои излегоа од „Стрипотека“ и од „Стрип експрес“, немам ниеден број. Но, во секој случај за мене стрип-колекционерството претставува споредна дејност. Купувам домашни стрипови првенствено за да дадам поддршка на нивните автори. Жалното не е дека јас ги немам сите, туку дека сите споменати домашни стрип-ревии ги немаат ни во македонските библиотеки.
   
Како тогаш доаѓав до нив и до останатите информации? Од препрочитување на написите за стрип во комбинација со честа посета на препродавачите на стари книги, преку архивите на СЦМ-Велес, како и преку приватни архиви, првенствено онаа на мојот пријател Дарко Богданов, па до директна комуникација со стрип-чинителите од тој период.


5. Што друго имаш пишувано на тема стрип?
   
Поопширни написи за актуелности од домашната стрип-сцена имам објавувано на порталите „Mkd-news“, „Македонска нација“, како и во е-списанието „Македонска Ризница“. На последното, всушност, бев одговорен за стрип, а имам објавувано и во списанието „Деветка“, како и на регионалниот портал специјализиран за стрип – „StripVesti“. Досега имам направено над 20 интервјуа со домашни стрип-автори, како и објавено десетина поопширни написи од областа на стрип-историјата. Од пред некоја година имам своја текстуална рубрика за во домашната ревија „Стрип Kреатор“ на уредникот Ване Трајков, а имам објавувано и во босанскиот „Парабелум“. Во соработката со уредниците Давид и Горан Трајковиќ, напис за стриповското минато на овие простори беше објавен минатата година во „Рас комик“, а таков би требало да излезе и во овогодинешниот број на ова српско списание. Во скоро време стрип-рецензии во мое авторство би требало да излезат и во „Градина“ и „Стрип пресинг“ на уредникот Марко Стојановиќ.
   
Во 2018 година од печат излезе книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“, скромно самоиздание финансирано со делумна поддршка од „Скопје креатива“. За ова издание ми помогнаа „браќата по оружје“ Дарко Богданов и Саше Гачев. Имам напишано уште една книга за домашен стрип, за самите зачетоци на оваа уметност на македонско тло, која да не беше коронавирус-епидемијата можеби веќе ќе беше отпечатена и промовирана.
   
6. Во книгата на повеќе места си потпишан како стрип-автор. Кои се твои стрипови и кога и каде ги имаш објавувано?
   
Дезигнациите „стрип-автор“, „стрип-сценарист“, „стрип-хроничар“ и сл., се дадени условно, имајќи предвид дека станува збор за издание посветено на деветтата уметност. На пример, сите ние знаеме дека Томислав Османли е првенствено наш истакнат писател и новинар, но со оглед на тоа дека книгата се однесува на стрип, покрај неговото име (можеби ненужно) стои „стрип-хроничар“ или „стрип-теоретичар“. Таквите дезигнации се условни и од еден друг аспект – дури со него да се занимава(л) и професионално, овде ретко кому стрипот му е примарна дејност. Истото важи и за мене.
   
Каде јас имам објавувано стрипови? Во списанијата: „Синдром“, „Стрип Креатор“, „Comix“, „Македонска Ризница“, „Чивилук“, „Војвоѓански стрип“, „Парабелум“, „Колибри+“, „Рас комик“... Минатата година во „Парабелум“, кој важи за најобемен балкански стрип-магазин, излезе стрип нацртан од Наташа Коњевиќ од Бања Лука, а според мое сценарио. Гостин-автор сум во стрип-албумот „Мрак Хумор Тишина“ на Дарко Богданов и Јордан Коцевски, а имам вмешано прсти, како летерер, и во графичката новела „Дан Фадил“ на уредникот Гоце Цветановски, во издание на шкотската издавачка куќа „Комик Бру“, како и во американското стрип-издание „Доминос“. Автор сум на сите сценарија во третиот број на стрип-публикацијата „Стрип Алманах“ во издание на СЦМ-Велес и сум целосен автор на малечката стрип-сликовница (или стрип/сликовница) „Девојче на Месечината“ која во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје беше објавена во 2017 година.
   
Од 2010 година редовно учествувам на меѓународните стрип-манифестации од регионот, имам освоено прво место за сценарио на стрип-фестивалот во Лесковац, второ место и награда за најдобро раскажување на оној во Ваљево, како и второ и две трети места на салонот во Велес.


7. Книгава излезе пред една година. Што очекуваше кога ја издаваше и какви се реакциите и интересот за неа?
   
Искрено, на некој површен супстратум од свесноста немав никакви очекувања. Ми беше битно да си го завршам мојот дел од работата најдобро што може во зададената рамка од услови и можности. Бев презафатен да се подготви на време, фактите да се проверат неколку пати, да се направат некои нужни измени и да се одолее на други... Крајниот резултат, како целосен производ (содржина, уредување, дизајн, печат, хартија...), е нешто од што сум презадоволен. Несвесно, можеби се надевав да биде малку поекспонирана. Но, за последното и јас сум виновен, не уживам да се експонирам како автор, а книгата како и секоја друга книга не може целосно да се одвои од авторот.
   
Во врска со реакциите, непосредно по нејзиното објавување, на стрип-колонијата во Велес се запознав со словенечкиот стрип-автор, хроничар и одличен познавач на словенечкиот стрип – Изток Ситар. Неговиот коментар за книгата беше: не знаев дека по распадот на СФРЈ во Македонија имало толку многу стрип-изданија. Слични беа коментарите и на повеќето кои имаа можност да ја видат, а кои воедно споделија некакво мислење со мене, од кои дел се македонски стрип-автори. Тоа е доказ дека малку го знаеме домашното стриповско минато и ја потврдува потребата од една ваква книга.
   
8. Книгата може да се купи во „Бункер“ – ќе биде ли достапна и на други места? Кога и каде?
   
Тоа зависи од издавачот Стрип центар на Македонија – Велес. А, имајќи предвид дека сум од Штип, моите сограѓани кои се заинтересирани за неа ќе можат да ја набават директно преку мене.
   
9. Дали ќе следуваат продолженија на книгата – историја на македонскиот стрип од 1999 наваму?
   
Мојата работа како автор и дизајнер во тој поглед е целосно завршена. Продолженијата се спремни, па во издание на Стрип центарот на Македонија, а со поддршка од македонското Министерство за култура, вториот том (2000 – 2007) се очекува да излезе годинава. Се надевам дека и наредните томови, еден по друг, ќе излезат во годините што следуваат.


10. Има ли надеж за македонскиот стрип?
   
Стрипот во Македонија, уште од неговото раѓање кон крајот на триесеттите години на минатиот век, опстојувал првенствено благодарение на ентузијазмот на авторите. Радува тоа што во последната половина деценија и државата изрази поголема спремност за поддршка на овој сегмент од културата, па стигнавме до една кулминативна точка за домашното стрип-издаваштво.

Во текот на шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век, стрипови на македонски автори се печатени во тиражи од по неколку десетици, па дури и над сто илјади примероци. Денес е незамисливо да се достигнат тие бројки. Македонските стрипови се печатат во тираж од по 300 до 500 примероци. Така што, далеку сме од враќање на тие „златни денови“ на стрипот. Но, за разлика од тоа време, денес има многу повеќе авторски проекти. Ако во текот на минатиот век е објавен само еден луксузен стрип-албум на македонски автор, денес на секои два-три месеци се појавува по еден нов стрип-албум на домашен автор. Така што, идентично како и македонското оро – три чекори напред, два назад – македонскиот стрип назадува од еден аспект, за да напредне во друг и обратно. А, тоа е интересно за следење.

Има ли надеж за македонскиот стрип? Искрено се надевам. Но и да нема надеж, доброто е што мал е бројот на оние кои во една таква ситуација би пролеале по некоја солза.
   
Наташа Атанасова (објавено и на „СтрипВести“)

No comments: