Saturday, June 15, 2019

Македонска Ризница бр. 52


Уште од најраното детство сонувам еден особен тип соништа. И покрај тоа што повеќето од нив се страшни, не би можел сите да ги ставам под капата на кошмари. Нивната заедничка нитка не е стравот, а поскоро застранувањето од реалноста.

Во дел од нив се обидувам да побегнам од искривените „природни закони“, кои необјасниво ме туркаат кон провалија или како селективна гравитација, десетпати посилна од нормалната, ми ги приковуваат нозете за земја. Во друг дел, се убедувам себеси дека некој призор е подеднакво нестварен колку што е и страшен, за кога ќе ми се припие за погледот, прифаќајќи ја лагата, во паника да започнам да се разубедувам дека е вистина. Како екстровертизација на последното, во трет дел од ваквите соништа се обидувам и на останатите „жители“ на земјата наречена Сламберленд да им објаснам дека логиката по која се водат и законитостите кои ги владеат - се лажни. Понекогаш, со тоа што самото нивно постоење ѝ пркоси на реалноста, како да им велам дека се само плод на фантазијата.

Сепак, како сонот не би научил дека е сон, моите зборови ретко наидуваат на плодна почва. Или барем додека не се разбудам. А со тоа се става крај на луѕањето низ нереалното, црвеното повторно станува црвено, а два плус два одново е еднакво на пет.

Во последните неколку години, реалното и иреалното како да си ги заменија местата. Светот на будното во кој македонските власти погазувајќи го уставот прифатија дека нивната земја не се вика Македонија, а дека предците на нивните дедовци и баби се сѐ освен Македонци, стана помалку реален и од моите најчудни соништа. Нека ова одново будење на електронското списание „Македонска Ризница“, кое две години беше во „зимски сон“, биде искра надеж дека нештата повторно ќе застанат онаму каде што природно им е местото.

Од издавачот

No comments: