Saturday, August 20, 2016

Интервју со Александар Стеванов

Интервју со Александар Стеванов за Нова Македонија, со новинарката Биљана Стојановска (необјавена целосна верзија):

1.    Раскажи ни нешто повеќе за наградата.

На Балканската смотра на млади стрип-автори, која традиционално се одржува во Лесковац, соседна Србија, покрај останатите активности, се доделуваат неколку награди и тоа награда за: надобар млад стрип цртач, најдобар млад стрип сценарист, најдобар млад илустратор, најдобар млад стрип теоретичар, како и за најдобар дебитант. Мене наградата за најдобар млад балкански стрип сценарист, која ја добив на фестивалот, ме изненади и затекна целосно неподготвен. Не само затоа што бев на граница на исполнување на условот „млад автор“, односно автор до 30 годишна возраст, туку и затоа што знаев дека конкуренцијата на овој фестивал е огромна и ужасно квалитетна. Кога мојата пријателка, младата стрип авторка Јована Велинова ме извести дека сум освоил награда во Лесковац, помислив дека се работи за грешка и не ѝ поверував, сѐ додека не видов дека веста е објавена по медиумите.

Плакетата „Никола Митровиќ - Кокан“, односно наградата за најдобар стрип сценарист за мене претставува огромна чест, особено ако се знае дека во жири комисијата на фестивалот беа истакнатите и веќе потврдени стрип-автори Марко Стојановиќ, Милорад Вицановиќ Маза и Румен Чаушев. Но исто така претставува и одговорност за продолжување со стрип творештвото. Ако јас се прашувам, оваа награда е потврда не само лично за мене, ами и за Македонија која и покрај тоа што е мала, претставува плодна почва за креативни луѓе и квалитетни стрип автори. Впрочем повеќе македонски стрип автори имаат освојувано награди на претходните изданија на Балканската смотра на млади автори, меѓу кои Давор Драмиќанин, Тхе Мичо и Игор Јовчевски. Секако, би требало да спомнам дека ниту наградата, а ниту пак стрипот немаше воопшто да се случат доколку не беше финската илустраторка Кирси Салонен, која што со својот креативен набој и енергија, го преточи моето сценариото во вистинска визуелна поезија. 

2.    Колку луѓе беа во конкуренција и од кои земји?

Балканската смотра на млади стрип-автори, која оваа година од 26 до 28 јуни се одржа во Лесковац, Србија, е најстариот, а веројатно и најпрестижниот, стрип фестивал во регионот. Организатори, на оваа веќе светски позната манифестација од сферата не деветата уметност, се Лесковачкиот културен центар и училиштето за стрип „Никола Митровиќ - Кокан“. Годинава, на седумнаесеттата по ред Балканската смотра на млади стрип-автори, срушени беа неколку рекорди, меѓу кои и оној за најголем број на учесници на наградниот конкурс. Имено, на конкурсот учество зедоа 1709 автори, од вкупно 36 земји во светот. Според ова на манифестацијата срушен беше не само нејзиниот минатогодишен рекорд за масовност, туку, според српските медиуми, и истиот овој рекорд во светски рамки, кога се во прашање стрип фестивалите.

Како што спомнав на конкурсот учество зедоа автори од 36 земји, од сите континенти во светот, без Антарктик. Од регионот, покрај домаќините од Србија, свои дела испратија автори од Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија и Словенија. Од Македонија, барем колку што мене ми е познато, годинава со свои дела се претставија 97 стрип-автори и млади таленти, од кои 63 анимирани преку Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Освен од регионот, на конкурсот на Балканската смотра на млади стрип-автори учествуваа и автори од остатокот од Европа, од земји како што се Белгија, Белорусија, Чешка, Данска, Франција, Финска, Холандија, Италија, Германија, Полска, Португалија, Русија, Шпанија, Шведска, Турција, Велика Британија и Украина. Од остатокот од светот учество зедоа стрип-автори од Аргентина, Австралија, Бразил, Јапонија, Канада, Малави, Канада, Мексико, Сирија, Соединетите Американски Држави и од Уругвај.

Гости на Балканската смотра, пак, беа над 80 светски познати стрип имиња, дел од кои и цртачи на мегапопуларните Бетмен, Конан и Загор, што исто така претставува своевиден рекорд. Од Македонија на Смотрата гостуваа веќе афирмираните стрип автори Дарко Богданов, Јордан Коцевски, Андреј Манев, Никола Темков, Златко Крстевски, Јован Секулоски, Владо Николовски, како и стрип операторот Томе Трајков.

3.    Стрипот се вика „Вистинска љубов“. За што станува збор?

Површно гледано се работи за љубовна приказна, како што кажува и самиот наслов. Но ако се прочепка малку подлабоко и ако се проанализира ќе се види дека темата е судирот помеѓу два света, кои и да се тие. Во стрипот, на пет страници, се обидов да го претставам непремостливиот јаз меѓу две личности, разликите меѓу внатрешниот свет и надворешниот, можното и неможното, како и границата меѓу јавето и имагинарноста. Љубовта, во случајот, е само врвот на сантата мраз во една приказна со подлабоко значење. Можеби интересно би било да се спомне дека овој стрип е делумно базиран, односно инспириран од реален настан.

4.    Сметаш ли дека љубовта опеана (дури и во стрип) секогаш е „загарантиран рецепт“ за допадливост?

Љубовта е нешто што го преокупира секој здрав, најаден и материјално обезбеден човек. Таа е илузивна, непредвидлива и неретко нелогична и луда. Секој еден човек, без оглед од каде и да е тој, има вродена потреба да биде сакан и да сака и тоа е посилно од нас. Или како што рекол американскиот поет Ралф Валдо Емерсон “All the world loves a lover”. Оттаму и не е чудно што толку често љубовта се опева во песните и е барем споредна тема во книгите и филмовите. Тоа е потреба и на самите автори, но и на публиката. Во интерес на вистината, иако наградениот стрип би можело да се каже дека е љубовен, јас всушност ретко пишувам за љубовта, што дури и некои мои соработници-илустратори го посочуваат како маана.

Што се однесува до допадливоста, ѕвезда водилка никогаш не ми била она што го правам да биде допадливо и да се закитам со пофалба или награда, ами моето творештво да биде автентнично и да извира од вистинскиот јас. Потрагата по допадливост е најкраткиот пат на кој што еден автор може да се изгуби самиот себе. Она што го пишувам во моите сценарија е тоа што сакам да го кажам и за што имам потреба да се искажам. Сакам моите дела да бидат нешто што доаѓа од длабочините на моето срце и барем во еден дел да бидат одраз на мојата личност, па макар и никому не му се допаднале.

5.    На какви теми најчесто работиш? 

Најразлични. Од научно-фантастични стрипови со вселенски бродови, преку формалистички стрип, па сѐ до надреализам и суров реализам. Секогаш трагам по откривање нови светови, стилови, форми и изразни сретства. Дури и на моите соработници илустратори, неретко им сугерирам да го менуваат стилот во зависност од приказната и самите да експериментираат. Со илустраторката Весна Ничевска, на пример, работиме на еден стрип без панели, со што одиме по самата границата на дефиницијата за стрипот како уметност. 

Како стрип сценарист секогаш се раководам по правилото, сѐ додека приказната е добра и интересна, воопшто не е важно која е темата. Како за илустрација, последно нешто што го напишав се две сценарија за стрип албуми. Едното е мистична вестерн приказна за каубој пустиник од карпестите планини, а другото, пак, нешто сосема поразлично – урбана приказна со надреалистичен привкус која еден дедо ѝ ја раскажува на внучката.

6.    Што досега имаш објавено?

Како сценарист, и покрај тоа што во фиока имам неколку готови сценарија за стрип албуми, што се однесува до веќе реализираните, автор сум само на кратки стрипови. Дел од нив ги имам објавено во повеќе броеви на магазинот „Креатор“, издание на Стрип центарот на Македонија, во електронските списанија „Македонска Ризница“ и „Чивилук“, како и во два броја од промотивното списание „Синдром“ на здружението Макстрип. Минатата година објавив стрип во српската ревија “Comix”, a пред неколку месеци во списанието “Parabellum” од Република Српска беше објавен еден мој стрип. Mоментално сум во разговори за објавување на стрип во португалското списание “Zona Gráfica”, во кое што и претходно сум објавувал, а очекувам за кратко време мој стрип да биде објавен и во некое од изданијата на српската издавачка куќа “Rosencrantz”.

Но освен за пишување сценарија, се интересирам и за другите аспекти на стрип уметноста. Па така минатата година, за американски издавач работев на летерингот и типографијата на неколку стрип албуми, меѓу кои и на првата епизода од албумот на тема суперхерои - “Dominos”. Исто така помогнав и во графичкото обликување на стрип албумот „Мрак, хумор, тишина“, на авторите Дарко Богданов и Јордан Коцевски, издание во кое што објавени беа и два кратки стрипа работени по мое сценарио. Со креирање на соодветни фонтови свој мал придонес дадов и во реализацијата на стрип албумите „Војдан“ на доејенот на македонскиот стрип Диме Иванов - Димано и стрип албумот „Чуварите на вечната светлина“ на авторот Игор Јовчевски, обата во издание на Стрип Квадрат, а постојат уште неколку стрип албуми во кои што креативно бев вклучен, а кои што сѐ уште не се објавени.

Моментално работам, не само како сценарист, ами и како илустратор, на два мои авторски стрип албуми. Едниот се вика „27 860“ и претставува интимна исповест на еден необичен средновековен свештеник, а другиот е детскиот стрип „Девојче на Месечината“ кој има и едукативен елемент. Се надевам дека наградата за најдобар стрип сценарист ќе ми помогне при објавувањето на овие стрип албуми. 

7.    Кажи ни за твоите почетоци? Кој те инспирираше, како почна сѐ?

Стрипови читам уште пред да знам да читам. Цртежите обградени од квадратчиња не само што ме фасцинираа, туку, во тоа време, ми беа најверен другар со кого што поминував неброени часови. Се сеќавам дека, пред распадот на Југославија, додека дистрибуцијата сѐ уште функционираше, со мајка ми редовно ги посетувавме трафиките за да купиме стрип. Тоа се убави спомени. Откако научив да читам, пак, интересно е дека најголемо внимание посветував при читањето на имињата на авторите. Дури и се обидував да ги запаметам. Приказните прикажани во стриповите, ја надминуваа мојата имагинација. За мене беше тешко сфатливо како некој може да создаде еден цел свет од ништото. Токму затоа тие луѓе, иако не им го знаев ниту ликот, ниту пак животната приказна, за мене беа вистински херои. Имајќи го ова пред вид, веројатно не е многу чудно што и самиот станав стрип автор.

Посериозно, како автор, во светот на стрипот навлегов во 2010 година, по еден спонтан разговор со илустраторката Весна Ничевска, со која договоривме изработка на два стрипа, од кои што првиот се закити со специјална награда на Стрип салонот во Велес, во организација на Стрип центарот на Македонија. 

8.    Каква е ситуацијата со стрипот кај нас во споредба со Балканот, па дури и во светот? Што преовладува повеќе, квалитет или квантитет?

Македонија е мала земја, следователно и мал пазар, а згора на тоа и стандардот на граѓаните не е висок. Па според ова компарации со светот, во кој што стрипот е мултимилионска индустрија, би можела да изгледа по малку разочарувачки. Меѓутоа според бројот на автори по глава на жител, како и според нивниот квалитет, мислам дека успешно им парираме на останатите земји во регионот, па и во светот. Од некои сме дури и децении понапред. Сепак мислам дека ние треба да се споредуваме не со другите, ами првенствено со самите себе, односно да се трудиме секоја година, во стриповски план, да биде поуспешна од претходната. А тоа, барем колку што јас ги следам случувањата на македонската стрип сцена, де факто и се случува. Иако не еднаш сме слушнале дека во Македонија нема стрип, сепак вистината е дека за да се купат сите стрип изданија објавени во Македонија, како и оние од македонски автори објавени во странство, годишно ќе ви треба да одвоите неколку стотици евра.

Само оваа и во изминатата година објавени беа десетина стрип албуми, меѓу кои „Ајвармен“, „Итар Пејо“ и „Различни светови“. Но тоа не е сѐ. Стрип изданијата, на македонски јазик, конечно се вратија на киосците благодарение на издавачката куќа М-Комикс, а веќе неколку години, во Скопје, функционира стрип книжарницата „Бункер“. Ми се чини и дека медиумите одвојуваат повеќе простор за деветтата уметност, за што доказ е и ова интервју. Од време на време има и по некое друго случување поврзано со стрип, а секоја година се одржуваат Стрип салонот во Велес и изложбата на стрип и илустраиции „Фантастика, научна фантастика, митови и легенди“ во Битола. Светол момент е и основањето на шкотската издавачка куќа “Komic Brew”, во која што барем половината од креативниот тим се стрип-автори од Македонија.

За крај би рекол дека македонската стрип сцена, и покрај сите свои недостатоци и маани, е полна со страст, жива, динамична и интересна за следење. Таа крие купишта тајни, некои почудни и од стрип приказна, кои чекаат да бидат откриени и претставени пред пошироката македонска јавност. Кога на мојата пријателка Елиза де Соуза, стрип-авторка од Португалија, ѝ раскажував за случувањата на македонската стрип сцена, ми рече: „вам многу ви е забавно, посакувам и кај нас да имаше толку многу стрип настани“.

No comments: