Wednesday, April 01, 2015

Меч, магија, колт & стетсон

Кога влогот е огромен талент, бескрајна љубов, како и неброени часови поминати во неуморно цртање, резултатот секогаш ќе биде достоен за восхит. „Меч, магија, колт & стетсон“ е токму тоа, нешто што ќе ве остави без здив.


Се работи за збирка од 20 црно-бели илустрации во формат А3, сместени во убаво дизајнирана папка, на познатиот македонски стрип автор и илустратор Игор Јовчевски. Тематиката на илустрациитe е вестерн и фантазија - жанрови во кои што Јовчевски признава дека најмногу му лежат за цртање.


Самите илустрации, како што Јовчевски кажува, се негова лична посвета кон луѓето кои влијаеле на неговото творештво и кои што за него претставуваат вечна инспирација. Меѓу нив се Жан Жиро, Џон Бјусема, Џон Форд, Серџо Леоне, Клинт Иствуд и други. 

Всушност збирката не  претставува ништо друго освен негова исконска исповест пред целокупната публика и се чини дека секоја илустрација, како резултат на неговото досегашно битисување, како да е откината од длабочините на неговата душа.


Илустрациите се од периодот 2010-2012 година, а за љубовта и посветеноста при нивната изработка говори и најситнитниот детаљ. Самата збирка, пак, е објавена, односно промовирана на 13 јуни 2012 година. 


Доколку сте ценители на уметноста, збирката можете да ја набавите во стрип книжарницата Бункер во Скопје. Прилично сум убеден дека ниедна од дваесетте илустрации, исто како и мене, ниту вас, нема да ве остави рамнодушни.

(Сите илустрации се дело на Игор Јовчевски и се 
од збирката „Меч, магија, колт & стетсон“)

No comments: