Во принцип немам обичај да одговарам на коментари насочени против некој мој став или напис, уште помалку доколку истите се злонамерни и без аргументи, но во случајов ќе направам исклучок.
Се работи за коментар објавен од „Братот“, на темата „Грбовите на Македонија - Македонска Хералдика!“ на формумот Кајгана.
Се работи за коментар објавен од „Братот“, на темата „Грбовите на Македонија - Македонска Хералдика!“ на формумот Кајгана.
Неговиот коментар е одговор на моето тврдење, објавено на овој блог во написот „Предлог грбот на Република Македонија правен според припишан грб на Александар Велики“[1], за тоа дека во написот во врска со предлогот за нов грб на Република Македонија, насловен „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“[2], и објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение, намерно е сокриено оти предлог грбот е работен според грбови припишани на Александар Велики (Александар III Македонски).
Коментарот на „Братот“ гласи:
„...штета за нашите кои сеуште патат од немање основно знаење и се лесна мета на пропагандите, па залудно е тоа што водат патриотски блогови кога истовремено велат дека не им било познато дека Грбовите со Лавот му биле припишани првенствено на Александар Македонски. И сега се многу изненадени, никој порано не им кажал.
Тоа е исто срамота како да не знаеш од каде потекнува сонцето од Кутлеш, го користиш цело време и после 20 години откриваш сопствена историја. Трагикомедија.“
Да одиме по ред. Во првиот дел на коментарот, „Братот“, како би го прикажал мојот став како „трагикомичен“, се служи со навреди и со дискредитација на мојата личност. Наместо, доколку не се согласува со мојот став, да понуди сопствени аргументи, тој изнесува фиктивни заклучоци засновани на негови претпоставки односно желби дека сум бил „лесна мета на пропагандите“ и дека сум пател од „немање основно знаење“. Сето до овде напишано од негова страна, во немање на контра-аргументи, е со цел преку навреда на „противникот“ и негова дискредитација, да го прикаже неговото мислење како неточно, односно индиректно да го прикаже сопственото мислење како исправно.
Наместо на интелегентен начин и со контра-аргументи да ме побие, односно да го побие мојот став, преку обиди за моја сатанизација, наводно како „мета на пропагандите“ и преку мое омаловажување за наводно „немање основно знаење“ се обидува да создаде впечаток дека мојот став е неточен, односно дека сите треба да се дистанцираат од истот тој став и да се оградат од мене како и тие не би станале „лесна мета на пропагандите“. Наместо нудење на рационален заклучок и со докази поткрепен став, тој преку емоционален изблик се обидува да создаде истомисленици, кои би застанале со него во редот против сатанизираниот „противник“ т.е. јас.
Всушност таквото не нудење на аргументи од негова страна и прибегнувањето кон дискредитација на „противникот“, односно моја дискредитација, е јасен показател за немањето на апсолутно никакви аргументи во побивањето на она што сум го напишал.
Во продолжение „Братот“ вели дека не ми било познато оти грбовите со лавот му биле припишани првенствено на Александар Македонски и дека сум чекал да ми кажат, нешто што доколку се провери ќе се види дека никаде го немам напишано. Ниту сум напишал дека не ми е познато оти тоа е така, ниту сум напишал дека ми е познато оти тоа е така. Покрај обидот за дефокусирање, во овој дел од неговиот коментар, тој се обидува да го изврти целиот мој став како би го прикажал како контроверзен, а мене како неук. Во неможност да го побие, тој го искривува во согласност со сопствените потреби при што посочува дека со таквиот искривен став кој ми го припишува мене, јас се побивам самиот.
Ако се побара да се види што напишав, ќе се забележи дека тоа ниту од далеку не е она што „Братот“ ми го припишува. Всушност она што го напишав и самиот тој го цитира, но како да не сака да го прочита и сфати. Да се видиме што напишав:
„Сепак она што, според мене, фрла дамка е криењето од македонската јавност дека предлогот за нов грб на Република Македонија е правен според припишан грб на Александар Велики.“[1]
Од ограничениот дел од мојот напис кој што тој го цитира не се дознава кој тоа крие, со што „Братот“ си остава простор за манипулации. Но ако се прочита целиот мој напис ќе се види дека станува збор за криењето на тоа дека предлог грбот е правен според припишан грб на Александар Велики, од страна на Македонското Хералдичко Здружение во написот кој што го имаат објавено во врска со предлогот за нов грб на Република Македонија. Ова јасно го пишува во мојот напис:
„Сепак она што ми се чини дека намерно е испуштено во написот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение е дека двата посочени грба всушност се припишани грбови на Александар Велики (Александар III Македонски).“[1]
Значи јас не се чудам зошто никој порано не ми кажал, како што „Братот“ злонамерно извртува, туку прашувам зошто се крие дека предлогот за нов грб на Република Македонија е правен врз база на припишани грбови на Александар Велики.
Дали ова е „патриотски блог“ како што „Братот“ вели, или пак не е патриотски блог е сосема небитно. Во случајов битни се фактите. А фактите говорат дека намерно, од страна на Македонското Хералдичко Здружение, а веројатно по нечија директива, се крие оти предлогот за нов грб на Република Македонија е правен според припишан грб на Александар Велики (Александар III Македонски).
Се поставува прашањето од каде знаеме дека ова се крие? Едноставно, не само затоа што никаде во написот за предлог грбот објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение не е спомнато името на овој македонски крал, туку и затоа што на објавените фототипи од двата грба врз база на кои што во истиот напис се тврди дека предлог грбот е изработен, текстот кој што стои над нив, а кој што е „Alexandre le Grand“ (Александар Велики) е пресечен на едната, односно намерно избришан на другата. Допуштам дека сечењето на токму тој дел од едната може да настане случајно, без намера, но бришењето на истиот тој текст од другата, во програма за графичка обработка, е индикатор дека тоа е направено со умисла. Такво бришење не може да стане по случајност.
Да погледнеме:
Припишаниот грб на Александар Велики, од грбовникот на Жером де Бара, со текстот кој што стои над него |
Истиот грб онаков каков што е објавен на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение во написот „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“ |
Од приложеното јасно се гледа дека текстот (Alexandre le Grand), од сликата објавена на сајтот на Македонското Хералдичко Здружение во написот „Владата го усвои предлогот за нов грб на Р. Македонија“ е избришан. Имајќи предвид дека такво бришење не може да настане „од само себе“, очигледно е дека се работи за бришење со умисла.
Уште повеќе е јасно дека бришењето е со умисла поради целиот склоп на околности, како и поради тоа што „Братот“ не понудил никакво објаснување дека не е така и наместо тоа се послужил со лични навреди.
Зошто текстот (Alexandre le Grand) е избришан, во моментов кога го пишував написот не ми беше познато и само понудив претпоставки. За разлика од тогаш, сега до мене стигнаа некои информации. И кога го пишував написот, а и сега јас стојам на ставот дека во врска со вакви работи мора да постои транспарентност. За разлика од некои, јас мислам дека наместо да се крие од него, во врска со вакви случувања, на македонскиот граѓанин мора да му се соопшти целата вистина.
Потаму во својот коментар „Братот“ прави аналогија, која е несоодветна, имено затоа што ја темели на извртениот став кој ми го припишува мене и со тоа „трумфално“ финишира.
Иронијата да биде уште поголема, токму таквиот коментар, на оној кој што ме етикетира како „лесна мета за пропагандите“ е типично пропагандистички, имено со тоа што во себе содржи: дискредитација, дефокусирање, извртување на ставови и недостаток на факти.
[1] „Предлог грбот на Република Македонија правен според припишан грб на Александар Велики“, Интернет Македонец, 8 декември 2014
No comments:
Post a Comment