Thursday, September 25, 2014

Екстратерестријален живот - заклучок

6. ПОСТОИ ЛИ ЕКСТРАТЕРЕСТРИЈАЛЕН ЖИВОТ И ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Уште почудни идеи се изнесени во книгата “Антропичниот принцип” од французите Демаре и Ламбер. Според нив сите величини во универзумот се потчинети и програмирани да овозможат настанок на живи организми и на човекот како најсовршена форма на живот.

Се чини дека животот не е изолирана појава и земјата го нема ексклузивното право да биде единствената планета во бескрајниот универзум која што е населена од живи организми. Некои најнови истражувања од областа на астрономијата сочат дека во атмосферата на некои планети надвор од сончевиот систем се присутни градивните елементи за настанок на живот.

Според експериментот на Милер и сите подоцна правени експерименти доколку постојат неопходните хемиски елементи и физички параметри, настанокот на живот е само прашање на време. Според ова сосема е веројатно на тие планети да има живи организми.

Сепак дали животот може да настане само на начинот на кој што настанал на земјата и дали сите форми на живот и интелигенција се онакви какви што човекот ги познава е дискутабилно. На земјата делфините се доста интелигентни но немаат цивилизација.

Можеби екстратерестријалните цивилизации го надминале нашиот степен на техничко познавање и не испраќаат радио сигнали како што очекуваме ние, а комуницираат помеѓу себе користејки телепатија. Можеби напреднале толку многу што за нас е повеќе од фантастично и незамисливо.

Во книгата "Човечката деволуција", авторот Мајкл Кремо тврди дека секој организам деволуирал од духовно битие во материјална форма на живот. Можеби вонземјаните се духовна форма на живот што со денес познатата за човекот технологија не може да се регистрираат.

И покрај тоа што до денес истражувањата не дале убедителни резултати, на човештвото не му преостанува ништо друго освен да продолжи со потрагата по екстратерестријални форми на живот и интелигенција.

Можеби таму некаде далеку, на некоја милиони светлосни години отдалечена планета друга цивилизација слична на нашата се обидува да го најде одговорот на истото прашање: дали сме сами во универзумот?

Александар Стеванов

Крај на серијата статии "Екстратерестријален живот"

No comments: