Monday, June 09, 2014

Македонска Ризница, дваесет и трети број

Дваесет и трети број на електронското списание „Македонска Ризница“:


Почитувани,

Древниот кинески филозоф, мислител и мудрец Конфучие, во една прилика запишал: „Секој ден донеси по една кошница земја на едно место - и ќе изградиш планина“. Прилагодувајќи се на оваа негова максима и доследно применувајќи ја во своето работење, амбициозниот уредувачки тим на списанието „Македонска Ризница“ за само две години успеа да создаде прототип на популарно електронско списание, чиј растеж е повеќе од евидентен, а број на читатели и почитувачи сè поголем. Тивко и ненаметливо, но со многу сенс и посветеност, од месец во месец, од број во број, списанието се надградува и збогатува со нови содржини, токму по теркот на народната - дека здрава и убава куќа се прави врз здрави, стамени темели.

„Македонска Ризиница“ е буквално дом во кој „засолниште“ без ничие фаворизирање, подеднакво си наоѓаат креациите на проминентни , но и на надоаѓачки инвентивни творци и креативци со чиста мисла, кои допрва треба да го кажат својот збор во, повеќе умствени, уметнички и други научни дисциплини во кои се остваруваат.
 
Во Македонија силно се твори и интензивно се создава, зашто пред сè исторското, а потоа и културно- социјалното и општествено милје како непресушен извор на инспрација, кријат во себе уште многу загатки и тајни и кои чекаат да бидат обзнанети и обелоденети, на наше заедничко задоволство. Оттаму и немам никаква резерва дека и онака етаблираната електронска платформа озаглавена „Македонска ризница“ ќе прерасне во поголемо „огледало“, кое уште поинтензивно и во поголем обем ќе ги рефлектира македонските творечки дострели, исцртувајќи ја и збогатувајќи со нови сознанија, патеката на македонското битисување и опстојба од дамнина , па до денес.
 
Посакувајќи Ви да уживате во содржините што ги нуди, 23–от број на „Македонска Ризница“, топло ќе Ви ги препорачам насловите Илинденското востание и македонската еманципација од д-р Стефан Влахов Мицов, преведената статија од списанието „Илустрација Илинден“ за уништувањето на првата чета во Битолско поле, како и репортажата за манастирот Свети Јоаким Осоговски, сместен во пазувите на Осоговските планини во Крива Паланка.
 
Со почит, 
Жорж Поповски

No comments: