Tuesday, November 05, 2013

Блиски средби од трет вид со една обична госпоѓа со „надприродни моќи“

Пред околу половина дузина години, сосема случајно разбрав дека во зградата во која што во тоа време живеев, речиси година дена била сместена и некоја јасновидка со надприродни моќи. Се зачудив како за тоа дотогаш не бев слушнал ама баш ништо, а мојата пријателка која што ми ја сподели оваа информацијата, ми се чини дека се зачуди дури и повеќе. Не, тоа не беше поврзано со што и да е околу јасновидството, за неа тоа беше нешто сосема секојдневно. Нејзиното чудење се должеше на фактот што не си ги познавам соседите. Знаете, се покажа дека со јасновидката живееме на истиот спрат, со влезни врати оддалечени едвај десетина метри.

Никогаш претходно немав било какво лично искуство со пророкување на иднината. Веројатно затоа сево ова ми се виде интересно, па уште веднаш ја замолив заедничката пријателка кога ќе биде послободна да нè запознае. За неколку дена така и се случи, се најдов на гости кај мојата соседка јасновидка.

Беше тоа енергична, средовечна жена. Зборуваше со некаков источноевропски акцент и имаше аристократски манири. Веднаш по краткото формално запознавање ја започнавме сеансата. Ми се чини дека таа беше дури и понетрпелива од мене.

Причината поради која што сакав да се запознаам со неа всушност не беше затоа што имав некој посебен интерес за пророкување на мојата иднина. Тоа беше повеќе за и практично да пробам да разберам дали навистина госпоѓата има надприродни моќи какви што се тврдеше дека поседува. И така додека таа ме анализираше на метафизичко ниво, јас ја проучував нејзе од чисто психолошки аспект.

Да се разбереме, таа не беше од оние јасновидки кои што тоа го прават за да изнудат пари и за било каква материјална добивка. Иако ја прашав, воопшто не сакаше ни да слушне да ѝ се плати. Ми се чини дека тоа што го правеше на некој начин ја усреќуваше и ја исполнуваше со радост.

Самиот разговор со неа течеше исклучително пријатно. Набргу стекнавме взаемна доверба, па покрај спиритуалните теми, разменивме и по некој муабет од секојдневниот живот. Ми кажа дека целиот тој месец имала страшна главоболка поради тоа што некои си Руси од погорниот спрат пуштале гласна музика. Рече дека не може да сфати како и тие ја немаат истата главоболка, како воопшто можат секој ден да ги слушаат истите песни.

Надвор веќе се беше стемнило и по речиси два часа сеансата конечно заврши. Причината за крај беше поради тоа што госпоѓата мораше да го прибере багажот и покуќнината. Да, тој ден ѝ беше последниот од престојот во тој стан. Се тешко срце се поздравивме, небаре се знаеме цел живот, по што си тргнав. Па сепак нешто во мене сè уште не сакаше да стави точка. Како да имав потреба да потпрашам уште нешто, како да сакав да слушнам уште некоја нејзина животна филозофија. По неполни пет минути повторно ѝ затропав на вратата. Веројатно таа си помисли дека нешто сум заборавил, но не беше така. Се понудив да ѝ помогнам во пакувањето и расчистувањето, што таа со радост го прифати. И така додека расчистувавме, за работата полесно да врви, ги продолживме истите муабети на истите оние спиритуални теми.

Беше интересно дека година дена живееме на истиот спрат, а се среќаваме дури на ден пред таа да се исели од таму. Се сеќавам дека ми рече оти тоа сепак било некаков знак, рече дека некоја виша сила токму тогаш нè поврзала, за таа мене да ми раскаже нешто од „зоната на самракот“, а јас нејзе да ѝ помогнам при преселбата. Се насмеав учтиво, можеби тоа и навистина беше некаков знак. Па сепак во главата не престануваше да ми се врти едно прашање - како воопшто можеше да знае што и да е за нечие минато или иднина, а притоа воопшто да не претпоставува кој е вистинскиот виновник за ужасната главоболка која што ја измачувала веќе цел месец.

Знаете, не Русите од горниот спрат, туку истиот оној кој што во тие моменти ѝ помагаше при преселбата, беше човекот што со глас пуштен до даска, со денови наназад, по безброј пати на ден ги преслушуваше истите песни од својот омилен MP3 диск.

No comments: