Saturday, April 06, 2013

Ѕвездени патеки

Веројатно првата научно фантастична серија која што (делумно) ја имам гледано е светски познатата „Ѕвездени патеки: следното поколение“ (Star Trek: The Next Generation), во која се расажуваат космичките авантури на капетанот Жан-Лук Пикард (Jean-Luc Picard) и екипажот нa вселенскиот брод Ентерпрајз (USS Enterprise NCC-1701-D).

Освен на тоа дека со огромно внимание го следев серијалот, од денешна перспектива не се сеќавам на ниедна епизода конкретно, освен на дваесет и третата „Зла кожа“ (Skin of Evil). За најголемите вљубеници на Ѕвездени патеки, оваа епизодата е најпозната по тоа што во неа [spoiler!] умира Наташа Јар (Natasha "Tasha" Yar), нешто што во тоа време ме збуни и ми изгледаше непотребно и вештачко. Сепак она по што најмногу ја паметам епизодата е чудовиштето Армус (Armus).

Серијата (веројатно само првата сезона), се емитуваше на првата програма на Македонската телевизија на почетокот од деведесеттите години на минатиот век, време кога телевизиската понуда во Македонија беше далеку поскромна.

Сепак за разлика од денес, кога царуваат турските сапунски серијали, тогаш низ македонскиот етер имаше релативно големо присуство на научко фантастични серии.

Во приближно истиот период се емитуваше и серијата „Капетан гром“ (Captain Power), а нешто подоцна (средина и втора половина на деведесетти) и „Супер полицаец“ (Super Force). Освен играните на оваа тематика имаше и документарни серии, како на пример „По двеилјадитата“ (Beyond 2000), и оние на Артур Кларк ("Arthur C. Clarke's Mysterious World") кои што се репризираа веројатно до почетокот на новиот милениум.

Се сеќавам дека на МТВ се емитуваа и анимираните серии (почеток на деведесети) „Роботека“ (Robotech) и (втора половина на деведесетти) „Коњаникот сабја и ѕвездените шерифи“ (Saber Rider and the Star Sheriffs), кои што можеби не би можело да се сместат во жанрот научна фантастика, но сепак се доволно близу.

Денес со напредокот на технологија, за да се гледа некоја серија не мора да се чека истата да ја емитуваат на телевизија, па благодарение на Интернетот пред некое време одново ги изгледав „Ѕвездени патеки: следното поколение“. И покрај тоа што имаат изминато повеќе од 20 години од нивното снимање, епизодите сè уште изгледаат свежо и интересно.


Морам да спомнам и дека омилен лик од „Ѕвездени патеки: следното поколение“ ми е Дејта (Data), а исто така од него е и мојата омилена фраза[1] од серијата. Којзнае зошто, веројатно затоа што ме потсетува на еден со децении стар, бесмислен спор околу името на една земја.

Dr. Pulaski: "Dah-ta, look at this."
Data: "Day-ta."
Dr. Pulaski: "What?"
Data: "My name, it is pronounced 'Day-ta.'"
Dr. Pulaski: "Oh?"
Data: "You called me 'Dah-ta.'"
Dr. Pulaski:  [laughing] "What's the difference?"
Data: "One is my name. The other is not."

Превод:

Д-р Пуласки: "Дата, погледни го ова."
Дејта: "Дејта."
Д-р Пуласки: "Што?"
Дејта: "Моето име, се изговара 'Дејта.'"
Д-р Пуласки: "О?"
Дејта: "Вие ме нарековте Дата.'"
Д-р Пуласки:  [се смее] "Па каква е разликата?"
Дејта: "Едното е моето име. Другото не е."

За сите оние кои што сакаат да прочитаат нешто повеќе за „Ѕвездени патеки“, за среќа постои блогот Мак Трек, кој, и покрај тоа што веќе некое време не се апдејтира, изобилува со информации за оваа серија.

[1] „Дете“ (The Child), прва епизода од втората сезона.

No comments: