Monday, February 25, 2013

Скапа, наспроти бесплатна туристичка промоција

На 20 февруари 2013 година (12:54) порталот ПлусИнфо го објави написот „Владата ќе го рекламира туризмот во Македонија преку Фејсбук“, во кој што пренесе дека Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија објавил тендер за набавка на услуги за промоција на Република Македонија како туристичка дестинација преку социјалните мрежи.

Земја како Република Македонија, која не може да се пофали дека е економски богата, особено во време на светска економска криза треба својот фокус да го насочи не кон плаќање на скапи реклами и рекламни кампањи туку кон бесплатниот (или ефтиниот) герила маркетинг.

А за тоа колку ги користиме бесплатните (или ефтини) начини за промоција ќе цитирам дел од еден мој напис објавен на 22 декември 2012 година, на овој блог (Бесплатна Интернет промоција на туристичка Македонија), за тоа колку сајтот за цилиндрични фотографии www.360cities.net е искористен:

„На мапата може да се види дека на овој сајт има поставено (околу) 59 фотографии направени на места во Македонија. Колку за споредба на сајтот се поставени дури над 1500 фотографии направени само во градот Истамбул со неговата непосредна околина.“

Апсурдно е во услови на неискористени бесплатни можности за промоција на туристичка Македонија, ние да плаќаме за да нè рекламираат. На Интернет освен гороспоменатиот веб сајт има и стотици други светски популарни веб сајтови за туристичка промоција, и милиони начини како истите да бидат искористени.

Скапоплатените реклами кампањи несомнено ќе вродат со плод, но затоа пак тие се скапи и со лимитирано времетраење, со што се доведува во прашање исплатливоста. Од друга страна пак, ефтините иако не постигнуваат инстантен резултат, сепак не ја чинат државата големи материјални сретства и опстојуваат подолго време па и со години.

Она што владата, по ова прашање би можела да го превземе е обука за (Интернет) промоција на нашата земја во соработка со невладините организации, вложување напори за создавање на соодветни училишни секции за промоција и вметнување на дел од таа програма во дел од постоечките секции, како на пример оние за фотографија, информатика, географија, историја и др. и поттикнување на промовирањето на Република Македонија преку годишни награди, разни конкурси и натпревари.

Со ова би се создала и култура за промовирање на македонските туристички убавини пред очите на светот, која што би траела барем една цела генерација. A доколку тоа не е доволно, платените рекламни кампањи ќе им стојат на располагање во секое време.

No comments: