Tuesday, January 15, 2013

Суштество со тело на змија и глава на жена

Пред околу петнаесет дена на повеќе македонски интернет портали, меѓу кои и Пулс24 [1] и MKD-news.com [2], беше објавен напис со видео и фотографии од мистериозно суштество со раце и глава на човек (жена) и тело на змија.



Од она што го најдов на Интернет, сепак се  работи за прилично стара вест од 2008 година [3], a можеби и претходно.

Околу веродостојноста на суштеството, исто така од она што го пронајдов на интернет, веројатно се работи за измама. Имено луѓе од Малезија, каде што наводно суштеството било пронајдено, тврдат дека луѓето на видеото не зборуваат на малај, јазик кој што е официјален во Малезија, туку на блаан, на кој што говори дел од населението од јужниот дел на Филипините [4].  Исто така луѓе кои што имале можност со свои очи да го видат суштеството (препарирано) тврдат дека се работи за измама [5], а ваквите сомнежи беа пренесени и во написот на MKD-news.com [6].

Уште повеќе верувам дека се работи за измама затоа што, од она што јас го имам како информација, ова не е потврдено од некој позначаен светски медиум, а нема ниту научна потврда и покрај  тоа што суштеството е достапно за анализа.

Без оглед дали се работи за измама или пак не, мене овој случај со мистериозното суштество со тело на змија и глава на човек (жена), ме потсети на нешто што пред околу 20 години ми го кажуваше еден мој роднина (Ј.К.). Кога еднаш бил на лов (во источниот дел на Македонија) му се појавило за него непознато животно, високо речиси колку човек. Имало тело на змија, а на главата долга коса како жена.

Веројатните објаснувања за неговата блиска средба со ова суштество се:

1. Мојот роднина свесно ме лажел дека видел такво суштество, што не верувам дека би го правел имајќи предвид дека не наоѓам никаков мотив за тоа, за настанот говореше нерадо и се работи за возрасен човек.
2. Поради оптичка измама она што го видел всушност не кореспондира со физичката реалност, односно само му се причинило дека видел голема змија со долга коса на главата. Има логика со оглед на тоа што, според неговото кажување, суштеството набргу се сокрило, но сепак не знам колку ова би било прифатливо, имајќи предвид дека знам и за други луѓе од Македонија (Скопје) кои што исто така тврдат дека имаат видено голема змија со коса на главата [7].
3. Едно од објаснувањата и веројатно најпосакувано од страна на криптозоолозите е дека се работи за сосема нов, непознат за науката вид на животно.
4. Можеби научно најприфатливо објаснување е дека се работи за голема змија (смок) од познат за биологијата вид, а косата видлива на нејзината глава дека всушност претставувала излупена кожа која останала прикачена во пределот на главата [8] или дека се работи за насобрана мов или трева.

Интересно е дека во македонските народни преданија се спомнува за исто такво суштество, голем смок кој што на главата имал долга коса. Се работи за предание запишано од страна на Марко Цепенков. [9]

[4] „Snake with a human head found in Malaysia“, www.themorningstarr.co.uk, 13 февруари 2010: (Elfred Kim Gravador-Pajigal Florida): „видеото не е од Малезија, туку од Филипини. Зборуваат на јазикот блаан“ (that video is not from malaysia. its from philippines. they spoke BILAAN language)
[5] „Snake with a human head found in Malaysia“, www.themorningstarr.co.uk, 13 февруари 2010: (Realiti Hidup): „Се работи за измама. Како знам? Бидејќи го донесоа во Малезија и ни го покажаа. Не верувам во ништо вакво ако не мрда“ (its fake.. how do I know? coz they bring to Malaysia n show to us.. don't trust anything like this if it don't move.)
[6] „Веднаш се појавија и информации дека фотографиите и видеото се лажирани во обид да се привлечат туристи.“
[7] Кајгана, 31 март 2008 (Wo Blow): „една жена вика оти зборела со змија, и тоа змија со коса“
[8] „Snakes and common misbeliefs“, userpages.umbc.edu: „(Мит:) Старите змии имаат коса на нив. Влакна не растат на змиите. Периодично змиите ја отфрлаат старата кожа, и во некои случаи дел од излупената кожа останува прикачена при што изгледа дека се работи за коса.“ (Hair does not grow on snakes. Periodically snakes cast of moult and if some moult remains, it appears like hair)
[9] „Калето Исар“, makedonskiotnarodengenij: „...Ха, беше си рекол човекот во себеси, еве сега дури го погодив, ја чекај да влезам внатре и да си ги наполнам пазувите и џебовите со алтани. Едно влегол во вратата во азното и што да види, братенце мило! Наместо алтани еден голем смок, завиткан в колак, колку едно гумно. Главата и опашката му биле кладени едно врз друго во среде колакот. Одвртел очи смокот како од некој страшен див бивол. Една остра коса имал смокот на главата како некоја свинска кострушика, толку долга му била што дури по сета снага му била растурена...“

1 comment:

Anonymous said...

Abe ne se plashete,toa e mojata zena izlezena od banja