На 3 ноември 1967 година, во 121-от број на „Никад робом“ (Nikad robom), објавен е стрипот „Доброволно во смрт“ (Dobrovoljno u smrt), посветен на Солунските атентатори, познати и како Ѓемиџии. Автор на текстот е плодниот македонски сценарист Илија Јордановски[1], а цртежот е дело на доајенот на македонскиот стрип Љупчо (Љубомир) Филипов (Филиповски)[2].
Во воведот на овој стрип, пишува:Драматичните априлски случувања во Солун, во 1903 година, се дело на група млади македонски револуционери, завршени ученици во солунската гимназија. Организирани во револуционерниот кружок „Гемиџии“, како што се нарекувале себеси, тие по пат на атентати сакале да укажат на светот за лошата ситуција во Македонија и со тоа да ги поттикнат европските држави на интервенција кон турската влада.
Во акциите за кои што станува збор, разрушена е зградата на Отоманската банка, запален е францускиот патнички брод „Гвадалкивир“ и извршено е мноштво на други атентати. Во тие драматични априлски случувања, доброволно пошле во смрт сите непосредни учесници, освен Павел Шатев, атентаторот на францускиот брод, кој што по акцијата бил уапсен. Еве ги нивните имиња: Јордан Поп-Јорданов - Орце, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Тричков, Владимир Пингов и Цветко Трајков.
Биле млади, помеѓу 18 у 22 години - само што зачекориле во животот.
Паднале за големото човечко дело - за слобода.
Благојче Андонов и Александар Стеванов
[1] Томислав Османли, Развој на стрипот во Македонија, седум децении стриповно творештво: Еден од нашите најплодни стрип-сценаристи, ИЛИЈА ЈОРДАНОВСКИ, своето прво сценарио го напишал 1967 година за стрипот „Сирма Војвода" објавен на 14 јули 1967 година во „Дечје новине". Јордановски, којшто работи сценарија за стрипови со тематика од поновата воена и револуционерна историја остварил завидна соработка со југословенските издавачи. Така, за едицијата „Лале" на „Дечје новине" ги напишал сценарија за стриповите: „Живе буктиње", „У опсади", „Црвени коњаник" (доживеа и второ издание), „Мали извиђач", „Подвиг на диковом пољу", „Под зидинама Оренбурга", „Пораз Мамаја", „Ледена гробница", „Драма у Синопу", „Хероји под Москвом", додека за едицијата „Никад робом" Јордановски ги напишал сценаријата за стриповите: „У непријатељском осињаку", „У обручу" ( и овој стрип ложивува две изданија). „Добровољно у смрт" (две изданија), „Пушкомитраљезац из Богдева", „Битка за нож", „У пламену револуције". Популарната едиција „Мирко и Славко" исто така донесува стрипови според литерарниот предложок на овој сценарист „Препад у ноħи", „Пред очима непријатеља", „Драгоцен плен", „Муњевита акција", „Препад на тенкове" и уште десеттина други сценарија. Првиот стрип објавен во Македонија по стриповски предложок на Јордановски се појавува во „Наш свет" во јануари 1972 година. Станува збор за стрипувана биографија за Гоце Делчев, по која следат стрипуваните биографии на истакнати илинденски револуционери и војводи: Јордан Пиперката, Ѓорѓи Сугарев, Леонид Јанков, Методи Патчев, Веле Марков, како стрипот за Солунските атентатори. Дел од овие стрипови беа објавени во посебни стрип-тетратки од едицијата Историска стрипотека „Епопеја". Во серијата „Посилни од смртта" во „Наш свет" беа објавени стриповите за народни херои од НОБ: Стив Наумов, Чеде Филиповски-Даме, Јосиф Јосифовски-Свештарот, Христијан Тодоровски-Карпош, Мирко Милевски, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, Панче Поповски, Боро Менков, Киро Атанасовски и Димче Мирчев, Александар Урдраревски-Станко, Киро Нацев-Фетак, Ванчо Прке-Сермен, Борка Талески-Горанов, Бајрам Шабани. Освен тоа, во серијата стрипови посветена на деца херои, овој наш неверојатнo продуктивен сценарист ги остварил предложоците и за стриповите посветени на Бошко Буха, Сава Јовановиќ-Сирогојно, Бошко Палковљевич-Пинки и Мика Босниќ. Една од основните одлики на сценаријата на Илија Јордановски и историографската веродостојност и авторскиот стремеж кон динамиката на сценаристичкиот материјал. Инаку, неговите стрипови повеќе години ги работел Љупчо Филипов, а потоа и стрип-цртачот Диме Илиев-Димано. Овој наш плоден автор, се занимава и со публицистика.
[2] Томислав Османли, Развој на стрипот во Македонија, седум децении стриповно творештво: Единствениот наш стрип-автор кој своето вешто цртачко перо му го посветува целосно на стрипот, како професионален стрип-цртач, е ЉУПЧО ФИЛИПОВ. Својот прв стрип под наслов „Мирко немирко" го објавувал во неделна стрип-лента, во весникот „Трудбеник" почнувајќи од 1961 година. Останувајќи и до смртта верен на „деветтата уметност", Филипов остварил редица стрипови што ги објавувал во публикации како во СР Македонија, во други југословенски весници и публикации, така и во странство. Така, во „Наш свет" го објавил стрипот „Самуил" како и серија стрипови со тема од НОБ и Револуцијата, во едицијата „Никад робом" на „Дечје новине" од Горњи Милановац серија стрипови од подалечното минато и НОБ, во легендарниот „Плави вјесник" гротескниот стрип „Напуштената куќа", во нашиот „Журнал" серија стрипови исто така со современа тема, во „Вечер" дневна стрип-лента со современа тематика, во „Студентски збор" со реалистички израз на теми од студентскиот живот, во „Остен" стрипови со хумористичка содржина, во „Политикин забавник" гротескниот стрип „Шврле", а во англиското списание Debbie, гротескниот стрип Gertie, во англиското списание Таmmy „реалистичкиот" стрип Weeler Delia, во Котелец серијата Котелевци, хумористичен стрип, како и „реалистички" стрипови со современа и со тематика од НОБ (стрипувани биографии на наши народни херои), во „ЈУ-стрип" стрипови со теми од подалечното минато, во „Мале новине" стрипови во реалистички стил на цртање и современа тематика, итн. Филипов создал повеќе јунаци како: Мирко Немирко, Драгомир, Котелевци, Герти, Шврле, Марко и Јана и др., а до сега соработувал со низа стрип-сценаристи: С. Темков, Д. Ташковски, К. Донев, И. Јордановски, В. Андоновски, Е. Проевски, П. Бакевски, Ж. Павлов, Е. Рустемагиќ и С. Маринковиќ. Овој наш автор поседува впечатлив цртеж со чиста линија. Во неговите стрипови присутна е допадливата рамнотежа на белите и црните површини, а кај стрип-таблите, се среќаваме со дизајнирањето на „квадратите" организирани во функција на јасната цртачка нарација. Филипов секогаш има обработен бек-граунд и сценографија. Не понесувајќи се од површни ефекти, авторот екстремно не ги динамизира ликовите, туку нив природно ги придвижува низ своите стрипови. Кај реалистичкиот израз се труди ликовите да ги обработува без особен стил, во желбата да се прикажат што поверно. Кај Филипов е, инаку, присутна желбата да се одржи истиот ритам на нарацијата од почетокот до крајот на неговите остварувања, тешко одлучувајќи се за експеримент во инаку јасниот цртеж, во интерес на поразбирливо стриповско раскажување. Некои од неговите определби се повлијаени од авторските искуства на Јулио Радиловиќ, Жарко Бекер, Џон Бернс, Френк Белами, Алекс Рејмонд и Џон Прентис. Филипов е добитник на први награди на конкурсите на „Плави вјесник" и „Стрип-арт". Тој инаку е дипломиран архитект, а работеше како стрип-цртач, дури и по напуштањето на работното место на уредник за стрип во редакцијата на „Котелец". Овој наш стрип-професионалец и секако значаен стрип автор повеќепати своите остварувања ги излагал во земјата и странство. Неговиот живот прерано згасна во втората половина на деведесеттите години.
[Дополнително] Tomas Makedonsson:
„Љубомир (Љупчо) Филиповски, беше и извондреден карикатурист. Архитект по професија, низ карикатурите во дневните весници доловуваше политички ситуации, кои во тоа време владеаа во СФРЈ. Поради една таква критика на тогашниот властодржец Никола Минчев, претставен како богот ФЕНИ, беше отпуштен од тогашната Нова Македонија, како неподобен. Комбинатот ФЕНИ беше еден од двата најголеми економски промашувања чија вредност беше околу 500.000.000. мил.$“
No comments:
Post a Comment