На 4 октомври 2012 година, од Сител телевизија беше пренесено дека бугарскиот политичар Ивајло Калфин се заканил со вето за евроинтеграциските процеси на Македонија и тоа под изговорот недобрососедски односи од македонска страна (Сител):
„Бугарија не се откажува од идејата да ја блокира Македонија во евроинтегративниот процес, доколку не добиела цврсти гаранции дека македонската политика е во функција на добрососедските односи.
Екс бугарскиот министер за надворешни, сега европатеник, вели дека во Софија постои политичко единство за тоа прашање и дека државата што побргу со стратегија ќе ја дефинира својата позиција за да ја натера Македонија да гради политика на доброседство.“
Се поставува прашањето за какви ли по ѓаволите добрососедски односи зборува овој човек. Во Македонија ниту сме тепале Бугари, ниту пак сме се заканувале на бугарската држава, напротив. Еве сега официјална Бугарија е таа која што од позиција на моќ, ѝ се заканува на Македонија со блокада на евроатлантските интеграции.
Во прилог на искрено подадената рака за пријателство од македонска страна ќе наведам само дел од настаните од последнава година. Ако требаше да ги наведам сите позитивни моменти во македонско-бугарските односи кои што се случиле и тепрва ќе се случат годинава, па и оние од претходните години, листата ќе требаше да ја пишувам до утре сабајле.
Годинешното Скопско лето ја имаше честа да го отвори Софиската филхармонија од Бугарија и истата покрај македонски изведе и дела на бугарски композитори (Утрински весник 20.06.2012, 18:03):
„На Светскиот ден на музиката и првиот ден на летото, 21 јуни, следејќи ја традицијата, почнува и годинашното 33. издание на културната манифестација „Скопско лето“. Свеченото отворање вечерва ќе се случи во Македонската опера и балет, кога во 21 часот концерт ќе одржи Софиската филхармонија под диригентство на нашиот Борјан Цанев. Како солист ќе се претстави виолинистката Ана Кондратенко, а на програмата се дела од бугарски и македонски композитори...“
Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?
Исто така на манифестацијата „Скопско лето“ се одигра и театарска претстава во продукција на театар од Бугарија (Утрински весник 17.07.2012, 17:58):
„На летната сцена на платото пред Универзалната сцена, вечерва во 21 часот, во продукција на театарот „Илкова “ од Софија, актерката Катерина Илкова ќе ја одигра претставата „Приказна од предиво“, од авторката и режисер Стефка Минева. Претставата е дел од „Скопско лето“, а организатор е Културно-информативниот центар на Бугарија.“
Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?
Во рамките на годинешното „Штипско културно лето“ имаше организирано и денови на бугарската култура (Ирис 06 јули 2012 18:21 Јулија Малинова) со учество на поголем број на гости од соседна Бугарија:
„Вчера во уметничката галерија безистен групата „Точка БГ“, со акустична музика и изведба на градски песни ги отвори деновите на националната бугарска култура во рамките на ШКЛ.
Софиската група годинава првпат се претставува пред штипјани, и се подготвува да го издаде вториот албум со староградски песни.“
На оваа манифестација присуствуваше и амбасадорот на Бугарија кој што се заблагодарува за можноста бугарски уметници да се презентираат пред македонската публика:
„Деновите на бугарската култура во Штип ги отвори градоначалникот на општина Зоран Алексов. Навистина ми е драго што овие две земји соработуваат и ни давате можност пред вашиот народ да презентираме дел од нашата култура изјави и амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Петков.“
Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?
Бугарски уметници годинава имаа изведба и во Пробиштип (Пробиштип 06 Јули 2012 ):
„Се известуваат сите граѓани на општина Пробиштип дека на 12 јули (четврток) со почеток во 21 30 часот на градскиот плоштад ќе се одржи концерт на староградска музика со оркестарот „Настроение“ кој ни доаѓа од Софија, Република Бугарија.“
Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?
Годинава на Стрип салонот во Велес гости ќе бидат и стрип уметниците од Бугарија - Сибила и Иван Коритареви. Иван Коритарев, минатата година беше добитник на нарадата Златен стрип на истата манифестација (Утрински весник ):
„Стрип-цртачот Иван Коритаев од Бугарија е добитник на наградата „Златен стрип“ на Меѓународниот стрип конкурс, кој е дел од традиционалниот Интернационален салон на стрип „Велес 2011.“
Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?
За какви добрососедски зборува Калфин? Има ли тој воопшто идеја? Или пак нарачано му е Бугарија да биде провокатор и кочничар на македонските евроатлантски интеграции, улога која што досега ја имаш Грција?
Наместо да ги истакне претходно споменатите настани и позитивно да ги оцени, тој самиот е креатор на недобрососедски односи помеѓу двата народа и држави! Се надевам дека разумните луѓе од Бугарија нема да подлегнат на неговите манипулации и лаги дека Македонија креирала недобрососедски односи и ширела говор на омраза кон Бугарија.
No comments:
Post a Comment