Wednesday, October 17, 2012

Хомосексуални бракови?

Изминатиов период, во медиумите, се објавија повеќе статии за противниците на т.н. „хомосексуален брак“, искористувајќи ја токму таа терминологија.

Сител, Реакции на барањата за хомосексуални бракови (16. октомври 2012 - 16:49):

„Склучувањето на законски хомосексуален брак не е ништо друго туку егзибиционизам . А хомосексуалците во Македонија никогаш не биле дискриминирани , туку напротив, со ова што  сега го прават  се дискриминаторски настроени кон сите кои не се хомосексуалци и децата.

Со ваки  ставови денеска се јавија дури 15 здруженија и невладини организации  кои најостро се спротиставуваат на легализацијата на хомосексуалните бракови.“

Всушност изборот на терминологијата „хомосексуален брак“, кој што во себе го вклучува зборот „брак“ е со задна намера и оние неутралните по прашањето на правата за хомосексуалците да се преобратат во лути противници на здобивањето со тие права на хомосексуалните парови.

Зошто? Затоа што „брак“ означува заедница помеѓу маж и жена, а со воведување на „хомосексуален брак“, се менува она што бракот по дефиниција е, а што само по себе најчесто наидува на негативен одговор од хетеросексуалните парови кои што се во брак.
 
За да се сфати сево ова треба да се знае оти хомосексуалците не бараат специфично правно решение кое ќе го носи називот „хомосексуален брак“, туку граѓанска заедница која ќе е правно регулирана како и тоа да не бидат дискриминирани.

Хомосексуалците бараат таква правна граѓанска заедница, не поради „егзибиционизам“ како што тврдат од некои невладини организации, туку, меѓу другото, и од практични причини, како што се на пример регулирањето на наследството и правното здобивање со роднинска врска која сама по себе евентуално би им користела во повеќе ситуации.

Жално е што наместо во општеството да се дозволи нормално развивање на дебата околу ваквото прашање, од врвот се инисистира на наметнување на нивното мислење врз сите граѓани.

Курир, Граѓаните против хомосексуални бракови (Вторник, 16 Октомври 2012 17:25):

„Граѓаните масовно застанаа зад владиниот став по прашањето за хомосексуални бракови и посвојување на деца од хомосексуални парови. На ваквата одлука единствено се спротивставија здруженијата кои ги поддржуваат хомосексуалците, Хелсиншкиот комитет и Институтот Отворено општество.“

Од Курир, веројатно намерно, повторно користат збунувачка терминологија со цел да се навлечат што е можно поголем број на противници на здобивањето на правото „граѓанска заедница“ на хомосексуалците. Имено велат „кои ги поддржуваат хомосексуалците“. Не се работи за поддржување на хомосексуалците, туку за поддржување на барањата на хомосексуалците за здобивање на одредени права кои незадолжително означуваат дека хомосексуалците се поддржувани во целина, па и во нивната сексуална ориентација.

Тоа што две возрасни индивидуи го прават во кревет, со взаемна согласност, си е нивна работа и не е предмет ниту на поддржување ниту пак на осуда.

Еве, јас лично не сум поддржувач на хомосексуалците, исто како што не сум подржувач на хетеросексуалците. Но факт е дека ние хетеросексуалците ги уживаме правата кои што сметаме дека треба да ги имаме и кои што ни се потребни од практични причини, додека хомосексуалците се лишени од таквите права кои што практично би им користеле во секојдневниот живот.

Исто непотребно, а со задна намера, се спомнува правото на посвојување од хомосексуални парови (Курир):

„-Не се сложувам да посвојуваат деца! Нормално е децата да живеат во здрава средина, со мајка и татко!

-Не треба да посвојуваат. Децата нема да знаат кој им е мајка, кој татко и ќе имаат проблеми додека растат.

-Не би дозволил да посвојуваат деца. Тие луѓе неможат самите себе да се пронајдат, а камоли детето!

-Како тие луѓе ќе чуваат дете? Кој ќе го дои? Како ќе го растат, не ми е јасно!

Ова се само дел од ставовите на граѓаните.“

Правно регулирана „граѓанска заедница“ меѓу две лица од ист пол незадолжително означува дека во себе ќе вклучува и можност за посвојување на деца. Сепак свесно, од противниците на здобивање со одредени права на хомосексуалците, посвојувањето се користи за истите тие права да не бидат ниту делумно овозможени и подршката кај граѓаните за одредени барања на хомосексуалците целосно да се поткопа.

А.С. Авторот на горниот напис не е хомосексуалец и никогаш не бил хомосексуалец, па сепак ги подржува во нивните напори за здобивање на одредени права.

No comments: