Thursday, October 11, 2012

Наградени стрипови на конкурсот на СЦМ-Велес

Во организација на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, од 12 до 14 октомври ќе се одржи традиционалниот меѓународен салон на стрип. На овој десетти јубилеен салон, признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ ќе им биде врачено на Киро Донев, кој беше долгогодишен уредник на списанието „Наш свет“ во кое се објавени поголем број стрипови, и на редакцијата на „Детска радост“.

На меѓународниот конкурс кој што е дел од десеттиот интернационален салон на стрип „Велес 2012“, првата награда „Златен стрип“ ќе му биде доделена на авторот Стеван Субиќ од Србија за неговото дело „Трагови“. Второто место ќе им припадне на Марко Стојановиќ (сценарио), Марко Врандечиќ (цртеж) и Дамјан Михаилов (колор) за стрипот „Најамник“, а третото на Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж) за стрипот „Кула“.

За стриповите на кои што се потпишува како сценарист, Марко Стојановиќ од Србија е добитник на дури три награди, меѓу кои и онаа за најдобро сценарио.

„Мене секогаш ми е голема чест кога добивам награди, бидејќи тоа значи дека мојата работа се цени. За Македонија и македонскиот стрип воопшто, ме врзуваат убави сеќавања. Кога и да сум дошол во Македонија по повод стрип, сум бил дочекуван добро. Кога и да сум соработувал со македонски стрип автори секогаш сум бил задоволен од резултатите. Таков е случајот и со овогодинешниот второнаграден стрип „Најамник“, правен по мое сценарио, кој што го боеше македонскиот стрип автор - Дамјан Михајлов од Скопје.

Што се однесува до Велес, таму сум стар гостин. Гостував и на вториот салот, а до сега сум добитник на десетина награди, меѓу кои и првата, освоена на стрип салонот во 2009 година.“ - вели стрип сценаристот Марко Стојановиќ.

На салонот ќе бидат доделени и специјални награди за стриповите „Break on through“ на Весна Ничевска Саравинова (цртеж) и А. Стеванов (текст) и „Вучји стид“ на Вања Урукало Онирик. Годинава за најдобро дебитантско дело е избран стрипот „Марко Крале и три наречници“ на Емилија Божиновска и Стојче Тоциновски, а со наградата за најдобар учесник до 18 години ќе се закити Џокшун Аџијевски од Скопје, за стрипот „Бесмртен“.

Од СЦМ-Велес потенцираат дека оваа година, се пристигнати рекордни 138 дела од 26 земји, а авторот на стрипот „Предисториска криенка“, седумгодишниот велешанец Лука Мидоски е најмладиот учесник на интернационалниот конкурс.

А.С. Mkd-news.com

No comments: