Friday, September 28, 2012

Зошто требало да се воведат нови гардиски униформи?

Како одговор на моето тврдење дека нема потреба од воведување на нови гардиски униформи најчесто го слушав контрааргументот оти било неопходно затоа што старите униформи не биле практични. Имено на војниците кои што ги носеле летно време им држеле многу топло (Журнал):

„Гардистите на АРМ на летни температура се онесвестуваа во своите сегашни униформи скроени од дебело платно.“

Во тој случај Британците треба први да ги сменат нивните униформи, но не го прават тоа? Зошто? Затоа што знаат да ја ценат сопствената традиција и знаат колкава е нејзината вредност.

Искрено се сомневам во тврдењето дека гардистите на летни температури се онесвестувале во нив (летно време во Македонија и гол да одиш пак ќе ти биде жешко), а дури и да е така можело само да се смени материјалот од кој што се направени, односно униформите да се изработуваат од некој потенок материјал. И самото тврдење на Ношпал го кажува тоа, им било жешко во нив затоа што биле „скроени од дебело платно“, скрои ги од потенко платно и решен проблем, не е некоја голема филозофија.

Сега кога македонската армија конечно има нови униформи што не држат толку топло, се плашам дека на некој иден гениј може да му текне да ги смени затоа што зимно време на гардистите не им држеле доволно топло.

А околу практичноста се поставува прашањето, колку всушност се практични новите униформи? Нивната практичност ја покажува фотографијава (MKD.mk):

При салутирањето на војникот не само што целата се искривува во предел на ременот, туку и му го открива половинчето. Ако го фотографирале однапред можеби ќе му се видело и папочето.

Дали е тоа свечена униформа на една армија или пак работно одело на стриптизер. Замислете ситуација - му салутираат на генералот со голо стомаче.

Зарем вака треба да изгледа една свечена воена униформа која е со намера да одразува чест, сигурност, гордост и достоинство и кај граѓаните да побудува почит кон сопствената армија?

Заменик министерот за одбрана Емил Димитриев за Вечер има изјавено:

„Гардиската униформа е најсвеченото обележје на една армија. Таа е репрезент и таа е ликот на армијата.“

Гардиска униформа во која на војниците им се познава половинчето е ептен добар репрезент за македонската армија. Алал нека им е.

До истата ситуација припадниците на Армијата на Македонија во истите овие униформи беа доведени и при свечената смена на знамето - PlusInfo. Жално!

No comments: