Wednesday, August 01, 2012

Македонија во милион зборови преку фотографиите на Куни Јансен

Во 2001 година на Македонија ѝ се случи воениот конфликт на кој денес нерадо се присетуваме и кој долгорочно резултираше со илјадници раселени лица, меѓу кои и многу деца. Приказните на овие подзаборавени невини детски души, преку фотографии рамни на милион зборови ги има раскажано Куни Јансен (Cuny Janssen).

Куни Јансен е холандска фотографка која зад себе има поголем број на изложби, награди и книги со збирки фотографии. На нејзините фотографии, кои што таа ги има направено низ целиот свет, од САД до Индија, од Норвешка па до Јужна Африка, најчесто се забележуваат детски лица и пејзажи.

За ова таа вели (Die Photographische Sammlung):

„Природата и децата насочуваат кон иднината, според мене тоа е она што ги поврзува.“

"Nature and children direct to the future, that is what connects them in my opinion."

По освојувањето на втората награда на Prix de Rome во 2002 година, таа решава нејзина наредна фотодестинација да биде нашата Македонија која во тоа време полека заздравува од конфликтот. Оваа нејзина одлука да ја посети Македонија е индиректен одговор на сугестија на познатиот италијански фотограф Оливеиро Тоскани (Oliviero Toscani).



Куни пристигнува во Македонија во 2003 година и овде во продолжение на неколку месеци ги посетува и преку фотографија овековечува раселените дечиња и македонските пејзажи. Дел од преубавите фотографии на Куни, направени во Македонија, во 2004 година се објавени во книгата едноставно насловена како „Macedonia“ (Македонија).

Од сајтот www.claxtonprojects.com, книгата ја опишуваат на следниов начин:

„Македонија претставува нежен и драгоцен портрет на проблематичната балканска држава, рефлектирајќи на нејзиното болно минато и во исто време алудирајќи на посветлата иднина.“

"Macedonia is a tender and endearing portrait of the troubled Balkan state, reflecting on its painful past whilst at the same time alluding to a brighter future."

За децата од овие фотографии направени во Македонија Арно Хаијтема (Arno Haijtema) во холандскиот весник De Volkskrant од 6. мај 2004 година ќе напише:

„Кога гледаат во вас, нивните изрази на лицата рефлектираат искуство, вид на мудрост која во споредба со нивната детска возраст делува застрашувачки.“

"When they look at you, their expression reflects experience, a kind of wisdom, which is frightening because it is so at odds with their young age."

Овие фотографии претставуваат и ретко историско сведоштво за ранливоста на искрената детска душа и универзален потсетник за веќе ниедно дете во Македонија да не стане жртва на воени немири и крвопролевање.



Куни Јансен, која што ја контактиравме, се согласи и на интервју во врска со нејзината посета на Македонија, но нам не ни преостануваше да ја прашаме ништо затоа што фотографиите кои што таа ги има направено овде кажуваат сè.

Автор: Александар Стеванов.

Информациите се благодарение на сајтот на Куни Јансен - www.cunyjanssen.nl

Благодарност до Zoki Lou

Фотографиите се од книгата на Куни Јансен - Македонија. Преземени се од сајтот www.claxtonprojects.com

No comments: