Saturday, May 05, 2012

Исламистички радикали или терористи на УЧК?

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за време на прес конференцијата од први мај во врска со осомничените за петкратното убиство (Нова Македонија) изјави:

„Уапсените сите до еден се следбеници на радикалниот ислам. Знаат да користат оружје. Војувале во Авганистан и во Пакистан на страната на талибанците, против силите на НАТО. Полицијата пронајде оружје, но дали некое од нив било употребено во убиството треба да се види од вештачењето, кое сѐ уште не е завршено...“

Иако осомничените можеби се исламистички радикали (следбеници на радикалниот ислам), сепак според фотографиите пронајдени при нивното апсење (фото долу*), поприкладениот термин за нивно ословување ми се чини дека е сосема друг.

Го гледате ли натписот „УЧК“ и фотографиите на терористи?

УЧК не е исламистичка радикална група, туку националистичка (етничко-албанска) сепаратистичка (паравоена) терористичка организација?

За време на акцијата пронајдени се и други предмети кои што посочуваат дека осомничените за петкратното убиство имаат поврзаност со УЧК (Сител):

„Кај 60 годишната Фериде Билали од Отља биле пронајдени голем дел на муниција и куршуми, рамки за автоматска и полуавтоматска пушка и реденици за пушко митролез.

Во нејзиниот дом имало и радиостаници, маскирни панталони, кошули, ранци, амблеми, легитимации и албум со ознаки на УЧК.“

И на вчерашниот протест на „исламистичките радикали“ за ослободување на осомничените за убиствата кај Смиљковци, меѓу другото беше скандирано и „УЧК“ (Вечер):

„Најавениот протест, кој беше најавен и кој започна веднаш по пладневната петочна молитва во Јаја пашина Џамија, собра стотици протестанти кои од Џамијата се упатија кон судските згради. Извикувајќи "Албанците не се терористи", "Голема Албанија", "Господ е голем", "УЧК", "Убијци" околу 13 часот група граѓани се упатија кон судските згради...“

Се поставува прашањето: кои нормални луѓе протестираат за ослободување на осомничени за петкратно убиство за кои постојат куп материјални докази дека припремале, односно извршиле терористички напад. Кои нормални луѓе во своите домови незаконски држат автоматско оружје, муниција и униформи освен ако не планираат терористички напади?

Знаејќи што УЧК претставува сите овие што на протестот го скандираа нејзиното име и извикуваа „Голема Албанија“ има основ и кривично да се гонат поради повик за загрозување на уставниот поредок и повик за промена на границите на Република Македонија.

Се поставува и друго прашање: зошто на протестот беше извикувано „Албанците не се терористи“ кога никој од државниот врв (вклучително и од МВР) не изјави дека Албанците се терористи. Министерката за внатрешни работи дури и одби да ја коментира етничката припадност на осомничените за петкратното убиство и истите не ги поврза со терористичката албанска организација УЧК.

Всушност негирањето дека Албанците се терористи во услови кога никој од државниот врв не обвини дека се, фрла петно на сите етнички Албанци во Македонија и тоа по вина на оние кои протестираа.

Од FB групата Македонци во врска со припадноста на осомничените за петкратното убиство и изјавите на припадниците на МВР уште на први мај порачаа:

„Радикални Исламисти ? Поради страв од разгорување на етнички тензии МВР спроведува класичен обид за затскривање на вистинските мотиви во убиството кај Смиљковци.

Делото не е верски, туку етнички и политички мотивирано. Целта: заплашување на македонското население, меѓуетничка дестабилизација, попуштање во преговорите за името, Голема Албанија.“

Вистината и именувањето на нештата со вистинскиот назив мора да бидат посилни од стравот. Поради вештачко смирување на состојбата вистината не смее да биде жртва, затоа што кога тогаш кажаната лага самата ќе си се наплати и тоа на наша штета.

Ова убиство на петтемина недолжни македонски граѓани можеше да не се случи доколку по конфликтот од 2001 година терористите од УЧК наместо да бидат амнестирани беа исправени пред лицето на правдата. Македонските власти тогаш го избраа навидум побезболниот и полесен пат, но сето тоа денес ни се враќа како бумеранг.

*Фотографијата е преземена од FB групата Македонци © Фотографиите се превземени од видеото на МВР за акцијата „Монструм“ со кој беа приведени над 20 осомничени за петкратното убиство кај Железарското Езеро близу Смиљковци.

No comments: