Saturday, March 24, 2012

Нова држава на местото на Република Македонија

Колумна со наслов „Нова држава на местото на Република Македонија“ (Нова Македонија 20.3.2012) на Мирка Велиновска од која го издвојувам следниот дел:

Оти, да не се лажеме, прифаќањето ново име значи бришење на историските факти од 1944 година до денес, а со тоа и уривање на државните темели. Формирањето нова балканска држава ги актуализира и ги прави реални аспирациите на големоалбанските идеолози и стратези што имаат свои побарувања на сметка на оваа Република Македонија. Ама и на другите соседи. Што ако во таква ситуација политичарите-Албанци кажат дека не сакаат да бидат дел од новата држава? Повод лесно може да се искреира, што видовме и во изминативе месец-два.

А за тоа колку многу се согласувам со овој нејзин став дека евентуално ново име ќе значи и бришење на оваа држава во која живееме и поставување на нова држава на нејзино место, ќе се самоцитирам (16 јуни 2009):

Мојот став е дека доколку дојде до преименувањето на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА по автоматизам тоа ќе доведе и до исчезнување на земјата во која живеам и до промена на мојот идентитет... Доколку се стигне до промена на името, а со самото тоа и до промена на мојот идентитет и идентитетот на сите мои сограѓани, уште сега Ви најавувам дека во тој момент ќе сторам се што е во моја моќ за да Ве спречам. Затоа што од тој момент јас ќе бидам човек без идентитет и граѓанин без држава, кој во никој случај нема да припаѓа на таа нова држава со ново име. Јас сум и ќе останам лојален граѓанин на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА и ќе сторам се што сметам дека е неопходно за да го спречам преименувањето, а со тоа да го спречам и уништување на државата на која и припаѓам. Оние кои ќе се осмелат да ја уништат нашата држава РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА и на нејзино место да инсталираат некоја нова земја со ново име ќе ги сметам за окупатори.

No comments: