Thursday, March 01, 2012

Анализа - Закон за знамињата на заедниците

Знамето на Република Албанија под изговорот дека е етничко албанско знаме со години наназад се вее во општините во Република Македонија каде што етничките Албанци се мнозинство. Ова е спротивно на македонските закони пред сè затоа што тоа е идентичко со знамето на Република Албанија, а според македонските закони странско знаме не смее да се вее на територија на Република Македонија со исклучок при посети на високи функционери од таа земја.

Од неодамна е надополнет и Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија (од 2005)

Ваков сличен закон беше донесен и во 1997 година и истиот падна на Уставен суд во 1998 година.

Иронично е тоа што партијата (ВМРО-ДПМНЕ) која тогаш беше против ваквиот закон поради "оценката дека го руши основниот принцип на еднаквост на граѓаните, гарантиран со Уставот" и беше една од партиите која ја поднесе иницијативата за преиспитување на уставноста на "Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености" сега го подржа овој речиси идентичен закон.

Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана на 18 ноември 1998 година по повод "Законот за употреба на знамињата преку кои припадниците на националностите во Република Македонија го изразуваат својот идентитет и националните особености" истиот ќе го укине како противоуставен и ќе каже (врска):

"Ваквата формулација на одредбата, според Судот, не остава простор ниту можност за постоење на закони со кои припадниците на националностите, кои живеат на територијата на Република Македонија, а чии матични делови, по правило, живеат во други земји ќе го изразуваат својот суверенитет со државни симболи (знамиња) на матичната земја."

Понатаму Уставниот суд вели:

"Судот оцени дека одредбата од членот 48 од Уставот гарантирајќи им го правото на припадниците на националностите да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и национални особености се однесува на негување, изразување и развивање на нивните обичаи, култура, јазик и традиции, преку културни и уметнички институции, научни и други здруженија, што не значи дека во оваа група може да се подведат правата на државни симболи на матичните земји како што се грбот, знамето и химната."

Што значи дека етничките заедници во Република Македонија не можат да го употребуваат знамето на нивната матична земја како нивно етничко знаме регулирано со македонски закон (што не значи дека истото не можат да го употребуваат неформално).

Истото јасно се потенцира во понатамошниот текст од одлуката на Уставниот суд:

"И кога под правото на припадниците на националностите слободно да го изразуваат својот етнички идентитет би се подразбирало исклучиво изразување на националната припадност, тоа сепак според оценката на Судот не може да значи дека истото ќе го вршат преку национално знаме кои сами ќе го определуваат, а уште помалку таквото знаме да може да се совпаѓа со знамето на друга држава."

Во 2007 собранието донесува Закон за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија (врска) на кој што Уставниот суд во 2007 укинува некои членови, но сепак смета дека (врска):

"Оттаму, за Судот не беше спорен изборот на знаме на друга држава како знаме кое ќе служи за симболизирање на идентитетот и особеностите на одредена група на припадници на заедници кои не се мнозинство во Република Македонија бидејќи така избраното знаме не би можело да го загрози суверенитетот и државниот интегритет на Република Македонија се до тогаш до кога во неговата употреба ќе значи само изразување припадност на одредена заедница во функција на Амандманот VIII на Уставот. "

Зошто за уставниот суд во 2007 година не е проблем знамињата на етничките заедници да се идентични со знамињата на одредена земја и покрај тоа што истиот тој суд во 1998 година:

"според оценката на Судот не може да значи дека истото ќе го вршат преку национално знаме кои сами ќе го определуваат, а уште помалку таквото знаме да може да се совпаѓа со знамето на друга држава."

Ќе се најде ли човек кој што до Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за преиспитување на уставноста на законот и уште поважно дали уставните судии ќе се одзват како луѓе или пак правната држава ќе продолжи да се погазува од политички договори за зачување на коалиции и фотељи.
Зошто законот тогаш не бил во согласност со уставот, а во 2008 е уставен, односно зошто во 1998 година знаме на етничка заедница не можело да е идентично со знаме на држава, а во 2007 одненадеж можело и не се нарушувал суверенитетот.

Измената на уставот на Република Македонија дава право националностите да ги негуваат своите симболи (врска):

"Со Амандманот VIII на Уставот ("Службен весник на Република Македонија" бр.91/2001) членот 48 од Уставот се заменува и гласи:

Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница (став 1)."*

Но сепак тоа не дава право да се вее знаме на странска земја со што се повредува суверенитетот на Република Македонија. И не е јасно од каде на каде Уставниот суд веењето на знаме на странска земја не го гледа како противноуставно односно дека не го нарушува суверенитетот на Република Македонија.

Значи не е спорно тоа етничките Албанци во Македонија да имаат нивно етничко знаме, туку спорно е што тоа знаме е идентично со знаме на држава. Знаме на држава не може да се употребува за знаме на етничка заедница надвор од таа држава и истот мора барем по нешто да се разликува.

Пример се Македонците во Србија. Тие за свое официјално знаме го имаат златното 16 крако сонце обиколено од златен прстен, на црвена позадина (значи различно од знамето на државата Македонија).

Знаме на соседна држава на територија на Република Македонија е нарушување на суверенитетот на Република Македонија (освен при посета на претставник од таа земја), што мора да се спречи.

-------------

*Во првиот Устав членот 48 не ги вклучуваше националните симболи (врска):

"Припадниците на националностите имаат право слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености.Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националноститe."

I-Macedonian.Blogspot.com

No comments: