Monday, January 30, 2012

Верската омраза е казнива според закон!

На 29 јануари Канал 5 соопшти за:

Нови инциденти во Струга - уништен четириметарски крст, каменувана амбуланта

Синоќа повторно бурна ноќ. Не стивнуваат инцидентите во струшко. Во селото Боровец засега непознати вандали го уништиле четириметарскиот крст од црквата Света Богородица. Дрвениот крст бил искршен на безброј парчиња во дворот на храмот.

Интернет порталот Кирилица денес (понеделник, 30 јануари 2012) извести за уште еден обид за разгорување на верска омраза во струшко:

Каури, за вас само смрт“ напишано на црква во струшко. Непознати сторители, доцна синоќа испишале погрдни графити на ѕидот на црквата „Св. Никола“, во струшкото село Октиси.

Ваквото поттикнување на верска (и национална) омраза и излагање на подбив на верските симболи е казниво според Кривичниот законик на Република Македонија (Службен весник на РМ 37/96) Член 319 (1):

Тој којшто со присилба, малтретирање, загрозување на сигурноста, излагање на подбив на националните, етничките или верските симболи, со оштетување туѓи предмети, со сквернавење споменици, гробови или на друг начин ќе предизвика или ќе разгори национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост, ќе се казни со затвор од една до пет години.

Очекувам сите партии во Македонија да ги осудат овие вандализми, пред сè партиите на етничките Албанци, како би дошло до индивидуализирање на вината, а не распределување на истата на сите етнички Албанци во Македонија.

Очекувам полицијата да си ја заврши својата работа со откривање на извршителот на ова недело.

Очекувам јавниот обвинител да си ги засука ракавите за виновникот (виновниците) да си ја добие законската казна.

Во исто време очекувам Исмаили Минир од селото Шум (Канал 5 Соња Рилковска), кој што заработи пријава поради палењето на македонското знаме* да си ја добие заслужената законска казна за навреда на Република Македонија и нејзиното знаме.

Сквернавењето на знамето на Република Македонија е казниво според кривичниот законик на Република Македонија и изнесува од три месеци до три години лишување од слобода.

Кривичен законик на Република Македонија, член 178:

Тој којшто со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Лудилото кое се манифестира со палење на македонското знаме мора еднаш засекогаш да се запре.

*Во Струга запалено македонското знаме, 24 вести, сабота, 28 Јануари 2012

5 comments:

Dalibor said...

Море треба и казните да се зголемат на минимум 5 до 10 години без можност на помилување,со ова од 3 месеци до 3 години ништо не правиме бидејќи после неколку месеци ќе ги помилуваат и пак иста приказна.

Anonymous said...

Todor Petrov

Верувам дека секој разумен човек ќе ги осуди настаните во Струга, Лабуништа и Октиси, наводно поради Вевчани. Знаете како велат, ѓаволот не избира средства за да најде повод. Тие прашања не се решаваат со толпа на улица и фрустрации на интернет. Сите заедно, на секој начин ги анимираме надлежните органи. ТИЕ се должни ваквите инциденти да ги детектираат, изолираат, елиминираат и санкционираат, превентивно да делуваат, за да на граѓаните им обезбедат јавен ред и мир. Ја заборавивме војната 2001, што беше тоа? Тоа не беше војна меѓу православните и муслиманите, тоа не беше војна меѓу Македонците и Албанците! Тоа беше симулирана војна на определени големи сили заради имплементација на свои интереси на овие простори. Видовме како почна и како заврши, кој ја наведуваше, ги осетивме сите, последиците од неа. Видовме што се случи и на Калето, некој ги повика сите, ама стапот и камењата ги изедоа деца. Се сомневам дека е поинаку и сега. Прво Грција реагираше на Вевчани, сега наводно ИВЗ и градоначалникот на Струга. Уште Рузвелт рекол „Ништо не е случајно, а ако е, добро е испланирано“. Лесно е да се налева бензин на оган, лекоумни и малубројни лесно можат да се најдат. Дали има пожарникари кои тоа ќе го гасат и што ако огнот ги зафати сите, кој ќе ја плаќа цената за нечија авантура? Имаше еден филм за војната во Босна, „Лепа села лепо горе“, за жал, изгореа сите! Само разум и владеење на право! Да се спречи, а не да се лечи! Има решение за се’, само ако има волја, а ние треба да ја бараме и изнудиме, поради мирот и љубовта, наспроти војната и омразата!

Anonymous said...

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

Македонците се цивилизација на мирот и љубовта, наспроти војната и омразата, и затоа Светскиот Македонски Конгрес (СМК) го осудува поттикнувањето и разгорувањето на расна, етничка и верска омраза, раздор и нетрпеливост во општеството на секое место и во секое време.

СМК смета дека секој протест и реакција против расна, етничка и верска омраза, раздор и нетрпеливост не смее да го повторува кривичното дело. СМК апелира до секој организатор на јавна манифестација да презема мерки за спречување на поединци и активности кои поттикнуваат и разгоруваат расна, етничка и верска омраза, раздор и нетрпеливост.

СМК изразува жалење за маските на карневалот во Вевчани на верска основа кои предизвикале повреда на верските чувства на граѓани на Република Македонија и чувствува морална обврска за јавно извинување. СМК смета дека секој учесник на јавна манифестација треба да внимава на своето однесување поради ризик од поттикнување и разгорување расна, етничка и верска омраза, раздор и нетрпеливост.

СМК го осудува палењето на македонското државно знаме во Струга и каменувањето на автобус на вевчанскиот автопревозник „Сприја“ на излезот од селото Велешта. СМК бара надлежните органи да ги расчистат случаите и пронајдат и казнат сторителите.

Истовремено, СМК ја осудува сервилноста на струшкиот градоначалник во чие присуство е симнато македонското државно знаме од јарболот пред општина Струга, а на негово место е подигнато знамето на Исламската верска заедница. Барањето одговорност од други за сторено дело, не ја амнестира сопствената (не)одговорност.

СМК апелира до граѓаните на разум и владеење на чуствата, да не подлегнуваат на провокации, а тривијални случаи на манифестации на пародијата и смеата да не ги користат како мотив за манифестација на револт кој повторно поттикнува и разгорува расна, етничка и верска омраза, раздор и нетрпеливост.

СМК повикува на градење секојдневни мерки на доверба за трајно македонско-албанско помирување и смирување на страстите, но ја осудува злоупотребата на етничкото потекло и верската припадност како алиби за (авто)амнестија од повреда на правото. Македонија е правна држава во која сите се еднакви пред Уставот и законите за делата кои ги сториле, но сите мора да бидат свесни и за своите права и обврски во односите со другите во општеството и за последиците од евентуална повреда на туѓи животи и сопственост.

СМК ја осудува промоцијата на агресија и насилство со цел остварување на политички права. СМК ја почитува културната автономија и стекнатите права на етничките заедници независно од пописните резултати како услов за меѓуетничка доверба, разбирање и толеранција.

Anonymous said...

отец Ристе Наумовски

Ве известувам сите дека сега дојдов од гасење на пожарот во црквата св. Никола с. Лабуништа. Како старешина на црквата ве известувам дека со Божја помош црквата не е изгорена. Над црквата имаше толпа муслимани кои аплаудираа на пожарот, а никој од нив не беше вклучен во локализирање на пожарот, освен семејството на Демиш Демишоски и д.р. Аладин, на кого му изразувам голема благодарност. Да не ве залажува господинот градоначалник на Струга дека Македонците муслимани учествувале во гасење на пожарот, додека гореше тие извикуваа погрднни пароли против ПРАВОСЛАВНИТЕ. ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС И НЕГОВАТА ГОИЛЕМА МИЛОСТ НЕКА БИДАТ СО НАС СЕГА И СЕКОГАШ И ВО ВЕЧНИ ВЕКОВИ. АМИН!!!

Anonymous said...

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

СМК АПЕЛИРА НА ЕДИНСТВО ПРОТИВ ОМРАЗАТА И ОДМАЗДАТА НА ЕТНИЧКА И ВЕРСКА ОМРАЗА!

Сквернавењето на црквите и џамиите и говорот на омраза немаат врска со верата и нацијата

06 февруари 2012 година, Скопје, Македонија - Сквернавањето на верски објекти и навредите на етничка и верска основа немаат врска ниту со верата ниту со нацијата! Духовните светилишта, црквите и џамиите, се богатство на народите и културите во верата кон Бога и грев е нивно сквернавење без никакво оправдување и поради никакви мотиви. Тоа е криминал од најдолен вид спротивно и на Библијата и на Куранот, затоа што и христијанството и исламот се против насилството, омразата и одмаздата, а за мирот и љубовта, разбирањето и почитувањето. Сквернавењето на верски објекти и навредите на етничка и верска основа не заштитуваат ниту промовираат ничии етнички, јазични и културни права.

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) апелира до граѓаните да спречат, пријават и се откажат од учество во сквернавење на цркви или џамии на целата територија на Македонија и да се откажат од навреди и провокации на верска и етничка основа на јавни манифестации и во секојдневието.

СМК од Владата на Македонија бара итно расчистување на сите случаи на сквернавење на верски објекти или поттикнување и разгорување расна, ентичка и верска омраза, раздор и нетрпеливост, како и пронаоѓање и најстрого казнување на сторителите. СМК укажува дека не е само обврска на власта да ги санкционира сторителите на кривични дела, обврска е на граѓаните да спречат, пријават и да не учествуваат во нивно вршење!

СМК бара од верските заедници, политичките партии, државните органи и јавните установи, во секое време и на секое место да ги едуцираат граѓаните против сквернавење на верски објекти, против навреди и провокации на етничка и верска основа на јавни манифестации и во секојдневнието и против расната, етничката и верската омраза, раздор и нетрпеливост, затоа што одговорноста е на сите, според надлежностите и овластувањата.

СМК ги повикува младите, учениците, студентите и невработените, како и навивачките групи, да престанат со меѓусебни навреди и провокации на етничка и верска основа, да се воздржат од повреда на туѓи имоти и животи, да се воздржат од тепачки во училишта, на стадиони, на јавни културни и спортски манифестации, да се воздржат од тепачки во автобуси и на јавни места, да се откажат од сите графити со навредливи содржини кон други, во секое време и насекаде, да спречуваат други во таквите намери и да ги заштитат послабите и немоќните.

Или ќе се заштитиме единствени и обединети како нација и држава, или ќе не разнебитат и растурат сите заедно! Единствени сме затоа што сме различни, а обединети мора да останеме за да ги сочуваме разликите и единството на нацијата и државата. Љубовта кон своите, не прави посилни во почитувањето меѓу себе! Не е грев што некои се побројни а другите помалубројни, сите сме еднакви пред Уставот и законите! Мораме да ја почитуваме културната автономија и стекнатите права на етничките заедници во Македонија независно од пописните резултати како услов за натамошна меѓуетничка доверба, разбирање и толеранција. Мораме да престанеме со омраза и одмазда поради бројки, правата не може да се квантифицираат, нив или ги има или ги нема. А, правата во Македонија на хартија се повеќе од било каде на светот, во рамките на материјалните можности на општеството во целина. Ние сите заедно сме цивилизација на мирот и љубовта, која претставува основа на современиот културен глобализам и на Нова Европа! Но, мора да бидеме свесни дека животот во заедница со други луѓе не подразбира само права, туку создава и обврски, дека мораме да ги почитуваме туѓите имоти и животи и да се воздржиме од злоупотреба на разликите, на верското уверување и етничкото потекло. Се разбира, за овие вредности на толеранција и коегзистенција државата мора постојано да делува едукативно и превентивно, а наградите и санкциите им припаѓаат на сите според заслугите, независно од разликите и бројките.