Monday, November 07, 2011

Прв бакнеж

Беше толку одамна. Тогаш одев во прво одделение. Двајцата одевме во прво одделение. Не знам зошто токму со неа. Можеби затоа што беше различна од другите. Имаше див и нескротлив дух. Ми се чинеше дека ништо не може да ја изненади, ниту да ја уплаши.

Кога заврши часот ѝ пријдов и без никој да слушне ѝ реков дека сакам да и кажам нешто. Ѝ реков да се најдеме во училишниот хол.

Малку пред да заврши пет минутниот одмор таа излезе од училницата, онака насмеана каква што секогаш беше, и се упати кон скалите каде што ја чекав.

Знаев дека нема време - ја бакнав веднаш откако се качи и ме праша што е тоа што сакам да ѝ го кажам. Бакнежот ја изненади, ме погледна збунето. Се сеќавам дека ми удри шлаканица. Не беше тоа силна шлаканица на прекор и презир. Беше нежна како галење по образот. Како со неа да сакаше да каже „јас не сум таква девојка, но сепак“.

Се почуствував поинаку, поголем, побестрашен. Како дел од нејзините карактерни особини да преминаа на мене. И таа стана потивка од обично. Стоевме на скалите гледајќи еден во друг уште неколку мига. Никој не изусти ниту збор, сè беше кажано.

Ѕвончето ја прекина тишината...

Никогаш не проговоривме за тој бакнеж. Барем не меѓу нас.

Откако завршив основно ја видов само еднаш, во средно. Јас се враќав кон дома, а таа одеше на училиште. Си кажавме едно здраво, без воопшто да застанеме.

Како што одминувавме ја слушнав другарка ѝ како тивко прашува: „кој ти е овој?“

„Зарем не се сеќаваш“, рече таа спомнувајќи ми го името „заедно учевме во основно“.

Се свртев назад, се свртеа и тие.

Сите се насмеавме...

No comments: