Sunday, November 27, 2011

Прекршувањето на Времената спогодба од страна на Грција

Писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации - Бан Ки-мун, во врска со постојаното прекршување на Времената спогодба од страна на Република Грција.


Почитуван господине Бан Ки-мун, генерален секретар на Обединетите Нации,

Во 1995 година Република Македонија и Република Грција ја потпишаа времената спогодба (UNITED NATIONS, Document 95-27866, NEW YORK, 13 September 1995) во која Република Македонија прифати мешање во внатрешните работи, и покрај останатото се обврза:

- Да го смени својот демократски избран устав.
- Да го смени своето демократски избрано знаме.
- Наместо под уставното име како секоја земја дотогаш, го прифати преседанот да стане членка на Обединетите Нации под привремена референца.

Сево ова беше поради ембаргото, уцените и блокадата од страна на Република Грција. Главната причина поради која раководството на Република Македонија се согласи на овие понижувачки услови е за да се одблокира приемот на земјата во Обединетите Нации и во останатите меѓународни организации во кои Република Грција е членка (како ЕУ и НАТО).

Од друга страна пак Грција со овој договор ниту мораше да го смени својот устав, ниту своето знаме, а ниту пак било што. Примарната обврска на Република Грција во Времената спогодба беше да ја признае Република Македонија под привремената референца и да не ја попречува Република Македонија при приемот во меѓународните организации кога тоа е под привремената референца.

Цитат од артикл 11 од времената спогодба како потврда на пишаното горе:

1. Upon entry into force of this Interim Accord, The Party of the First Part (Greece) agrees not to object to the application by or the membership of the Party of the Second Part (Macedonia) in international, multilateral and regional organizations and institutions of which the Party of the First Part (Greece) is a member; however, the Party of the First Part reserves the right to object to any membership referred to above if and to the extent of the Party of the Second Part is to be referred to in such organization or institution differently than in paragraph 2 of the United Nations Security Council resolution 817 (1993).

Но Република Грција со времената спогодба не само што се согласи да не ја попречува Република Македонија при приемот во меѓународните организации под привремената референца туку и си зеде за обврска со помош на Европската Унија да го помогне економскиот развој на земјата поради тоа што неправедно и постави ембарго. Република Грција не само што не го помага тој економски развој на Република Македонија во соработка со Европската Унија туку и постојано го спречува почетокот на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во истата таа Унија со што и нанесува огромна економска штета на земјата и ги забавува странските инвестиции.

Како потврда за горните тврдења во продолжение цитат од артикл 11 од времената спогодба:

2. The Parties agree that the ongoing economic development of the Party of the Second Part should be supported through international cooperation, as far as possible by a close relationship of the Party of the Second Part with the European Economic Area and the European Union.

Од горните цитати јасно и недвосмислено се гледа дека Република Грција не само што се согласила да не и става вето и да не ја попречува Република Македонија при приемот во меѓународни организации под привремената референца туку и да ја подржува и помага земјата во таквите напори со цел економски развој на Република Македонија.

Со самото тоа што Република Грција стави вето за членството на Република Македонија во НАТО на самитот во Букурешт и со тоа што е постојана пречка за неиспраќање на покана за отпочнување на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во Европската Унија, Република Грција повеќератно ја прекрши времената спогодба.

Вие како генерален секретар на Обединетите Нации сте должни не само да и помогнете на Република Македонија да не биде жртва и вечен заложник на оваа недобрососедска политика на Република Грција туку и сте должни да го чувате угледот на Обединетите Нации. Со фактот дека Република Грција не го почитува договореното во рамките на Обединетите Нации таа гази врз угледот и авторитетот на Обединетите Нации.

Ваша должност како генерален секретар на Обединетите Нации, меѓу другото е и да се погрижите сите договори во рамките на Обединетите Нации, вклучително и Времената спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, да се почитуваат од потписничките страни. Во спротивно како ќе можат Обединетите Нации да гарантираат дека некој нареден договор ќе се почитува и дека нема да биде прекршен на ист начин како што Времената спогодба постојано се прекршува од страна на Република Грција.

Со сиот ваш авторитет како генерален секретар на Обединетите Нации мора директно да ставите до знаење на НАТО и на Европската Унија дека:

- Согласно времената спогодба доколку Република Македонија ги исполнува сите услови може да ги отпочне преговорите за полноправно членство во овие меѓународни организации.
- Дека спорот со името на ниеден начин не е пречка за започнување на преговорите за полноправно членство на Република Македонија во соодветните организации и дека преговорите за разликите во името меѓу Република Македонија и Република Грција ќе продолжат согласно времената спогодба се до изнаоѓање на краен договор.
- и најважно дека Република Грција со Времената спогодба се обврзала не само да не става вето туку и да не го попречува членството на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца.

Република Македонија која со Времената спогодба направи невиден компромис и жртва со тоа што го смени своето знаме, устав и беше примена во Обединетите Нации не под име, а под привремена референца заслужува да има бенефит од истата Времена спогодба, согласно договореното.

Неопходно е Обединетите Нации да стават до знаење и на властите во Република Грција дека мора да престане да ја блокира докажано мирољубивата Република Македонија со изговорот преговори за името, имајќи предвид дека:

- Република Грција согласно Времената спогодба ја призна Република Македонија под привремената референца, а сега спротивно на тоа се противи на членство на Република Македонија во НАТО и Европската Унија под истата таа референца која грчките власти во 1995 година ја признаа.
- Приемот на Република Македонија во НАТО и ЕУ под привремената референца со ништо нема да ги запре преговорите затоа што Република Македонија согласно Времената спогодба (артикл 5) се согласила на тоа.
- И дека во Времената спогодба Република Грција се обврзува да не го попречува приемот на Република Македонија во меѓународни организации под привремената референца, како и тоа дека се согласила во партнерство со Европската Унија економски да ја подржува Република Македонија.

Обединетите Нации мора да ја присилат Република Грција да ја почитува Времената спогодба, особено во врска со неприговарањето и непротивењето при прием на Република Македонија во меѓународните организации. Во спротивно нема причина зошто само Република Македонија треба да биде страната која ќе ја почитува оваа спогодба.

No comments: