Македонска ризница во Утрински весник

Е-списанието Македонска ризница, спомнато во напис на Тина Иванова, објавен во Утрински весник:

„...Уште едно е-списание што полека почнува да предизвикува интерес кај културната јавност е „Македонска ризница“, чиј фокус се теми од македонската историја, традиција, уметност и фолклор. Списанието излегува еднаш месечно, а неговиот прв број беше објавен на 4 август 2012 година.

„Го основавме ова списание затоа што сметавме дека во Македонија недостасува нешто што би ги обработувало темите што се сега застапени во ’Македонска ризница‘. Во досегашните 19 броја на над 1.200 страници, свои написи имаат публикувано експерти во своите области, доктори и магистри на науки, но одвоен е простор и за студентите и помалку афирмираните автори чијшто глас, сепак, заслужува да стигне до поголем број читатели“, вели издавачот Александар Стеванов.

Тој додава дека, освен написи посветени на историјата и фолклорот, на страниците на „Македонска ризница“ се објавени и поголем број интервјуа со личности од различни области, поезија, раскази, карикатури, стрипови, а претставени се и не мал број ликовни уметници и илустратори.

Инаку, списанието функционира на волонтерска основа, некомерцијално е и непрофитно, што, вели Стеванов, за многумина е изненадувачки. „За жал, не располагаме со парични средства за да ја печатиме ’Македонска ризница‘, но вака секој оној што има интернет може да ги разгледува сите досега објавени броеви. Најдоброто од сè е што тоа може да го прави целосно бесплатно.“

Сашо Гачев, графички уредник на „Македонска ризница“, вели дека нивни соработници се сите оние што ги почитуваат нивната заложба и инспирација да афирмираат сè што е македонско. „Она што е карактеристично и што ја издвојува ’Македонска ризница‘ од другите е-списанија, па и од списанијата што излегуваат во печатена форма, е нашата заложба секогаш да презентираме нови и необјавени содржини, независно дали станува збор за текстови, писма, фотографии од македонската историја или, пак, за современи млади македонски автори, поети, уметници, стрип-цртачи, илустратори итн. Особено внимание им посветуваме на македонските уметници, писатели, поети итн., но со исто внимание се обидуваме да презентираме автори и уметници од странство, кои на каков било начин се поврзани со Македонија“, вели Гачев.“

Тина Иванова „Иако малку, е-списанијата и кај нас се тренд“, Утрински весник, 05.03.2014, 17:38

No comments: