Tuesday, June 18, 2013

Невести од Албанија

Завчера на телевизија Сител беше емитувана репортажа за Албанки кои што се омажиле за Македонци од источниот дел на Македонија, со крајно позитивни сведоштва од сопрузите и од самите невести.[1][2]

Секоја чест за двете невести од Албанија кои што во репортажата меѓу другото изјавија:

„Јас уште на 13 години имав желба да се омажам во Македонија. Тука ми е многу убаво... Која е паметна да си дојде тука. Овде има колку сакаш. Да трчат да дојдат.“

Ако за разлика од реалната ситуација, поголемиот дел од родените во Македонија етнички Албанци чувствуваа толкава љубов кон Македонија, меѓуетничките односи во земјава ќе беа за пример.

Сепак морам да спомнам дека практиката да се земаат (купуваат) невести од Албанија не за сите македонски сопрузи била толку розева. Еве една вистинита приказна на истата тема, но со дијаметрално различна завршница. Пред неколку години мој познаник, кој што живее во село во источниот дел на Македонија, разбрал дека може да купи невеста од Албанија. За оваа цел, бидејќи немал доволно пари, тој подигнал кредит и заедно со посредник се упатил кон Албанија.

Откако невестата била бендисана, се склучила зделка и парите биле дадени на нејзиното семејство. По само неколку недели брачна идила во Македонија, невестата ја фатила носталгија, посакала да ги види своите родители и роднини во Албанија и повеќе не се вратила кај сопругот.

За разлика од репортажата која што Сител завчера ја прикажа, во која што двајцата среќни македонски сопрузи на невести од Албанија дадоа изјави, за негативната страна на купувањето невести од Албанија тешко дека некој прелажан сопруг јавно би посведочил. И не можам да ги обвинам - кој е тој кој што би сакал пред очите на цела Македонија да излезе двојна будала.

No comments: