Tuesday, October 09, 2012

Затемнување на македонскиот интернет

Ако изминатата сабота имавме „Бела ноќ“, денес е ден за затемнување на македонскиот интернет простор. Од веб страната Skopjehacklab своите посетители ги пречекуваат со црн екран на кој што е испишано „Вака ќе изгледа македонскиот интернет ако се воведе новиот закон за одговорност за навреда и клевета“.

Од сајтот порачуваат дека со членот 11 од предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, начинот на кој што македонските веб страни функционираат значително ќе биде изменет кон полошо и дека за одредени странски веб страни пристапот од Македонија може да биде ограничен.

„1. Повеќе нема да можеш да коментираш на страни, форуми, facebook, twitter без страв дека ќе бидеш осуден на огромна парична казна.
2. Ако имаш твоја страна, ќе треба да ги исклучиш коментарите или да набљудуваш и цензурираш 24 часа во денот.
3. Твојот веб сајт лесно ќе може да биде исклучен секогаш кога некој ќе се пожали кон интернет провајдерот, без судски налог.
4. Твојот (интернет провајдер) или било кој центар на моќ, ќе одлучува кои страници ќе ти бидат достапни исто како во Иран, Кина, Саудиска Арабија, Северна Кореја.
5. Како интернет провајдер секогаш можеш да бидеш тужен за содржината што ја објавуваат твоите корисници. Казната е 27.000 евра.“ - пишува на веб страната Skopjehacklab.

Тие, исто така, апелираат до целата македонска интернет опшност да се испратат протестни пораки до собранието и, во знак на протест против предлог-законот, целиот македонски интернет простор да се затемни.

„Приклучете ја Вашата страна во акцијата за затемнување на македонскиот Интернет со додавање на едноставната скрипта. Второто читање на законот е во вторник на 09.10.2012 година, поставете го кодот на Вашата страна во 00.00 часот истиот ден.“ - порачуваат од Skopjehacklab.

Дали законодавците ќе одлучат да ги слушнат негодувањата на македонската интернет заедница или сепак воведувањето во сила на ваквиот закон ќе значи перманентно затемнување на македонскиот интернет простор, останува да видиме.

No comments: