Monday, September 10, 2012

Македонските стрипаџии го освојуваат Балканот

На интернационалниот фестивал за стрип и карикатура Призрен 2012, кој што завршува денес, традиционално, веќе неколку години по ред, масовно учество земаат и македонските стрип автори.

Соработката меѓу стрипаџиите од Македонија и организаторите од Призрен датира од 2009 година. Веќе наредната, 2010 година, во официјалниот каталог на фестивалот беа претставени делата на дури 28 македонски стрип автори, од кои што поголемиот дел беа организирани од македонското здружение за промоција на стрип културата Макстрип. Минатата година, за укажаната помош и соработка, во Признен му беше доделено признание на Томе Трајков од СЦМ-Велес.

Пред само неколку месеци, најстариот стрип фестивал во регионот Балканска смотра на млади стрип автори - Лесковац, го отворија македонските стрипаџии Игор Јовчевски и Дарко Богданов кои таму ги претставија своите дела, а наградата за сатиричен стрип му припадна на битолчанецот познат како Тхе Мичо.

Дека македонските стрипаџии се драги гости уште еднаш беше потврдено на овогодишниот, осми по ред, интернационален стрип фестивал во Призрен. Од вкупно петнаесет официјални гости дури четворица беа од Македонија што нашите автори ги прави побројни и од оние косовските.

„Професијата ликовен уметник многу често бара осаменост и контемплативност во работата, па затоа ваквите видови на собири меѓу цртачи се една прекрасна прилика да се разменат искуства, мислења и впечатоци за работата на другиот. Фестивалот во Призрен ги презентира стрип цртачите и карикатуристите од повеќе земји. Оваа година беа застапени стрип автори од Италија, Турција, Франција, Косово, Бугарија, Босна и Херцеговина и Македонија. Имавме чест да бидеме поканети како гости и бевме прекрасно пречекани. Покрај отворањето на изложбата во кои беа вклучени и наши дела, имаше и работилници и предавања преку кои се запознавме со работата на другите учесници на фестивалот. Добивме плакети за нашиот придонес на фестивалот и достојно ја претставивме нашата земја. Најголемо задоволство ми беше што тоа се случи точно на денот на независноста на Македонија - Осми септември .“ - вели Весна Ничевска Саравинова, која што беше меѓу гостите од Македонија.

Освен неа, меѓу официјалните гости од Македонија беа и Смиле Цветановски, Тони Атанасовски и Никола Темков, а присуствуваа и Димитриј Михајловски и Томе Трајков.

За Македонија како плодна почва за автори и дела од деветата уметност, говори и тоа што во краток временски период стрипот беше застапен на повеќе манифестации во земјава. На 29 и 30 август во Виница беше одржана стрип работилница со Дарко Богданов, Игор Јовчевски и Јордан Коцевски, а во рамките на Skopje design week 2012, вчера стрип предавање одржаа Александар Русјаков и Тхе Мичо. Веќе наредниот месец, од 12 до 15 октомври, во организација на СЦМ-Велес, се очекува да се одржи десетиот Интернационален стрип салон.

А.С. објавено и на mkd-news.com

1 comment: