Monday, January 16, 2012

До жителите на Скопје

До жителите на Скопје,

Драги сожители на град Скопје, сведоци сме на остварувањето на проектот Скопје 2014, кој е архитектонско урбанистички неоправдан за градот. Кога велиме урбанистички, мислиме на поставеноста во просторот, големината, односот со неговата околина. Никој од нас не ја оспорува, ниту е против идејата за изградба на нови објекти, министерства, музеи или споменици во Скопје, меѓутоа сме против нетранспарентните конкурси, наметнатата естетика, сквернавењето на постојните објекти, урбанистичкиот хаос и игнорирањето на институциите како архитектонскиот факултет, асоцијацијата на архитекти, студентите и големите домашни и странски архитектонски имиња.


Целта на оваа порака е да се спречи ширењето на тој проект, кој наметна пракса за сè што се случува во центарот на градот да личи на него. Последната провокација е конкурсот за менување на фасадата на Владата на Р.М. како и небришењето на градежната парцела на плоштадот Македонија, која сега е наменета за 9-катна зграда.

Објектот на Владата на Р.М. е изграден во 1970 година и претставува објект кој во свое време ги прати архитектонските и конструктивните текови на современиот живот. Проектант на овој објект е архитектот Петaр Муличковски (1929-) кој сè уште е меѓу нас и кој во целост е игнориран од Владата. Не постои светска практика, да се менува изглед на значаен објект, а притоа да не се консултира неговиот творец. Уште помалку, објект наградуван во свое време од архитектонските кругови да се обидете да го облечете во фасада чиј стил е одамна мртов! Во моментов во тек е анкета на веб страната на Владата, на која се пристигнати конкурсните решенија за новата фасада на овој објект. Ве молиме не дозволувајте да продолжи естетиката на Скопје 2014. Не фаворизираме ниту едно решение бидејќи во ниту едно не е влучен авторот на објектот, меѓутоа ако треба да се спречи злото ве молиме внимавајте на својот избор!

Објектот е инспириран од македонската традиционална архитектура и претставува успешен процес на инспирација од минатото и негово користење за современите потреби.

(Фотографијата е превземена од Build.mk)

(преземено) Од група студенти при Архитектонскиот факултет - Скопје / УКИМ / кои не припаѓат на ниту една политичка партија, владини и невладини организации, ниту официјални и неофицијални здруженија. Единствена припадност е нашата професионална ориентација!

No comments: