Friday, February 11, 2011

Отпечаток од летечка чинија

Кога бев дете со моите другарчиња често играв на едно место, оддалечено два километри од градот. Местото беше со форма на кањон, речиси немаше вегетација, а и земјата беше црвеница поради што во тоа време нам ни изгледаше како марсовски пејзаж.


Еден ден додека се замислувавме како се бориме против злобниот галактички император ни пријде еден човек кој не праша зошто сме му ја газеле нивата којашто беше недалеку од тоа место. Вистина ние бевме откачено друштво, ама никогаш ниту крадевме, ниту пак правевме бели освен ако не не испровоцираат со дупната топка.

Кога отидовме до неговата нива видовме еден дел којшто навистина беше изгазен. Тој дел беше во форма на совршен круг во дијаметар од четири метри. Изгледаше како на тоа место да слетала летечка чинија. Доколку некој ловец на НЛО ја забележеше таа глетка сигурно ќе си го помислеше токму тоа или пак дека се работи за знаци во житото (Crop circles).

Иако му рековме дека ние не сме го сториле тоа, тој сепак не ни поверува. Веројатно човекот не веруваше во летечки чинии или пак не ни беше слушнал за нив. Од друга страна пак ние не можевме да си објасниме дека некој што сакал да му направи штета наместо да ја изгази целата нива би се мачел тоа да го стори само на едно ограничено место и тоа во совршен круг. Ни беше логично дека во оваа работата замешале прсти ентитети од друг свет.

По некое време повторно отидовме на истото тоа место коешто меѓу нас го викавме "трите тополи". Бевме изумиле за случката со изгазениот круг во нивата кога речиси на истото тоа место во нивата заблежавме коза, врзана со двометарско јаже. Бидејки јажето со другиот крај беше забиено со кол во земјата нејзините движења беа ограничени во радиус од два метри од тој кол. Движејки се така и газејки по нивата таа беше направила уште еден совршен круг.

Испровоциран од еден скорашен настан во Македонија којшто се припишуваше на посетители од вселената решив да го споделам ова со вас. Иако понекогаш изгледа дека некои нешта нема како да се од овој свет, сепак вреди да се размисли повеќе. Можеби објаснувањето не лежи во ѕвездите, а е исто толку овоземско колку што е една обична коза на пример.

No comments: