Friday, January 07, 2011

Среќен Божиќ

На 6 јануари, ден пред Божиќ, според јулијанскиот календар по којшто се раководи и МПЦ - ОА се слави Бадник или Коледе. Православните христијани го слават како ден во кој се навестува раѓањето на богочовекот Исус.

На овој празник во Македонија, ноќта се пали ОГАН, кој ја симболизира СВЕТЛИНАТА на СОНЦЕТО, а според Шапкарев и самата етимологија на зборот Бадник (будник) е таа ноќ да се биде буден или да се бдее. Според традицијата богатата трпезата не се раскрева од масата, а се остава така цела вечер затоа што се верува дека дедо боже (Господ) и ќе се симне и ќе се нахрани од неа.

Се смета дека празникот има длабоки предхристијански корени во врска со одминувањето на зимската краткодневница, наголемувањето на денот и раѓање на новото СОНЦЕ. Па и на многу фрески во Македонија ореолот на Исус е всушност СОНЦЕ.

Пред околу 100 години, токму на Бадник, ноќта спроти Божиќ, дедото на мојата баба (мојот прапрадедо) враќајќи се од пазар забележал силна СВЕТЛИНА која како СОНЦЕ ја осветлила земјата и ноќта ја претворила во ден. Дали од страв или од премореност не погледнал нагоре за да види какво било небото. Кога веќе се созел од возбудата веќе било доцна - светлината исчезнала. Оваа приказна се пренесува како семејно наследство во мојата фамилија. Ми ја има раскажувано мајка ми, нејзе нејзината мајка, а пак таа слушала од нејзините родители.

Светлината којашто му се појавила коинцидира со обичајот да се пали ОГАН и со предхристијанското обожавање на СОНЦЕТО. Коинцидира и со верувањето дека на овој ден дедо боже се симнува од небото. Исто како што Господ му се појавил на Мојсеј во форма на СВЕТЛИНА (огнено дрво) така и мојот прапрадедо мислел дека силната светлина којашто се појавило таа ноќ била всушност знак за симнувањето на Господ од небото.

Дали има некаква поврзаност на оваа случка на невообичаена светлина којашто му се појавила на овој мој предок со настаните кои го навестиле раѓањет на Исус Христус и дали сепак ваквите верувања кај православните христијани во Македонија имаат некоја длабока причина за нивното постоење не би знаел, а ниту пак би сакал да претпоставувам.

Секако можеме да речеме дека се работи за случајност, за астрономски феномен - метеор или пак за измислица, сепак јас не го пишувам ова за да убедувам или разубедувам некого во што да верува или да не верува, туку само од сентиментални причини.

Дел од тоа како сум живеел, моите потомци доколку имаат желба ќе можат да дознаат. Имам документирано на фотографии, на видеокасети, а и на Интернет, но во минатото не било така. Од кого можам да разберам за своите предци од пред сто и кусур години освен од овие семејни приказни? Каде оди гласот на нашите предци кога веќе ги нема? Ако нивните поколенија не раскажат, не го стават сеќавањето на Интернет, во овие модерни времиња кога родителите имаат се помалку време за своите деца и обратно, сеќавањето за нив ќе исчезне засекогаш.

Среќен Божиќ!

No comments: