Tuesday, June 22, 2010

Како да го осигурате вашиот блог

Замислете си ја следнава ситуација: сте блогирале со години, имате илјадници квалитетни блогпостови во чие пишувaње сте вложиле и време и труд и еден ден го вклучувате вашиот компјутер и си го барате вашиот блог, но него го нема. Од блог сервисот поради техничка грешка ви го избришале.

Ова реално би можела да биде доста депресивна ситуација и многу труд да биде фрлен во неповрат, затоа вреди да си ги осигурате вашите блогпостови. Еве три едноставни методи, секоја со свои предности и маани.

1. Претплатување на постовите преку мејл.

Со овој метод секој нареден богпост што го објавувате на вашиот блог ќе ви пристигне како електронска порака. Има повеќе сервиси кои овозможуваат претплатување. Најпопуларен е Feedburner кој е интегриран со вашата Google сметка.

+ Наједноставен метод
- Порано или подоцна сандачето ќе ви се преполни

2. Едновремено да ги објавувате вашите блогпостови на две платформи.

За мене логичен избор би биле blogger поради брзото и едноставно прикачување на слики, огромниот избор од темплејти и македонскиот блогерај, не за друго туку затоа што е македонски.

Други, нешто помалку популарни меѓу Македонците се wordpress, opera, blogger.hr, сервисот за прикачување на документи Scribd...

+ Освен основната цел заштита на вашите постови, може и да добиете екстра посетители
- Одзема повеќе време за објавување и на двете платформи

3. Со повремено целосно download-ирање на вашиот блог.

Го имам испробано овој метод неколку пати на блог на blogspot и го презема целиот текст и темплејт без проблем, но не е таков случајот и со сликите. Некаде околу 3-4 % од сликите не се преземаат. Алатката која ја користв е Httrack

+ два клика работа и програмата сама си презема
- Треба периодично да се повторува и одзема интернет трафик

Ниту еден од овие методи во случај недај боже вашиот блог да биде избришан, нема да ви овозможи со еден клик да го вратите, туку ќе мора секој блогпост мануелно одново да го објавувате. Но барем материјалот од кој се изградени вашите блогпостови нема да биде неповратно изгубен и ќе ви биде достапен за повторно ставање на Нет.

No comments: