Sunday, May 25, 2014

Како настанал животот? Теорија Опарин-Холдејн 2

7.3 ТРЕТА ЕТАПА (Формирање на коацерват)

Третата етапа претставува настанувањето коацерват од полимерите. Во протеините покрај аминокиселините се содржеле и други соединенија и на тој начин се формирале колоидни белковинести материи кои се одделиле како капки наречени коацервати. Тие биле изолирани од околната водна средина и во нив се одвивале голем број процеси кои се аналогни на метаболитните во клетките на живите организми. За побрзото одвивање на процесите во коацерватите биле задолжени катализатори.

Исто како и клетките и коацерватите имале изградено динамична рамнотежа (хомеостаза) со околниот свет. Кога коацерватите ќе нараснеле до одреден степен тие се делеле на две или неколку (аналогно на проста делба меѓу едноклеточни организми).

За илустрација е и тоа што и денес во океаните на длабочина од 1000 метри се откриени ултрамикроскопски форми на живот кои што наликуваат на коацерватите.

7.4 ЧЕТВРТА ЕТАПА (Први форми на живот)

Со појава на слободен кислород во атмосферата и настанување на озонскиот слој биле создадени идеални услови за понатамошен развој на коацерватите во првите живи едноклеточни организми.

Бидејки нуклеиновите киселини можат сами да се делат тие ја прифатиле улогата на носител на генетската информација, но сеуште не е изјаснето на кој начин.

Според Опарин првите форми на живот биле хетеротрофни. Иако денес вирусите (аклеточни организми) се наједноставна форма на живот тие мора да се размножуваат во живи клетки, така што е малку веројатно тие да биле првите живи организми. Најстарите откриени животински фосили се од пред 3.5 милијарди години. Се претпоставува дека животот на земјата се појавил пред околу 3.9–3.5 милијарди години.

На брегот на Западна Австралија се пронајдени строматолити - фосилни остатоци од модро-зелени алги. Нивната старост се проценува над 3 милијарди години. Тие ја искористувале соларната енергија и притоа испуштале кислород. Се верува дека низ милијарди години долгиот процес на еволуција од нив настанале сите денешни животни и растенија.

Откако биле создадени првите едноклеточни форми на живот со нивното поврзување во колонии се создале повеќеклеточните организми. Првите повеќеклеточни форми на живот веројатно наликувале на volvox–от.

Александар Стеванов

Крај на серијата статии "Како настанал животот"

No comments: