Tuesday, March 25, 2014

Како настанал животот? Научни идеи

5. НАУЧНИ ИДЕИ И ХИПОТЕЗИ

Фридрих Енгелс (1820-1895) е првиот кој што го разгледувал животот како форма на организација на протеини. Сепак на прашањето како настанале протеините сè уште немало одговор.

Голем допринос дал и англискиот природонаучник Чарлс Дарвин (1809-1882) со своето капитално дело „Потеклото на видовите“ издадено во 1859 година. Тој тврдел дека животот не настанал одеднаш туку постепено во насока од попросто кон посложено. На ваквото учење наречено еволуционизам се темели модерното научно разбирање за настанокот на животот на земјата. Според Дарвин е невозможно да се размислува за настанокот на животот без да се размислува за настанокот на материјата.

Откритието на Луј Пастер (1822-1895) дека животот не може спонтано да се генерира обесхрабрило голем број научници во барањето на одговорот за настанокот на животот. Во 20-те години на 19-от век, Британците Томас Хаксли (1825-1895) и Џон Тиндал (1820-1893) самостојно изнеле хипотеза според која живот може да настане од одредени соединенија иако не знаеле како. Тие ставиле акцент на зборот органски молекули како посебна група и на биохемиската специфичност на живите организми.

Во 1922 година советскиот биохемичар Александар Опарин (1894-1980) за прв пат пред научната јавност го претставил својот концепт за настанокот на животот. Тој тврдел дека живот може да настане од нежива материја при специјални услови, различни од денешните, какви што имало некогаш на земјата. Подоцна, во 1957 година во Москва, тој го организирал и првиот интернационален митинг по прашањето за настанокот на животот со учество на 16 земји. Истата година Опарин ја издал книгата „Настанокот на животот на земјата“.

За формулирањето на теоријата за настанокот на животот свој придонес дал и англискиот физиолог Џон Скот Холдејн (1860-1936).

Според американскиот хемичар Харолд Јури (1893-1981) животот на земјата настанал во слични услови на атмосферата какви што има денес на Јупитер (амонијак, метан, водород). Во 1953 година експериментално биле создадени некои од градивните елементи на животот од страна на неговиот студент Стенли Милер (1930-2007) во Универзитетот во Чикаго.

No comments: