Saturday, March 15, 2014

Како настанал животот? Космичко потекло

4. ИДЕИ ЗА КОСМИЧКОТО ПОТЕКЛО НА ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА

Според оваа хипотеза животот на земјата не настанал на земјата, односно е со екстратерестријално потекло. Приврзаници на оваа идеа се Херман Рихтер (1808-1876) и шведскиот научник Сванте Арениус (1859-1927).

Според Арениус животот на земјата бил донесен од космосот со бактерии и спори (панспермија) кои што придвижувани од притисокот на радијацијата допатувале на земјата (радиопанспермија).

Со ова Арениус не го разрешил прашањето за настанокот на животот, туку го одбегнал. Ако животот на земјата потекнува од друга планета, тогаш како воопшто настанал животот?

Британскиот астроном и математичар Фред Хојл (1915-2001) не ја исклучува можноста животот овде да дошол од некоја далечна планета посредство комети и метеори (литопанспермија). Оваа негова идеја претставува реинкарнација на идејата на Арениус. И според англискиот теоретски физичар и космолог Стивен Хокинг (1942-) „животот може да се распространува од планета на планета и од сончев систем во сончев систем, носен од метеори“.

Во 1996 година ваквите размислувања се покажаа како можни откако на метеорит паднат на земјата, кој што веројатно потекнува од Марс, беа детектирани фосилни остатоци од микроскопски форми на живот.

Денес некои научници потеклото на причинителот на атипична пневмонија - САРС и HIV, причинителот на СИДА-та,  го наоѓаат на некоја друга планета и сметаат дека овде дошле од бескрајните простори на вселената.

Сепак она што не спречува да веруваме дека нашето потекло е вонземско е малата веројатност било која форма на живот да го преживее транспланетарниот пат имајќи ги предвид условите на безвоздушниот простор во космосот, радијацијата и екстремно ниските температури кои што владеат во него од една страна и оптималните услови за настанокот на животот на земјата од друга.

No comments: