Иницијатива на Димитар Чоковски, дипломиран професор по историја, за бесплатни е-книги достапни за сите граѓани на Република Македонија
Дел од иницијативата:
Дел од иницијативата:
„Книгите, но и останатите видови публикации (весници, списанија, ревии, годишници, зборници и сл.) со кои располага Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје, но и од останатите библиотеки во Република Македонија како библиотеките на научните институти, факултетите, библиотеката на МАНУ, државниот архив, градските библиотеки и останати институции што би можеле да имаат во своите збирки уникатни изданија што ги нема во националната, да се скенираат, да се конвертираат во текст за полесно користење и потоа да се зачуваат во PDF, EPUB и останати популарни формати кои се користат за читање на е-книги. Потоа е-книгите да се стават на неколку стабилни сервери со пребарувачи за да можат оние што сакаат да читаат да ги најдат и да ги симнат во електронска форма по што ќе можат да ги користат. Или може да се создаде посебен веб сајт за оваа намена со пребарувач на е-книги сличен на постоечкиот веб сајт на НУБ „Св. Климент Охридски“, само наместо сигнатурите кои треба да се запишат за изнајмување на книгите да се постават линкови за симнување на скенираните и конвертирани книги.
Значајно е, не само да се скенираат (бидејќи скенот претставува само слика од книгата) туку и да се конвертираат во текст што ќе овозможи далеку полесно користење на е-книгите во сите области и на сите е-уреди. Сепак идеално би било на сајтот да се ставаат повеќе верзии од една иста публикација т.е. и како скенирани и како конвертирани е-книги зачувани во повеќе популарни формати како што се PDF и EPUB.
Ова би се однесувало:
1. На старите книги и останатите видови публикации со истечени авторски права според законите за авторски права на Република Македонија;
2. На книгите и останатите видови публикации чијшто автори доброволно ќе се откажат од своите авторски права во интерес на Република Македонија;
3. На оние книги и останатите видови публикации што Република Македонија би се согласила да им ги откупи авторските права;
4. Симнувањето на книги и останатите видови публикации би се ограничило само на корисници со IP-адреса на територија на Република Македонија со што би имало конечен број на корисници (околу 2 милиони потенцијални корисници) што би ги намалило трошоците и би ги олеснило преговорите за откуп на авторските права.
Аргументи кои одат во прилог на иницијативата се:
1.Користењето на книжниот фонд на библиотеките во Република Македонија ќе стане брзо, ефтино и лесно достапно од целата територија Република Македонија, што на нашите граѓани ќе им заштеди време и финансии;
2.Зголементо користење на интернетот од сите општествени групи во Република Македонија, и брзото прифаќање на PC-таблетите и последната генерација мобилни телефони кои овозможуваат зголемено читање на е-книги кое во наредните години се очекува драстично да се зголемува;
3.Заштита на животната средина т.е. со читање на е-книгите се намалува потребата од употребата на хартија и боја за печатење книги, а со тоа нормално се намалува и побарувачката на ресурсите за производство на хартија и печатарска боја. Потоа ако книгите се симнуваат од дома преку интернет, а не се земаат во печатена форма од библиотека се анулира потребата од транспорт до библиотеката, со што се анулира и загадувањето што транспртот го предизвикува;
4.Би можело да се очекува и зголемен број научни трудови токму поради лесната и брза достапност на обемна литература;
5.Исто така целиот процес би овозможил неколку стотици нови работни места во библиотеките т.е. ако претпоставиме дека за да се заврши целиот процес прво треба да се направат списоци на достапните книги за кои би имало дозвола за конвертирање, значи би биле потребни повеќе истражувачи/координатори од сите научни области, потоа за скенирање, конвертирање и зачувување на една книга (просечно од 500 до 1000 страници) на еден човек би му биле потребни околу 16 работни часа т.е. 2 работни денови. Значи ако претпоставиме дека 100 000 печатени книги ни се достапни за конвертирање во е-книги кои во просек имаат од 500 до 1000 страници за целиот процес би биле потребни околу 1 600 000 работни часови. Тоа значи за да се конвертираат 100 000 печатени книги во е-книги во разумен рок од 8 години би биле потребни 500 вработени;
6.Бидејќи ова би се финансирало со парите на даночните обврзници на Република Македонија т.е. преку буџетот, ова би била уште една услуга што граѓаните би можеле да ја добијат за своите пари. Но ако се создаде веб сајт може на сајтот да има и комерцијален простор, кој би бил идеален за рекламирање на издавачки куќи, продавници на мобилни телефони и PC-таблети, интернет провајдери и сл. со што би можело да се обезбеди дополнително финасирање или целосно финансирање (бидејќи ефектите од комерцијален простор на сајтот во оваа фаза не можат да се предвидат);
7.Доколку владата на Република Македонија ја прифати идејата и се зафати со нејзина реализација во текот на работата ќе се покаже дали е реално изводливо целиот книжен фонд од библиотеките на Република Македонија да се конвертира во е-книги, ако се покаже дека тоа е возможно тогаш ќе се загуби потребата од класични библиотеки и просторот во кој сега се наоѓаат ќе може да се пренамени. Тоа ќе овозможи библиотекарството во иднина да се одвива од едниствен центар за електронска обработка на книги и нивно ставање на располагање на граѓаните преку интернет;
8.Достапноста на бесплатна обемна литература значително би го олеснила процесот на создавање содржини на македонски јазик на Википедија.
Иницијативата ќе биде доставена до следниве институции кои имаат ингеренции да одлучуваат по однос на идеите што ги содржи, но и до институции кои во описот на својата дејност се бават со прашања кои се предмет на иницијативата: Претседател на Влада на Република Македонија, Министерство за образование и наука, Министерство за култура, Министерство за информатичко општество и администрација.“
За да се потпишете на петицијата за бесплатни е-книги достапни за сите граѓани на Република Македонија, кликнете на следната врска: http://www.ipetitions.com/petition/Inicijativa
2 comments:
Такава инициатива вече постои, тука секи ден се качват стари книги от македонски учени, револуционери и преродбеници:
http://strumski.com/
Aко го прочитавте текстот ќе воочевте дека идејата на оваа иницијатива е различна од се што постои до сега и се работи не само за книги на МКД јазик туку за сите публикации во библиотеките на сите јазици кои моментално се во печатена форма. Благодарам.
Post a Comment