Saturday, August 04, 2012

Плановите на Георгиевски за поделба на Македонија

На почетокот на деведесетите години Љубчо Георгиевски претставува заштитно лице на паролата „Солун е наш“ и икона на македонизмот, за по само една декада - за време на конфликтот од 2001 година, а според некои искази и претходно, тој целосно да си го промени убедување и скандалозно да започне да се залага за поделба на Македонија и размена на територии. Со тоа и по ова прашање, како и по многу други, неговиот став си го има променето за цели 180 степени.

„Старото ВМРО се борело за обединување на Македонија, Георгиевски сакаше да ја подели.

Почнувајќи уште од Гоцевото ВМРО, па дури и неговите бугарски крила, сите се бореле за обединување на Македонија.

„Јас ги следам правилата на старото ВМРО…“ - Љубчо Георгиевски, Во Центар, 2010 година.

Тој не само што не ги почитува идеите на старото ВМРО, туку работи против нив, за поделба на Македонија.“ - Горан Н. Арсов, Психотично Општество, 02.28.2012


Наместо достоинствено и со сите расположливи сили да ги решава произлезените проблеми од исценираниот конфликт, тој капитулациски предложи да се лишиме од дел од нашата татковина.

„Георгиевски во колумната во "Дневник" во април 2003 година напиша: "Потребно е најитно враќање на тезите изнесени од неколку академици за размена на територии и на население или, поточно, разграничување помеѓу Македонците и Албанците. Основата на нашиот интерес е етничко спасување на Куманово, Скопје, Кичево и на Струга, што подразбира иселување на албанските граѓани од тие области...“ - Дневник, Број 2776, 18 март 2006 година.

Наместо како тогашен премиер чија должност е да го брани територијалниот интегритет на земјата тој инфантилно понуди дел од таа територија на подарок.

„од непоколеблив националист кој настојуваше вмровскиот конгрес да го одржи во Солун, сега ја делеше Македонија оваде и отаде Групчин, бараше размена на територии небаре Македонија е зелникот што треба да се расчеречи и изеде. “ - Мишко Талески „Фрустрирачките ставови на политичките депресивци“, MN.mk, 25.01.2012

За плановите на Георгиевски за поделба на Македонија, сведочи Али Ахмети:

„Љубчо Георгиевски предлагаше не само етничка поделба на Македонија туку и менување на границите во регионот. Ова признание али Ахмети го соопштува во вечерашното интервју за албанската сателитска мрежа Алсат , обелоденувајќи и детали за предлогот што му го дал во време на воениот конфликт 2001 та тогашниот премиер на државава, Љубчо Георгиевски.

Јас имав понуда од Георгиевски во 2001 за поделба на Македонија. дел од медиумите побараа од мене да им ја обезбедам документацијата од оваа понуда. таа документација беше јавна и беше објавена од македонските медиум во тоа време. Портпарол на овој концепт во тоа време беше тогашниот претседател на МАНУ со што мене ми се понуди компромисно решение, липковскиот крај каде ние во тоа време држевме линија на фронтот да и припадне на косово, додека делот на Тетово и Гостивар да и припаднат на Албанија, но јас не подлегнав на ваквите стапици , вели Ахмети“ - Канал 5, 21.09.2005

За овие планови била информирана и Ермира Мехмети:

„Во ДУИ велат дека на Али Ахмети уште пред една година му била понудена таква идеја, но тој ја одбил.

- За него беше апсолутно неприфатливо бидејќи цел на Ахмети е да се подобри статусот на Албанците во Македонија, а не да се разменуваат територии и население. Не сакаме да дебатираме за поделби во време кога говориме за единствена и обединета Европа... - вели Ермира Мехмети од Демократската унија за интеграција.“ - Дневник, Број 2776, 18 март 2006 година.

За истово сведочи и Љубен Пауновски, тогашниот министер за одбрана:

„Пауновски, кој беше на чело на министерството во почетокот на воениот конфликт, во видеоснимката објавена деновиве, меѓу другото, тврди дека агендата за одбраната на државата на Георгиевски и Димовска била сомнителна.

„Во април 2001-та, по еден од редовните ноќни состаноци на државниот политички врв и на безбедносно-командниот врв, Георгиевски и Димовска останаа во кабинетот во Министерството за одбрана. Георгиевски директно ми соопшти дека мора да се разделиме со Албанците, да им дадеме територии кај Дебарско и Гостиварско-тетовско, со прст ги означи териториите на картата на Македонија, а остатокот да го носиме кај нашите во Бугарија. Ова особено го истакна Димовска. Георгиевски, пак, рече дека тоа сега конечно треба да се одработи, а главната работа е да се извадат сите тенкови во најкраток можен рок, за ден-два, и да се постават по должината на патот Скопје-Гостивар, на еднакви растојанија од левата страна на патот гледано кон Гостивар“, вели Пауновски во обраќањето до јавноста.“ - Фросина Цветковска „Георгиевски не негираше дека работел на поделба на Македонија“, Нова Македонија, број 21746, 24.7.2009 година.

И Арбен Џафери е дециден дека Љубчо Георгиевски му понудил поделба на Македонија:

„Џафери првпат јавно призна дека разговарал со Георгиевски за поделба на Македонија, но војната ги спречила да го реализираат планот...

"Војната не спречи да го реализираме планот. Ќе се избегнеше насилството и ќе се постигнеше мирна поделба помеѓу Албанците и Македонците. Не верувавме во функционирање на мултиетничка држава, која е фикција на меѓународните креатори", рекол Џафери. Тој тврдел дека за планот бил известен и тогашниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ и тој ја одобрил поделбата.“ - Дневник, Број 2776, 18 март 2006 година.

Звучи апсурдно но според ова тврдење на Џафери во тоа време целовитоста на Македонија посилно ја бранел еден српски политичар одошто македонскиот премиер кому што граѓаните му ја дале довербата.

За велепредавство поради неговите планови за поделба на Македонија, Љубчо Георгиевски беше обивинет и од Тодор Петров, претседателот на Македонскиот Светски Конгрес:

„Од Конгресот не штедат зборови ниту за Љубчо Георгиевски. За него велат дека е пародија на демократијата, бидејќи не бира средства за ширење на лаги за Македонија на македонскиот народ.

-Човекот кој во 2001 година беше изршител на специјална воја против државата за нејзината етничка кантонизација, нудејќи внатрешна редистрибуција и размена на територии и население, а подоцна сосема јасно декларира дека Македонците се етнички Бугари обвинувајќи го македонскиот народ за пројугословенски, кој државноста ја чувствува за товар а не како израз на вековниот стремеж за слобода, треба да одговара за велепредавство и за неосновано богатење, да лежи во Идризово, а не да дели лекции по историја и демократија на Македонија, рече претседателот на СМК, Тодор Петров“ - Курир, 10.07.2012 година.


Тодор Петров и во уште еден наврат го обвинува дека сакал да ја подели Македонија:

„Јавниот обвинител има обврска да се пробуди од длабокиот зимски сон, макар и во ова пеколно топло лето, да изврши проверка на потеклото на богагството на Георгиевски и на заговорот за етничка кантонизација и територијална дезинтеграција на Македонија во времето кога бил премиер на државата.“ - Тодор Петров „Заговорот на Љубчо против Македонија заслужува доживотно во Идризово“, 16.07.2012 година.

Георгиевски своите предавнички иницијативи за поделба на Македонија без ниту трошка срам ги соопштува и во неодамна издадена „автобиографија“:

„Поранешниот премиер на Македонија, Љубчо Георгиевски, кој има и бугарско државјанство, открива низа непознати работи од новата историја на државава, вклучувајќи го и податокот дека со својот српски колега, покојниот Зоран Ѓинѓиќ, разговарал за размена на територии меѓу Македонија, Албанија и Косово.“ - Ирена Чачкова „Георгиевски: Македонците се најголеми фалсификатори на балканската историја“, Без Пардон, 06.29.2012

А по промоцијата на книгата ваквите ставови за поделба на Македонија ги презентира и во интервју на Хрватската Телевизија од 14 јули 2012 година:

“Водителот на ХТВ: Во книгата опишувате како со српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ и со Албанците сте разговарале за размена на територии. Кој, што, требал да добие?

Љубчо Георгиевски: Па видете, со господинот Ѓинѓиќ двапати ја отворивме таа тема. Знаете, тоа беше во време кога косовската војна заврши, на некој начин македонската војна почна. И ние разговаравме за таа тема и сметавме дека ако овие две држави, Македонија и Србија, заедно влезат во тој проект, а мислевме дека Албанците во тоа време, би го прифателе многу лесно, бидејќи немаа решени проблеми со Косово, немаа решени проблеми со Македонија, полесно би ја убедиле меѓународната заедница дека тој проект е доста успешен. За жал, Ѓинѓиќ набргу после тоа несреќно загина, така да не можевме да влеземе во некоја поголема реализација на тој проект. Инаку, што се однесува, се работеше за еден концепт на размена на територии и население, народи, при што од македонска страна беше класична ситуација, Гостивар, Тетово и Дебар, а за возврат, да добиеме делови околу Преспанското езеро. Додека во Косово требаше само да се формализира таа поделба која почна да функционира, но не беше оцртана така како што денес функционира.“
Во врска со неговото залагање за размена на територии, од СМК, на Љубчо Георгиевски му поднесоа кривична пријава:

Светскиот македонски конгрес (СМК) денеска поднесе кривична пријава против Љубчо Георгиевски за кривично дело загрозување на територијалната целина на државата согласно од членот 307 на Кривичниот законик.

Во периодот на 2001 година, како што се наведува во пријавата, Георгиевски „како претседател на Владата на Република Македонија со мандат од 1998 до 2002 година, преземал дејствија за отцепување на територијата на Република Македонија и дел од таа територија да ја припои кон Република Албанија, на начин што откако стапил во разговори со тогашниот премиер на Република Србија Зоран Ѓинѓиќ, договорил дел од таа територија на општините Гостивар, Тетово и Дебар да се отцепи од Република Македонија и да се припои кон Република Албанија, а територијата на Мала Преспа, односно делови околу Преспанското Езеро, да се отцепи од територијата на Република Албанија и да се припои кон територијата на Република Македонија“. - „СМК поднесе кривична пријава против Љубчо Георгиевски“, Македонска Нација, 20 јули 2012 година.

Каде ли ќе е крајот на неговата анти-македонска дејност?

No comments: