За лавот како македонски симбол и за спомениците

Пред околу една година го прочитaв следново:

„Секој оној кој што плука на спомениците на лавови*, плука на самиот себе и на целиот македонски народ и историја.“

Јасно е дека лавот има огромна симболика за Македонците и за Македонија и како таков јас го почитувам, но знам и дека за таквата изработка на скулптури на лавови секое плукање е заслужено и оправдано.

Ако плукањето некого го боли, не тоа ми била намерата, и уште поважно тој некој нека знае дека за мене таквата претстава на македонскиот симбол лавот ме боли уште повеќе.

Целиот овој случај ме потсети на споменикот на рускиот цар Александар III, во Санкт Петерсбург, Русија. Синот на Александар III - царот Николај II, сакајќи да оддаде почит на својот татко, издал наредба за изработка на негов споменик.

Споменикот бил откриен на 23 мај 1909 година и наместо со него да се симболизира величината на царот Александар III, тој заедно со царот претставен на него станал објект на исмевање.

Исто како што и спомениците поставени на мостот Гоце Делчев веднаш беа наречени „трансформери“ и „прегладнети лавови“ и оваа карикатурална претстава на царот Александар III поставен на дебел коњ меѓу народот станала позната меѓу другото и како „Хипопотам“ и „плашило“.

Големиот руски уметник - Ilya Repin за коњот на оваа скулптура рекол „ова е слика на рускиот народ угнетен од својот цар“, со што само ја прочитал и не толку затскриената пораката со која авторот на овој споменик сакал да го прикаже царот како суров диктатор.

Самиот автор на скулптурата Paolo Trubetskoy, кој подоцна избегал во Франција изјавил „Јас само прикажав едно животно качено на друго“, со тоа изедначуваќи го царот со животно.

Па така наместо да оддаде почит и да го прикаже својот татко како величествен владетел, Николај II ненамерно поставил споменик кој сам по себе критика за владеењето на царот Александар III и цел на исмевање од страна на рускиот народ.


За да се покаже почитта кон нешто или некого не е доволно само да му се изгради споменик, а неопходно е истиот тој споменик да биде естетски направен и јасно да ја искажува причината поради која е поставен. За крај нека размисли секој дали би врамил своја фотографија на која е излезен грдо.

*се мисли на оние поставени од двете страни на мостот Гоце Делчев во Скопје.

No comments: