Saturday, December 17, 2011

Лириа ???

Протестно писмо поради непочитување на македонскиот јазик и на законот за македонски јазик при именувањето на спортската сала (и основното училиште) во селото Жеровјане, упатено до повеќе државни институции.

Доколку сметате дека со ова се деградира македонскиот јазик и се нарушува законот за македонски јазик, пратете и вие протестно писмо на посочените (и други) адреси.

(Фотографијата на која јасно се гледа називот на салата е превземена од MacedonianSpark и VMORO.Blog.mk)



До
Министерство за образование и наука
contact@mon.gov.mk

До
Агенција за млади и спорт
contact@ams.gov.mk

До МАНУ (секретаријат)
manu@manu.edu.mk

Јавен обвинител на Република Македонија
jorm@jorm.org.mk

Почитувани,

Во врска со називот на спортската сала "Лириа" во селото Жеровјане, општина Боговиње, Република Македонија, пуштена во употреба на 30 јануари 2010 година (и во врска со истоименото основно училиште кое се наоѓа на тоа место), Ве информираме дека е во спротивност со законот за македонски јазик и со член 7 од Уставот на Република Македонија.

Зборот "Лириа" на македонски јазик нема никакво значење, односно во македонскиот јазик не постои таков збор. Со самото тоа називот на оваа сала (и основното училиште) на македонски јазик е во спротивност со законот на македонски јазик и член 7 од Уставот на Република Македонија.

Член 7 од Уставот: "Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо."

Да појасниме: називот на салата (и основното училиште) на албански јазик е "Liria" што е легитимно. Проблемот е што овој назив на албански јазик наместо да се преведе на македонски јазик како "Слобода" тој само е препишан на кирилица и гласи "Лириа".

Тоа би било исто како спортска сала (или основно училиште) со назив на македонски јазик "Слобода", да се преведе на албански јазик како "Sloboda".

Според досега кажаното оваа сала (и основно училиште) нема назив на македонски јазик туку само на албански јазик и тоа и на латиница "Liria" и на кирилица "Лириа". Со ова сериозно се нарушува законот за македонски јазик кој е официјален на територијата на цела Република Македонија, односно член 7 од Уставот на Република Македонија.

Бараме од вас оваа грешка да ја исправите што побрзо и називот на македонски јазик официјално да биде "Слобода" што всушност е и точен превод на зборот на албански јазик "Liria".

No comments: