Watchmen - ликови

Watchmen е сместен во реалност поинаква од нашата. Таа реалност ја прави различна појавата на маскираните херои во САД.

Главните ликови во стрипот се прикажани колку што е можно поуверливо. Прикажано е нивното минато и секојдневните проблеми со кои и обичниот човек се соочува. Тие делуваат вистински во тој свет во којшто во стриповите наместо суперхероите коишто се секојдневна појава можат да се прочитаат приказни за егзотичните пирати.

Комедијантот (The Comedian) - Едвард/Еди Блејк (Edward Blake)

Во литературата лик којшто е мртов уште на почетокот на делото тешко може да се очекува дека би бил меѓу главните ликови. Но таков не е случајот со Еди Блејк во Wachmen. Тој е еден од првите маскирани херои. По усвојувањето на законот на Кин (Keene act) во 1977 година, под закрила на владата на САД, единствено нему и на Доктор Менхетен им е дозволено да продолжат со работата.

Беџот со смајлито којшто се јавува на повеќе места во стрипот е негов. Заедно со часовникот претставува најпрепознатлив симбол и на самиот стрип.

Роршах (Rorschach) - Волтер Џозеф Ковакс (Walter Joseph Kovacs)

Во шарениот свет на Watchmen, во којшто нема апсолутно добри или апсолутно лоши карактери Роршах е најблиску до црно-бел. Неговото име е инспирирано од тестот роршах, креиран од швајцарскиот психолог Херман Роршах (Hermann Rorschach). Самиот тест (симетрични дамки мастило) се гледа и на неговата маска.

За разлика од останите маскирани суперхерои за него маската не е претпазна мерка за да не се открие неговиот вистински идентитет туку таа е неговиот вистински идентитет. По една неуспешна мисија и неисполнето ветување Ковакс станува маска за Роршах.

Nite Owl - Даниел Драјберг (Daniel Dreiberg)

Даниел го презема карактерот на Nite Owl со дозвола од првиот Nite Owl - Холис Мејсон (Hollis Mason) по неговото пензионирање. Холис е херој за него и со парите кои ги наследува од неговиот богат татко одлучува да стане маскиран херој. На крајот дури и го зема името на Холис Мејсон за свое презиме (Сем Холис).

Ликот на Nite Owl во многу нешта потсетува на оној на Бетмен. Интересно е тоа што Дејв Гибонс го креира првиот Nite Owl на 14 годишна возраст и во голема мера постетува на Робин.

Silk Spectre - Лори Јуспечик (Laurie Juspeczyk)

Лори е втората Silk Spectre и станува маскиран херој поради инсистирање на нејзината мајка. Таа е единствената врска на Доктор Менхетен со земјата и луѓето. Ако Тројанската војна се водела заради убавата Елена, во Watchmen опасноста за уништувањето на светот станува веројатно заради тоа што Лори раскинува со Доктор Менхетен.

Инаку интересно е што суфиксот во полските презимиња -czyk, значи "мала" или "син/ќерка на". Таа навистина е по потекло од Полска и е ќерка на првата Silk Spectre Сели Јупитер (Sally Jupiter). Колку само е посветено внимание на деталите.

Д-р Менхетен (Dr. Manhattan) - Д-р Џонатан/Џон Остерман (Dr. Jonathan Osterman)

Доктор Менхетен е единствениот херој во стрипот којшто поседува надчовечки супер моќи. Самото име Остерман (герм. Ostern, анг. Easter) значи велигден (човек) и најверојатно го добива поради тоа што и тој како Исус воскреснува од мртвите.

Тој е најблиското нешто до бог и е виртуелно семоќен. Реалноста којашто тој ја перцепира е различна од нашата, нештата ги гледа на субтомско ниво. Ја доживува сегашноста, минатото и идината во исто време, а таква е и нарацијата во стрипот.

Во неговиот случај може да се каже дека не важи сентенцата дека облеката не го прави човекот. Како што неговата херојска униформа станува пооскудна така тој се повеќе се алиенира од светот и луѓето.

No comments: