Микрософт кажи Македонија - писмо до Претседателот

По прашањето за употреба на името на Република Македонија во системскиот и апликативен софтвер на корпорацијата Микрософт. Доколку ја подржувате иницијативата писмото до Претседателот на Република Македонија можете да го пратите од тука!

Почитуван г-дине Претседателе

Како што веќе сигурно сте информирани, Микрософт е софтверска компанија, ИТ гигант чии производи ги користи над 90% од светското населениекое што употребува компјутери, односно 99% од населението што употребува компјутери во Македонија

Оваа корпорација континуирано ја користи референцата Macedonia (FYROM) наместо само Macedonia во своите програмски пакети, како име за нашата земја. Воедно македонскиот јазик е прекрстен со некои вештачки додавки и е заведен како Macedonian (FYROM)

Бидејки ваквата политика на Микрософт е непрекината во последните десетина години, може да се заклучи дека е системска и со одредена цел. Оваа респектибилна корпорација во светот гради непринципиелен однос кон нашата земја – Република Македонија. Причините и вистинската цел за ваквиот однос остануваат неразјаснети.

Целата ситуација е уште поапсурдна знаејки го фактот дека седиштето на компанијата Микрософт е во САД, земја која не призна под нашето уставно име. Дали на овој начин всушност не се кршат законите на САД – симболот на светската демократија и функционален правосуден систем? Зарем моќта на Микрософт е толку голема што е во е во позиција да не ја почитува официјалната позиција на САД, како и нашите закони?

Ниедна досегашна македонска влада не успеа да го убеди Микрософт да престане неразумно да постапува по ова прашање, согласно некоја политичка агенда. Исто така, ниту една македонска влада не успеа да поттикне ревизија на ставот на Микрософт по ова прашање, иако во неколку наврати беа склучени неколку повеќемилионски договори за набавка на софтвер од оваа корпорација.

Со други зборови. Парите на граѓаните директно од буџетот на Република Македонија одат во кампања против нивните интереси и интересите на нивната држава. На тој начин се создава многу опасна кампања со големи димензии, бидејки Микрософт речиси суверено владее на пазарот на софтвер, особено кај оперативниот. Штетите кои се направени досега се огрмни.

Официјален дистрибутер и партнер на Микрософт во Македонија е фирмата Логин Системи, односно Микрософт ДООЕЛ Скопје. Откако е официјализирано нивното партнерство во 1995 година, па до денес, целиот проблем со исклучок на некои мали варијации е статус кво. Очигледна е немоќта на оваа фирма да влијае на нивниот работодавач да ја промени ваквата тврдоглава и неодговорна политика кон нашето име и нашиот јазик.

Досегашните напори на државните институции, невладиниот сектор како и приватниот сектор беа недоволни за да се најде трајно решение.

Ова отворено писмо е израз на незадоволството кое е присутно кај целокупната македонска интернет заедница., корисниците на компјутери, како и пошироката општествена заедница.

Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат како може нивната држава да соработува со некој кој во старт не ја почитува нејзината политика и закони. Какво партнерство може да се гради со некој кој од една страна употребува безкрупулозна, дегутантна и негирачка политика кон нашата земја и јазик, а од друга страна ги користи ресурсите на државата?

Почитуван Претседателе, Ве повикуваме да учествувате во разоткривањето на суштината на проблемот кој ни е вештачки наметнат од Микрософт. Исто така, Ве повикуваме во рамките на Вашите овластувања да посочите на изнаоѓање на правилен пат, соодветни процедури и постапки за трајно решение.

Ве повикуваме да ги искористите сите механизми: политички, правни и дипломатски со кои располагате да се најде решение на проблемот.

Се повикуваме на Вашата свест, совест и достоинство дека како и досега ќе сторите се што е во Ваша моќ името на нашата земја и името на нашиот јазик да не бидат извитоперувани од корпорации, компании, држави и влади.

Ве повикуваме и охрабруваме на брзи и решителни потези и очекуваме прифатливо решение во блиска иднина.

2 comments:

Gogo said...

Tesko nas so vakva faca od pretsedatel :D

Ne mi pisuvam poraka deka i taka nema da svati pola od toa :p

Anonymous said...

Pa koj gi ebe.Linux is the best!!!