Tuesday, February 25, 2014

Како настанал животот? Спонтана генерација

3. ХИПОТЕЗА ЗА СПОНТАНАТА ГЕНЕРАЦИЈА НА ЖИВОТОТ

Според оваа хипотеза животот, а особено попростите форми на живот, настанува од неживата материја и тоа за кратко време, како во минатото така и денес.

Уште во античкиот свет филозофите се занимавале со проблематиката за настанокот на животот. Имало многу хипотези според кои што животот настанал од огнот, земјата, воздухот. Талес од Милет сметал дека животот настанал од водата. Тврдел дека живиот свет е феномен на хидросферата и дека животот по ништо не се разликува од смртта.

Аристотел сметал дека мртвата природа има своја душа која поседува творечка енергија и може да создава живот. Таа сила ја нарекол ентелехија. Луѓето од античкиот свет верувале дека мувите и некои други мали животни настануваат со спонтана генерација од тињата.

Ако видовите настануваат само од претходно утврдени видови-родители, тогаш како настанал животот воопшто? Одговорот на ова прашање европските научни кругови долго време го објаснувале со спонтаната генерација. Наивното верување во спонтаната генерација одела до таму што дури и се правеле рецепти за создавање на живи организми.

Според приврзаниците на оваа хипотеза од парче леб или сирење оставени на темно настануваат глувци, а во месо за неколку дена настануваат ларви.

На хипотезата за спонтаната генерација прв се спротивставил Италијанецот Франческо Реди. Во 1668 година направил серија експерименти и сите воделе до ист заклучок: ако месото било изолирано од муви и тие не полагале јајца, во него не настанувале ларви (Харвеј: „ex ovo omnum“ прев: „се настанува од јајцето“). Со тоа се Реди ставил крај на расправата за спонтаната генерација сè до 1745 година, кога англискиот католички свештеник Џон Нидам ја издал книгата „Сума на некои нови микроскопски откритија“. Во неа Нидам тврдел дека сепак голем број на организми спонтано настануваат во голем број субстанци кои биле запечатени во стаклени садови и подложени на силен оган за време од 30 минути. Со тоа тој претпоставил дека ги уништил веќе постоечките организми и дека организмите што потоа ги регистрирал настанале од неживата материја. Кога во 1775 година италијанскиот биолог Лазаро Спаланцани ги повторил истите експериментите дошол до заклучок дека садовите на Нидам или не биле доволно долго загреани или не биле запечатени. Иако доказите на Спаланцани биле убедителни прашањето дали животот настанува спонтано не било разрешено окончателно.

Во 1860 година француската академија на науките понудила награда за оној што ќе успее експериментално да докаже дека торијата за спонтаната генерација е точна или не. Во одговор на предизвикот Луј Пастер демонстрирал дека микроорганизмите што се појавиле во месото или другите супстанци се од микроорганизмите кои што се содржат во воздухот, а не од самиот воздух како што тврдел Нидам.

Во 1876 година Англичанецот Џон Тиндал со соодветна апаратура докажал дека во воздухот се содржат микроорганизми и дека во супстанци кои што подржуваат развој на микроорганизми, микроорганизмите не се развиваат доколку не се присутни и во околниот воздух. Со ова се ставило крај на хипотезата за спонтаната генерација и се отворило ново поглавје за прашањето за настанок на животот.

No comments: