Saturday, February 15, 2014

Како настанал животот? Креационизам

2. КРЕАЦИОНИСТИЧКИ ИДЕИ

Според креационистичките сфаќања животот на земјата се должи на дејствието на натприродна (виша) сила – бог, која што не може да се објасни со законите на физиката и хемијата. Приврзаниците на оваа хипотеза се теолози (и некои филозофи) и тврдат дека бог го создал светот и животот во него од ништото. Речиси не постои религија или митологија во која не се спомнува настанокот на животот на земјата.

Во Библијата во прва и втора глава од „Настанок“ детално се опишани постапките со кои бог ја создал земјата, животните и човекот. За време на средновековна Европа црквата темелно ја зацврстила својата позиција и напишаното во Библијата го проповедала како непогрешливо.

Најголем противник на учењето на црквата за креационизмот бил Џордано Бруно (1548-1600), за што бил запален на клада од инквизицијата.

Откако Дарвин (1809-1882) ја публикувал книгата „Потеклото на видовите“ во 1859 година, некои религиозни лидери плашејќи се да не ги изгубат верниците и буквално читајќи го напишаното во Библијата уште посилно почнале да го проповедаат креационизмот или креационистичката наука. Тие стигнале до таму што ја објавиле теоријата на еволуцијата за богохулство. Во САД (Дејтон, Тенеси) во 1925 година Џон Скоупс средношколски професор бил обвинет и осуден поради незаконското учење на студентите за теоријата за еволуцијата.

И покрај општо прифатената теорија за еволуцијата, некои религиозни групи и денес го оспоруваат современото сфаќање за настанокот на животот и за веќе утврдените библиски ставови бараат факти. Според нив исто како што е очигледно дека Претседателската галерија на Маунт Рашмор е створена од човечка рака (интелигенција) така и животот на земјата, а особено посложените форми, не можат да настанат како последица на редица од случајности, а само како резултат на целенасочено дејствие на повисока интелигенција – бог.

No comments: