Thursday, August 09, 2012

Погрешните ставови на Георгиевски за т.н. антиквизација

Георгиевски, откако се пишманеше во врска со македонската историја, во колумна во која ги исмева Македонците, тврди дека нашите преродбеници, за разлика од ние денес, не се поистоветувале со античка Македонија на Александар и Филип:

„Чудна работа, како овие генијални идеи досега не му паднале на ум на никој од столбовите на нашиот национален идентитет! ... Таква генијална идеја исто така не им текнало ниту на браќата Миладинови, на Прличев, на Шапкарев, на Џинот…“ - Љубчо Георгиевски, „За внуците на Аминта“, Фокус, 27.04.2009 година.

Во друга негова колумна Георгиевски исто така ја негира нашата поврзаност со античка Македонија и нè обвинува дека сме скршнале од патот зацртан, меѓу другите и од Прличев и браќата Миладиновци:

„Секој следен ден, со сè поголемата антиквизација стануваме отстапници од Заветите на Св.Климент и Св.Наум, од Заветите на Браќата Миладинови, Прличев, Шапкарев… Отстапуваме и од Заветите на Делчев и на Груев“ - Љубчо Георгиевски, „Македонија апостат“, Фокус, декември 2011 година.

Значи тој во овие две негови колумни тврди дека т.н. антиквизација е нов феномен и дека нашите предци од пред сто години не чувствувале никаква поврзаност со античка Македонија. Но дали е навистина така?

Има многу докази дека ова што Георгиевски го пишува во врска со поменот на антиката меѓу Македонците не е точно, но да се задржиме само на оние личности кои што тој ги спомнува во своите колумни.

По повод 1000-годишнината од смртта на Свети Методиј, во 1885 година во Солун, Григор Прличев ќе каже:

„Мајка Македонија е многу ослабната. Откако го роди големиот Александар, откако ги породи светите Кирил и Методија, оттогаш мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена. Но мајка што роди вакви синови, во иднина ќе роди и други како нив... Ќе произведе уште многу Кириловци и Методиевци, кои ќе бидат светилници на нашите училишта и столбови на нашата вера и кои ќе го прославуваат македонското име!“

Георгиевски вели дека со славењето на нашето античко македонско минато стануваме отстапници од идеите на Прличев, а самиот тој Прличев ја слави античка Македонија и нејзиниот најголем крал - Александар III Македонски. Ако веруваме во тоа што Георгиевски го пишува ќе треба и Прличев да го сметаме за отпадник од сопствениот завет.

Георгиевски нè обвинува дека со славењето на античките македонски великани ние сме отстапиле од заветот и на браќата Миладиновци, но дали е ова точно?

„Мал­ку е познато дека Димитар Миладинов пока­жувал голем интерес кон историјата на античките Македонци.“ - Александар Донски, Македонците од 18, 19 и 20 век себеси се декларирале како потомци на античките Македонци, втор дел, Македонска Нација, 20 октомври 2010 година.

Очигледно дека и Георгиевски не слушнал за тоа или пак не му одговара да го спомне.

„Пред доказите на Миладинов, Гркот замолча. Тој му зборуваше на Гркот не само за денешните Македонци, туку и за древните Македонци на Филип и Александар...“ - Рајко Жинзифов (цит. Блаже Ристовски), за полемика помеѓу Димитар Миладинов и еден Грк.

Како што гледаме и еден од браќата Миладиновци чувствувал поврзаност со античка Македонија и ја знаел нејзината историја. Дали самиот Миладинов со тоа отстапува од својот завет или пак, поверојатно, Георгиевски пишува за работи кои што воопшто не ги познава?

Дополнително: Историја на т.н. антиквизација (2 јули 2011)

No comments: