Friday, August 02, 2019

Честит Илинден 2019

Честит Илинден граѓани на Република Македонија и Македонци ширум светот!

Поздрав со македонската народна песна "Крушевска Република"

Претседател прв ми беше,
Тој Никола Карев,
Со македонските војводи,
Сите ИЛИНДЕНЦИ.
Даме Груев, Питу Гули
И Јане Сандански.

За слобода загинаа,
Славните војводи,
На Македонците они,
Завет оставија,
Да се борат за слобода
За Македонија.
Крушевска Република - Македонски Мерак

Saturday, June 15, 2019

Македонска Ризница бр. 52


Уште од најраното детство сонувам еден особен тип соништа. И покрај тоа што повеќето од нив се страшни, не би можел сите да ги ставам под капата на кошмари. Нивната заедничка нитка не е стравот, а поскоро застранувањето од реалноста.

Во дел од нив се обидувам да побегнам од искривените „природни закони“, кои необјасниво ме туркаат кон провалија или како селективна гравитација, десетпати посилна од нормалната, ми ги приковуваат нозете за земја. Во друг дел, се убедувам себеси дека некој призор е подеднакво нестварен колку што е и страшен, за кога ќе ми се припие за погледот, прифаќајќи ја лагата, во паника да започнам да се разубедувам дека е вистина. Како екстровертизација на последното, во трет дел од ваквите соништа се обидувам и на останатите „жители“ на земјата наречена Сламберленд да им објаснам дека логиката по која се водат и законитостите кои ги владеат - се лажни. Понекогаш, со тоа што самото нивно постоење ѝ пркоси на реалноста, како да им велам дека се само плод на фантазијата.

Сепак, како сонот не би научил дека е сон, моите зборови ретко наидуваат на плодна почва. Или барем додека не се разбудам. А со тоа се става крај на луѕањето низ нереалното, црвеното повторно станува црвено, а два плус два одново е еднакво на пет.

Во последните неколку години, реалното и иреалното како да си ги заменија местата. Светот на будното во кој македонските власти погазувајќи го уставот прифатија дека нивната земја не се вика Македонија, а дека предците на нивните дедовци и баби се сѐ освен Македонци, стана помалку реален и од моите најчудни соништа. Нека ова одново будење на електронското списание „Македонска Ризница“, кое две години беше во „зимски сон“, биде искра надеж дека нештата повторно ќе застанат онаму каде што природно им е местото.

Од издавачот

Wednesday, February 20, 2019

Нашето име е Македонија

Никој нема право да го менува нашето име и идентитет!



Нашето име е Македонија.

Saturday, December 22, 2018

Учество на македонски автори на стрип-фестивал во Пожаревац

На Фестивалот на стрип и карикатура, или скратено „Стрика фест 2018“, кој вчера (21 декември) се одржа во српскиот град Пожаревац, покрај домашните стрип-творци, не изостанаа и такви од Македонија. Меѓу мноштвото изложени дела, на изложбата поставена во холот на Центарот за култура во Пожаревац, посетителите имаа можност да се запознаат и со анти-воениот стрип од 12 табли – „Надежта е нешто пердушесто“, кој по сценарио на Александар Стеванов го илустрира  дипломираниот ликовен уметник Дарко Богданов.


„Стрика фест“, кој годинава се одржува по вторпат, е во организација на здружението „Креативна оштрица“, а е реализиран со финансиската поддршка на Градот Пожаревац. Освен изложбата, во склоп на фестивалот одржани беа и работилници за карикатура и стрип, а на берзата составена од неколку штандови, вљубениците во деветтата уметност имаа можност да се запознаат и со најновите стрип-публикации.

Од организаторот порачуваат дека фестивалот и годинава успеа „на едно место да ги собере љубителите на стриповите и карикатурите, нивните издавачи, колекционерите и уметниците кои ги создаваат овие дела.“ А што се однесува до македонските стрипаџии, по учествата на фестивалите во Крагујевац, Лесковац, Белград, Нови Сад, Велес, Ваљево, а сега и Пожаревац, особено имајќи ги предвид неколкуте освоени награди, слободно би можело да се каже дека успешно ја завршуваат и оваа стриповска година.

Види и: