Showing posts with label Антипропаганда. Show all posts
Showing posts with label Антипропаганда. Show all posts

Monday, November 11, 2013

Збор-два за имињата

Во крајниот југоисточен дел на Република Македонија, на околу 170 километри оддалеченост од нашиот главен град, се наоѓа општината Дојран. Самата општина која е расположена на Дојранското езеро е составена од Стар Дојран, кој што е и центар на општината и од Нов Дојран.

За тоа како ова место го добило својот назив, легендата вели дека во градот имало убава мома која што била заљубена во овчарчето Лабин. Еден ден, додека во Дојран имало веселба, Џемо арамбашата нејзе ја грабнал и смртно го ранил Лабин. Полна со гнев девојката некако се ослободила од стегите на насилникот и заедно со својот сакан Лабин се упатиле кон езерските води каде што, негледајќи друг излез, се удавиле. Оттогаш езерото го носи името на храбрата дојранска девојка, Дојрана.

Дојранското езеро кое што некогаш изобилуваше со бројни туристи, во последните неколку години повторно си го враќа стариот сјај од пред еколошката катастрофа. Годинава за Илинден сместувачките капацитети во градот беа пополнети до последното место.

Република Македонија го дели ова езеро со својот јужен сосед Република Грција. Оттука не е воопшто чудно дека и во Грција, на брегот на Дојранското езеро, постои место со сличен назив на оној на општина Дојран. Се работи за малото грчко село, поранешна општина, Дојрани (Δοϊράνη).

Имено ова грчко село со околу 200 жители, иронично претставува жив доказ за лажливата пропаганда на грчките власти во врска со спорот со името на Република Македонија. Да започнеме со ред.

Како аргумент на барањата за преименување на нашата татковина, грчки политичари, повеќе пати го наведувале тоа што во Грција постои регион Македонија и дека поради тоа се создавала забуна.

„Грција тврди дека името Републија Македонија создава „забуна“ со провинцијата Македонија, која беше анектирана по поделбата на целата територија на Македонија во 1913 година.“[1]

Повеќе од јасно е дека за забуна не може ни да станува збор. Во светот постојат низа на исти или слични називи, па никој од тоа не прави проблем. Самиот збор „Република“, кој што стои пред „Македонија“  е доволен за да се направи јасна разлика меѓу нашата независна држава и грчкиот регион.

„Единствениот можен “разумен компромис“ за државното име Македонија е ирската формула што подразбира поделена сувереност врз островот Ирска меѓу државата Ирска со уставната додавка Република како Република Ирска и Обединетото Кралство на Велика Британија со Северна Ирска - северниот дел на островот Ирска, на англиски јазик United Kingdom of Great Britain and Northern Ireland.

Или, државното име Македонија со употреба на уставната додавка Република односно Република Македонија, како јасна разлика од истоимената северна грчка провинција Македонија...“[2]

Па сепак на крајот на краишатата доколку на овој нивен став Грците се придржува принципиелно, а не само по потреба, ќе побараа преименување и на македонската општина Дојран, поради си некакво правење на дистинкција со нивното село Дојрани. И токму овде се гледаат нивните вистински цели.

Називот на ова грчко село, исто така ги негира и небулозите на поголем дел од грчките политичари, за тоа дека самиот назив на нашата татковина имплицира територијални претензии кон нивниот регион во северна Грција.

„Грција... го оспорува правото на Република Македонија да се именува со своето уставно име со образложение оти тоа изразува територијални претензии кон истоименета северна грчка провинција.“[3]

Доколку името на Република Македонија само по себе, како што тврди грчкиот државен врв, имплицира територијални претензии кон грчката област Македонија, тогаш според истата таа нивна логика, би требало и името на македонската општина Дојран само по себе да претставува закана за грчкиот територијален интегритет, односно за селото Дојрани и за сите негови 183 жители. Зошто за случајот со името на општина Дојран грчките власти не реагираат? Затоа што ниту во овој случај, а ниту пак во случајот со името на нашата татковина, имињата не претставуваат никаква територијална закана за Грција. Примеров со македонската општина Дојран и грчкото село Дојрани е повеќе од доволна потврда за тоа.

„Основните причини поради кои Грција се противи Македонија да го користи тоа име [Република Македонија] се покажаа како неточни, а тоа е оти користењето на нејзиното уставно име имплицира територијални претензии кон Грција, и оти може, на некој начин, да ја дестабилизира Грција.“[4]

Приказната за иредентистичките намери на Македонија, за која што и самите грчки функционери се свесни дека не претставува ништо повеќе од приказна, им служи само како маска за нивната крајна цел во спорот со името, целосно разнебитување на македонскиот идентитет, нешто што ние како Македонци не смееме да го дозволиме.

А.С.

Објавено во Македонска ризница, бр. 16, како и на порталот Македонска нација

[1] Бил Николов, претседател на Македонското меѓународното движење за човекови права, „Дали САД некогаш би прифатиле да го сменат своето име? Зошто тогаш тоа се бара од Македонија?“, Мкд.мк, 6 јули 2012
[2] Тодор Петров „Македонија и ирската формула“ Македонска Нација, 9 ноември 2012
[3] „Македонија - Грција, 16 години спор за името“, Online Press (МИА), 23 август 2013

Friday, August 16, 2013

Промена на името не задира во идентитетот?

Во изјава [1] дадена за Нова, од 27 јуни оваа година, портпаролот на ДУИ, Бујар Османи кажа:

„Последниот предлог на медијаторот Нимиц за името не задира во идентитетот и граѓаните мора да го знаат тоа.

Дебата за преговорите мора да има во јавноста, вели во саботното интервју за 24 Вести портпаролот на Демократската унија за интеграција Бујар Османи, наспроти тврдењата од нивниот коалициски партнер дека во моментов нема зошто јавноста да биде известена за идеите на Нимиц.“

Околу потребата за дебата за новиот предлог на Нимиц[2], јас си го кажав своето.[3]


A во врска со првото тврдење на Османи, дека последниот предлог на Нимиц не задирал во идентитетот, всушност каков и да е тој (освен „Република Македонија“), а според Нова се работи за предлог-името „Горна Република Македонија“[2], тој задира и те како во идентитетот на граѓаните на нашата Република.

За разлика од Османи кој што дава свое мислење без да го образложи и поткрепи со факти, како потврда за она што јас го тврдам, а е спротивно на кажаното од него, ќе се послужам со извадок од напис[4] на претседателот на СМК, Тодор Петров:

„По меѓународно право, името на државата е идентитетот на нацијата! А, името на нацијата е името на државата! ... Декларација за идентитетот не е вербализам или резолуција под мишка, туку пасошот како документ за лична идентификација. Таму ви е внесен кодот: името и презимето, датумот и местото на раѓањето, адресата во местото на живеење, матичниот број, националноста односно државјанството и името на државата чие државјанство го поседувате...

Сте ги провериле новите биометриски пасоши? Во нив, во графата националност, што подразбира државјанство, пишува МАКЕДОНСКО/MACEDONIAN, што значи и МАКЕДОНЕЦ! Така им пишува на сите граѓани на Македонија, независно од нивното етничко потекло, затоа што по меѓународното право, националноста по автоматизам произлегува од името на државата! Односно, националноста е синоним за државјанството!“

Да, со евентуална промена на името на државата не се загрозува само идентитетот на етничките Македонци, туку директно се задира и во идентитетот на сите граѓани на нашата Република.

Впрочем и Стево Пендаровски во изјава[5], дадена за неделникот Република и објавена на Нет истиот ден како и онаа на Османи, тврди дека: „Проблемот со Грција не може да се реши со директни преговори без да се оштети националниот идентитет.“

Колку да сме на јасно.

Monday, July 15, 2013

Зошто НАТО ѝ забрани на Македонија да ги употребува тенковите Т-72?


„Зошто НАТО ѝ нареди на Македонија да ги исфрли од употреба руските борбени авиони СУ-25 со изговор дека тие не ги задоволуваат стандардите на НАТО, кога истите тие авиони ги користат армиите на Словачка, Чешка и Бугарија кои се членки на НАТО?
Су-25
Зошто во 2001 година НАТО ѝ забрани на Македонија да ги употребува тенковите Т-72, кога тие тенкови ги употребуваат армиите на Полска, Чешка и Унгарија кои се членки на НАТО?
Кого штитеше НАТО во 2001 година, и зошто и денес НАТО ѝ забранува на Македонија да ги користи своите авиони за да ја заштити својата територија и своето небо?

Дали НАТО им дава знаци на терористите дека можат слободно да прават што сакаат во Македонија, затоа што НАТО повторно ќе биде на нивна страна и ќе ги заштитува?“


„...Од досега презентираните ставови на НАТО може да се изведе јасен заклучок дека на нашата земја најмногу ѝ се забележува за опремувањето на оружените сили со орудија кои покрај за дефанзивни можат ефективно да се користат и за офанзивни воени дејствија. Тука пред се мислам на борбените авиони Су-25, борбените хеликоптери Ми-24, повеќецевните ракетно-лансирни системи БМ-21 и тенковите Т-72.

T-72

Оние со добро помнење ќе се сетат дека од сето споменато оружје НАТО најмногу се противеше токму на процесот на опремување на оклопно-механизираните единици на АРМ со тенкови од типот Т-72. Се уште се свежи сеќавањата на силниот политички притисокот кој Западот го вршеше врз Македонија и Украина со цел да ја спречи испораката на споменатите тенкови до македонската армија. Сето тоа се случуваше во време кога Македонија и Украина не беа (ниту пак денес се) под какво било ембарго за трговија со оружје и воена техника.

Дека ставот на НАТО против опремување на македонската армија со тенкови од типот Т-72 нема никаква врска со стандардите на Алијансата стана јасно кога Брисел ѝ "препорача" на АРМ своите нови тенкови да ги стационира што подалеку од невралгичните региони кои во тоа време се уште беа под контрола на т.н. ОНА. Следејќи ги препораките на Брисел, Армијата донесе одлука најсовремените тенкови кои ги поседуваат нашите вооружени сили да бидат стационирани во касарната во Струмица.
Mi-24

Тенкот Т-72 се наоѓа во вооружување на армиите на многу земји во светот, меѓу другите и во оружените сили на Бугарија, Романија, Словачка, па дури и Словенија која поседува најмалку 30 тенкови од типот М-84А, што всушност претставува лиценцно произведена југословенска модификација на тенкот Т-72М. Интересно е што споменатите земји се истите тие кои на претстојниот самит на НАТО во Прага ќе бидат поканети да станат полноправни членки на Алијансата. Што е уште поинтересно, тенкот Т-72 е дел и од вооружувањето на НАТО. Имено, него го поседуваат три земји-членки на НАТО: Полска, Чешка и Унгарија. Овие земји немаат намера да се откажат од тенкот Т-72 во скоро време, за што говори и намерата на Чешката Република да спроведе модернизација на 250 тенкови од типот Т-72, со цел да обезбеди употреба на тоа корисно орудие во наредните дваесетина години.

Сето тоа само по себе говори дека тенкот Т-72 воопшто не е пречка на патот на Република Македонија кон полноправно членство во НАТО. Дури и ако процените покажат дека Македонија поседува повеќе тенкови отколку што реално ѝ се потребни, вишокот тенкови кои би требало да се демилитаризираат треба да се бара помеѓу тенковите на македонската армија од постара генерација и со послаби карактеристики, какви што се немодернизираните тенкови од типот Т-55А.

Примерот со тенкот Т-72 го искористив да го доловам апсурдот кој ги следи "добронамерните" забелешки на НАТО. Тоа се однесува и на другото тешко оружје кое го поседува нашата армија. Имено борбените авиони Су-25 ги има во Бугарија, Словачка и Чешка додека борбените хеликоптери Ми-24 се наоѓаат во вооружувањето на Бугарија, Полска, Словачка, Чешка и Унгарија.“

Saturday, July 06, 2013

Повторното будење на духовите за промена на името

Откако претседателот Иванов изјави дека во спорот што го имаме со јужниот сосед неговиот став е Република Македонија за севкупна употреба [1], повторно се разбудија духовите за промена на името [2]. Само во изминатата седмица по медиумите проструија повеќе написи во насока на виткање кичма. Еве дел мал дел од нив:

  1. Видео: Членови на раководството на СДСМ јавно повикуваат на менување на името, Пулс24, 01 јули 2013
  2. Филе: Време е да направиме нешто околу името, 24 Вести, 02.07.2013 | 18:08
  3. Стано: ЕК поддржува секаква иницијатива за решавање на името, Топпост.мк, јул. 04
  4. „Да го решиме спорот со името - јас вие и Нимиц“ - Груевски до Самарас, Maxim,4. јули 2013
  5. Бренгелман: Решето го прво спорот за името, па потоа во НАТО, Телма, 05.07.2013
  6. Шеќеринска: Името може да се реши - СДСМ е подготвен за компромис, Прес 24

На ваквите медиумски пробни балони да одговориме дека името на нашата татковина Македонија и вековниот македонски идентитет не се за продажба.

преземена слика
Едно име, една нација, МАКЕДОНИЈА засекогаш!

[1] Иванов: Мојот став е - Република Македонија erga omnes, Дневник, 22.06.2013: „Мојот став за името е Република Македонија erga omnes (за севкупна употреба), порача Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и посочи дека земјата е конструктивна и прави се за изнаоѓање решение за наметнатиот спор.“
[2] Никола Гелевски: мојот избор е јасен - промена на името на државата!, Мактел, Сабота, 29 Јуни 2013

Sunday, February 24, 2013

Бугарска антиквизација

Во изминатите неколку месеци, Македонија е под жесток притисок од страна на источниот сосед во врска со т.н. антиквизација. Плејада на Бугари, предводени од бугарскиот кусоглед претседател, константно испраќаат пораки со уцени и лажливи обвинувања до Македонија, за т.н. антиквизација.

Во емисијата „Панорама“, емитувана на Бугарската национална телевизија (БНТ), недораснатиот за функцијата бугарски претседател, Росен Плевнелиев, изјави дека проблемот бил во т.н. политика на антиквизација која што наводно ја воделе властите во Скопје („Плевнелиев ги минира преговорите со Македонија“, Нова Македонија, 21.1.2013).

И по којзнае кој пат, овој бугарски функционер со антимакедонски ставови и дела, наместо да си го гледа својот двор, се меша во внатрешните работи на нашата земја. А ако се позанимаваше малку со бугарските случувања, ќе заклучеше дека и тие се „жртва“ на не многу поразлична антиквизација од онаа за која не обвинува нас, со таа разлика што Македонија тоа ним не им го зема за зло.

Од 1965 до 1999 година, во Бугарија се оддржува доста попурниот за тоа време музички фестивал Златниот Орфеј (Златният Орфей). Доколку ние имавме фестивал кој што го носи името на АНТИЧКИОТ митолошки музичар Орфеј (Orpheus), врз нашите плеќи Бугарите ќе истуреа еден куп вербални дрва и камења за т.н. антиквизација, но кога се тие во прашање приказната е со многу поинаков крај.

За ова никој од Македонија им нема замерено на Бугарите, ниту пак има направено обид да ги исмева за наводна антиквизација, напротив. Имајќи предвид дека некои извори говорат дека Орфеј бил по потекло од Тракија, регион кој што денес е во Бугарија (и Грција), не е нелогично еден бугарски фестивал да го носи името на овој музичар.

Иако не е дел од темата, не е на одмет да се спомне дека не овој фестивал има учествувано и популарниот македонски пејач Драган Мијалковски:



Бугарите особено се горди на откриените тракиски богатства (Тракийски съкровища). Пронајдените АНТИЧКИ артефакти можат да се видат поставени во неколку бугарски музеи, а дел од нив се прикажани и на бугарски поштенски марки. Повеќето Бугари се горди на тоа дека оваа древна цивилизација постоела на територијата на денешна Бугарија, па откриените артефакти ги нарекуваат „Тракиски богатства по бугарските земји“ иако за време на Траките на тие места немало ни Б од Бугарија.

И за ова никој од Македонија ги нема обвинето нашите источни соседи за наводна антиквизација и за китење со туѓи (тракиски) пердуви.

Како дел од „бугарската антиквизација“ би можел да се спомне и бугарскиот фудбалски клуб Спартак Варна, кој што го носи името на славниот АНТИЧКИ херој и водач на робовското востание, Спартак (Spartacus), а бројот на примерите не запира овде. Ги има уште многу, ама и да се набројат сите до еден, озлобените на Македонија нема да запрат селективно да гледаат на случувањата и нема да престанат вината да ја наоѓаат не кај себе, туку само во Македонија.

Friday, February 08, 2013

Наместо со Македонија, официјална Бугарија да почне да се занимава со себе

Се чини дека со изборот на актуелниот претседател, Бугарите воедно си добија и министер за Македонија. На местото на доскорешниот министерот за емиграција, дежурниот провокатор Божо Димитров, сега рака под рака се поставија бугарскиот премиер и недораснатиот бугарски претседател.

Недамна Плевнелиев изјави:

„Проектот „Скопје 2014“ е провокативен и нема сличен на него во регионот.“[1]

Оваa негова смешна изјава, со која во Македонија создава лош имиџ за Бугарија, е дадена за емисијата „Панорама“ на Бугарската национална телевизија (БНТ).

„Според него, проблеми меѓу луѓето што живееле од двете страни на границата немало, но проблемот бил во т.н. политика на антиквизација што ја воделе властите во Скопје, која повеќе создавала лажна илузија отколку, како што вели, давала конкретни решенија за иднината.“[1]

На ваквите негови обвинувачки изјави кои претставуваат директно мешање во внатрешните работи на Македонија, би му го кажал она што некогаш го кажал Гоце Делчев „официјална Бугарија да не мисли за Македонија, туку да си ја чува Бугарија.”[2]

Tuesday, January 29, 2013

Антиквизација од пред еден век

На сите оние кои што мислат дека поистоветувањето на Македонците со античка Македонија е модерен феномен од пред неколку години и дека тврдењето оти Македонците се наследници на цивилизацијата на Александар III Македонски е ништо повеќе од пропаганда на актуелната владеачка гарнитура, би сакале да им ја претставиме германската книга "Bilder vom mazedonischen Kriegsschauplatz" (Слики од македонските воени сцени)[1]


На корицата на самата еден век стара книга, издадена околу 1917 (1915-1917) година[2], поставена е слика на монета со ликот на македонскиот крал Александар III Македонски на која што е испишан текстот "Alexander" (Александар).


Доколку некој би сакал да спори дека ликот на Александар III Mакедонски е поставен на книгата затоа што таа се однесува, не на вардарскиот дел, туку, само на егејскиот дел од Македонија (во тоа време, а и денес, дел од Грција), би спомнале дека во книгата има поглем број на фотографии од (односно поглавја посветени на) градовите Скопје (Üsküb), Велес (Veles), Штип (Stip), Прилеп (Prilep), Охрид (Ochrida), Битола (Monastir), Дојран (Dojran) идр.[3]

Според ова повеќе од јасно е дека луѓето од германската издавачка куќа [4], територијата на денешна Република Македонија, од тоа време, ја поврзувале со цивилизацијата на античка Македонија и со античките Македонци, штом одлучиле на корицата на нивната книга да постават монета со ликот на Александар III Македонски.

Александар Стеванов во соработка со Кузман Мато

[1]Bilder vom mazedonischen Kriegsschauplatz Im Auftrage eines Generalkommandos hrg. von der Münchener Graphischen Gesellschaft. Gesammelt und zusammengestellt von Ludwig von Buerkel. Text und Titelblatt-Zeichnung von Hans Schmidt-Annaberg
[2] Нема напишано година, Ohne Jahresgabe (ca. 1917)
[3] Promacedonia
[4] Verlag der Münchener Graphischen Gesellschaft Pick & Co. München

Дополнително:

Sunday, January 20, 2013

Бугарскиот претседател Плевнелиев мисли дека живее во 1941 година

Реакција на FB страната ОМО Илинден ПИРИН[1] по повод обвинувањата на бугарскиот претседател, македонофобот Плевнелиев, дека Македонија наводно ја фалсификувала историјата[2]:

„Бугарскиот претседател Плевнелиев мисли дека живее во 1941 година кога бугарските фашисти под знамето на Хитлер ја окупираа Македонија и убиваа и масакрираа Македонци.

Наместо ПЛЕВНЕЛИЕВ ЈАВНО ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА МАКЕДОНЦИТЕ ЗА ЅВЕРСТВАТА НА БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИ, тој најгрубо се меша во внатрешните работи на Македонија.

Господине Плевнелиев, кога ќе ги признаете Македонците во Пиринска Македонија и кога ќе престанете да спроведувате фашизам врз нив, тогаш Македонците ќе сакаат да го слушнат вашето мислење. Сè до тогаш вие за нас Македонците не сте ништо освен бугарски фашист кој во 21 век го негира правото на Македонците на свој идентитет.“

[1] FB страна формирана од македонски патриоти од Република Македонија, симпатизери на „ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН“. Организацијата „ОМО ИЛИНДЕН ПИРИН“ од Пиринска Македонија (Република Бугарија) нема никаква поврзаност со страницата, ниту пак со содржините кои се објавуваат на неа.
[2] (ВИДЕО) Плевнелиев: „Скопје 2014“ е провокација и фалисфикување на историјата, A1ON, 18:55, 19/01/2013

Wednesday, January 16, 2013

Македонски административни бариери за бугарскиот бизнис?

Минатата година бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, за чии што небулози и претходно пишував, изјави дека во Република Македонија, наводно имало „многу административни бариери за бугарскиот бизнис“. [1]

Дека се работи за фарса говори тоа што во јануари 2012 година, македонскиот министер за економија, Ваљон Сарачини, беше на работна посета во Република Бугарија [2] при што оствари средба со неговиот бугарски колега Трајчо Трајков. Зошто тогаш бугарската страна не го истакнала овој „проблем“ и зошто тогаш не инсистирала тој да се реши, а чекала да дојде „Денот Д“, за да можат да си ја оправдаат планираната блокадата на Република Македонија за добивање на датум за преговори со Европската Унија.

Практичен пример за тоа дека во Република Македонија не постојат бариери за бугарските фирми е изборот на бугарска фирма за изведувач на проектот „Реконструкција и санација на речното корито и изградба на платформи над реката Отиња“.

На јавен тендер, и покрај тоа што штипската фирма „Бетон Штип“ понуди најниска цена, за најповолен понудувач беше избрана фирмата „Кибилд“ од Република Бугарија. Договорот кој што општина Штип го потпиша со оваа бугарска градежна фирма е во вредност од 1,6 милиони евра. [3]

Едно од оправдувањата за бугарската блокада на Република Македонија за добивање на датум за преговори со ЕУ е тоа дека македонската страна недоволно се залагала за подобрување на меѓусебната економска размена.

Но колку ова „оправдување“ е засновано на факти? Според македонскиот државен завод за статистика [4], обемот на стоковна размена со Република Бугарија во периодот јануари-октомври 2012 година изнесува 584 837 американски долари, со што во овој период Република Бугарија е нашиот четврти трговски партнер. Самите бројки доволно јасно говорат:

Според ова Република Македонија и те како има добра економска размена со својот источен сосед, односно не прави никакви опструкции на меѓусебната размена, а напротив.

Сличен е случајот и со туристите. Според статистика на бугарското министерство за економија, енергетика и туризам, од 2009 до 2011 година, бројот на македонските туристи кои што одат на одмор во Република Бугарија е во постојан раст. [5]

За разлика од ова, истата статистика посочува дека бројот на бугарските туристи кои што ја посетиле Република Македонија во 2011 и 2010 е помал во споредба со оној од 2009 година.

Па така само една година пред бугарската (и грчката) блокада на Република Македонија за добивање на датум за преговори со ЕУ, во 2011 година, бројот на македонски туристи кои што ја посетиле Република Бугарија (382 826) е поголем од бројот на бугарските туристи кои што ја посетиле Република Македонија (305 536).

Ако некој ја спречува туристичката размена, од статистиката објавена од бугарското министерство за економија, енергетика и туризам, јасно е дека тоа во никој случај не е Република Македонија.

Wednesday, January 09, 2013

Полицијата апси бугарски државјанства?

Завчера на порталот +Инфо [1] и на неколку бугарски медиуми [2] беше објавен напис во кој што повикувајќи се на извори од Бугарскиот културен клуб-Скопје [3], се тврдеше дека македонската полиција на 2 јануари годинава, под оправдание за криминал, упаѓала во домовите на македонски (воедно и бугарски) државјани, затоа што се декларирале како Бугари, и истите ги апсела. Во написот се тврдеше дека биле одземени 22 готови бугарски пасоши, 22 лични карти и 30 комплети документи за барање бугарско државјанство.

Колку ова е веродостојно потврдуваат некои од коментарите оставени на бугарските написи по повод објавата на БККС.

Nick, 7 јануари 2013 (22:45:49) [4]:

„Личните документи в полицията се получават САМО лично и не се признават никакви пълномощни! Освен това човекът трябва лично да посети полицията, където го смимат, вземат отпечатъци от пръстите и личния подпис на кандидата за паспорт и лична карта - все неща, които няма как да се извършат от пълномощник! Тия от паспортната мафия в Струмица как така са имали десетки лични карти и паспорти у тях, пък и "законни" пълномощни да ги "получат"! Явно става дума за организирана криминална банда за фалшиви български паспорти и лични карти!“

Превод на македонски јазик:

“Личните документи во полицијата се добиваат САМО лично и не се признаваат никакви полномошници! Освен тоа човекот кој што аплицира за пасош или лична карта треба лично да ја посети полицијата каде што го фотограираат, му земаат отпечатоци од прстите и се потпишува, нешта кои што нема како да се извршат со полномошник! Тие од пасошната мафија во Струмица како така имале десетина лични карти и пасоши пак и законска „полномошност“ за нивно „подигање“. Очигледно е дека станува збор за криминална банда за фалсификат бугарски пасоши и лични карти!“

А пак доколку не се работи за фалсификати, тоа би значело дека постапката за добивање на бугарски документи е со низа нерегуларности и неправилности за кои што одговорноста паѓа на бугарската држава која го дозволува тоа.

Джамбазки, 07/01/2013 (18:17)  [5]:

„По-точното заглавие е: "Македонските правоохранителни органи удариха българската паспортна мафия"! Май скандала ще има и европейско изражение - отлагане с няколко години на правото на български граждани да работят ЗАКОННО в западноевропейските страни! Боко ще трябва да дава обяснения за паспортните далавери на Божидар Димитров, Спас Ташев (в момемта високоплатен съветник на министъра на финасите и изтъкнат животновъд-лесничей с образование от животновъден техникум и леснотехническия институт), Наум Кайчев (бивш консул в Битоля) и прочие членове на ръководството на МВРо-БНД!“

Превод на македонски јазик:

„Поточниот наслов е „Македонските органи за спроведување на законот удрија по бугарската пасошна мафија“! Веројатно скандалот ќе има и европски израз, со одложување на неколку години на правото бугарски граѓани ЗАКОНСКИ да можат да работат во западноевропските земји! Боко ќе треба да даде објаснување за пасошните далавери на Божидар Димитров, Спас Ташев, Наум Кајчев и други членови на раководството на МВР-БНД!“

Загрижувачки е што од посочениот македонски портал наместо веста да ја истражат до крај, тие само ги пренесуваат дезинформациите пласирани од БККС.

, 07/01/2013 (20:20) [5]:
 
„Абревиатурата "БККС" не значи ли "Български Криминален Клуб - Скопие" или "Български Криминален Клуб - Струмица"?! Все с "правата" на разни криминални от Македония се занимават - кой как се запъти или озове в македонски затвор - веднага се "осъзнава", че е българин, иска български паспорт и имунитет срещу преследване за криминалсни деяния в Македония!“

Превод на македонски јазик:

Кратенката „БККС“ не значи ли „Бугарски криминелен клуб - Скопје“ или „Бугарски криминален клуб - Струмица“?! Постојано се занимаваат со правата на разни криминалци од Македонија - кој како ќе се најде во македонски затвор - веднаш се „свестува“ дека е Бугарин, бара бугарски пасош и имунитет од прогон за криминални дејности во Македонија!“

Јавна тајна и во самата Бугарија е дека БККС, во повеќе наврати претходно излегувал со вакви апсурдни обвинувања и зад маската на „обесправените Бугари од Македонија“ штител криминалци.

Coтe, 08/01/2013 (00:59) [5]:

„Евро-патриоти, а?! Като Сапска 1000-евро Митрова и ВСИЧКИТЕ тия от БККС дето си живеят на широко в София със солидни заплати за участие в пропагандни акции и медийни манипулаци за българите в България! И не им стига това ами въртят и разни криминални "бизнеси" под прикритието на "патриотизма" и на разните рушветчийски български служби, агенции и министерства!“

Превод на македонски јазик:

„Евро патриоти, а?! Како Спаска 1000 евра Митрова и СИТЕ тие од БККС кои што си живеат на широко во Софија со солидни плати за учество во пропагандни акции и медиумски манипулации за Бугарите во Бугарија! И не им е доста тоа туку и вртат разни криминални „бизниси“ под прикритието на „патриотизмот“ и на разни поткупливи бугарски служби, агенции и министерства!“
 
А.С. во соработка со Б.А.

[5]  „Новогодишна Македония: арести, чувал на главата и конфискация на бг документи за самоличност“ Frog News bg, 7 јануари 2013

Tuesday, January 08, 2013

Зошто Бугарија молчи за Бугарите убиени во Македонија по 1945 година?

На бугарскиот портал Фокус*, денес е објавен напис со изјава на Ѓорѓи Младенов, еден од раководителите на т.н. МПО, во кој што во насловот се поставува прашањето:

„Зошто Бугарија молчи за Бугарите убиени во вардарскиот дел на Македонија по 1945 година“

Одговорот на ова прашање на Младенов, го дава Благојче Андонов:

„Оти нема докази, само МИТ. Затоа.“

Елементарно Вотсон.

Thursday, December 13, 2012

Кој тоа краде?

Пред неполн месец бугарскиот историчар Георги Марков од Бугарската академија на науките обвини дека наводно Македонија ја крадела бугарската историјата [1]:

„Скопје не само што ни ја краде историјата, туку и се потсмева на тоа“

Бугарската историчарка Нина Ѓулѓерева, пред околу половина месец, во изјава за Нова Македонија обвини дека Македонија ја присвојувала бугарската историја, градела споменици на бугарски историски личности и ги претставувала како свои [2].

Но ајде да видиме кој тоа всушност краде.

Ова е македонската песна „Една мисла имаме“, која што во 1996 година на македонскиот музички фестивал „Гоце Фест“, го освои првото место [3]:



Песната ја интерпретира македонскиот пејач Војо Стојановски, а текстот е на Владо Георгиевски [3].

Подалу можете да погледнете два од неколкуте бугарски плагијати на истата македонска песна.

Глорија - Сите Бугари заедно (Глория - Сите Българи Заедно)



Николај Учкунов - Каде и да одиш (Николай Учкунов - Къде и да одиш)



Ај што ја украле, па дури и бесрамно ја претставиле како бугарска народна песна (???).

За ваквиот музички плагијат и фалсификат, нивниот предок Аспарух, кој што го опеваат во плагијатот, сигурно сега се превртува во гробот.

Димитар од форумот Кајгана за ова прокоментирал [4]:

„Уште химната да ни ја „преведат“ :)“

Како што се тргнало, може и тоа да го доживееме.

Не е таков случајот само со оваа македонска песна, туку и со низа други. Бугарски „музичари“ имат извршено кражба дури и на песната „Македонско девојче“ од 1964 година, чиј што автор е легендата на македонскиот мелос, Јонче Христовски [3].

Илија Миланов (Народна Волја) за масовната појава на плагијати во бугарските музички средини вели [5]:

„Плагијаторството набљудувано од секаков аспект е традиционална појава во бугарските културно-музички средини. Тоа е негативна, па дури и простачка појава, а нејзиното наличје е одраз на целосната духовна криза на општеството.

Последниве години плагијаторството во Бугарија достигна неверојатни размери. Потомците на бај Гањо ја стандардизираа оваа појава и таа беше воведена како препознатлива црта во бугарската (псевдо)музичка јавност...

...Сум бил сведок на неверојатни сквернавења на песни - бисери од македонскиот фолклор (и не само од македонскиот) и нивно искривоколчување во одвратни гнасотии, кои воопшто не личат на оригиналот и какви може да создаде само раката на антиталент. Има многу примери на македонски песни во кои е променето националното од нивните нови „творци“. И во времето на комунизмот се менуваа стиховите во кои се пееше за Македонија, за „македонскиот јунак“, за „македонската борба“, за „синовите македонски“ и сл., но за сквернавењето за кое во продолжение ќе раскажам, на секој нашинец ќе му се крене косата.

На бината поставена во центарот на Благоевград околу Коледе и Нова година (пред зградата на поштата), за време на сите празнични и претпразнични денови непрекинато се лееше македонска музика. Народот ја сака оваа музика. Таа е дел од неговата душа...

Во еден миг (тоа се случи на 27 декември попладне), срцето ми се растрепери кога ја слушнав мелодијата на познатиот хит од Војо Стојановски - македонската песна „Една мисла имаме“. Толку се израдував што минувачите ќе можат да го слушнат овој прекрасно исполнет бисер во кој се воспејува македонството и Македонија, што не можев ни да претпоставам дека само по неколку минути ќе останам целосно разочаран. Не! Малку е да се каже дека бев разочаран. Бев умствено парализиран, откако ги слушнав идиотски променетите строфи во сите делови на песната каде што се пееше за Македонците и за Македонија. Дрските фалсификатори во осакатената песна наместо: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/Македонец да си...“, сега пееја: „Каде и да одиш/ Каде и да шеташ/Не се срами, не се плаши/ Б'лгарин да си...“ И понатаму, наместо: „Една мисла имаме/ Еден живот живееме/ Македонија цела да е/ Секој да ја знае...“, сега слушав „...Б'лгарија цела да е/ Секој да ја знае“.

Песната се пееше на македонски јазик, а постојано се повторуваа имињата: "Бугарија", "Бугарин" и други. Какво сквернавење!“

Иронично е што во поседниот период официјална Бугарија бара декларицијата од 22 февруари, 1999 година [6] да прерасне во договор, а при тоа тие истата таа декларација не ја почитуваат. Имено, во неа стои:

„Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земjи.“

Колку тие ги заштитуваат авторските права е евидентно од посечениот пример со македонската песна „Една мисла имаме“.

[1]Бугарите обвинуваат: Скопје ни ја краде историјата“, Brif.mk, 16 ноември, 2012
[2] Фросина Димеска, „Добар предлог на Бојко Борисов, ако Бугарија не поставува нови барања“, Нова Македонија, 29.11.2012
[3] Gjokomk, „Бугари престанете со крадење Македонска Музика!!“, Gjokomk.com, 19 Август 2011
[4] К'де и  да одиш :)“, форум Кајгана, 30 јули, 2007
[5] Илија Миланов, „Бугарски фалсификат на песната од Војо Стојановски“ (Народна Волја, февруари, 2000), Македонско Сонце
[6] Заедничка декларација 22 февруари 1999 година

Wednesday, December 05, 2012

Македонофобите продолжуваат со хајката против „Трето полувреме“

Одредени Бугари со константно негативен однос кон Македонија и кон Македонците, продолжуваат со својата валкана кампања за оцрнување на македонскиот кандидат за оскар, филмот „Трето полувреме“.

(види и Кој го руши рејтингот на „Трето полувреме“ на IMDB?)

Еве што порачува еден од нив, преку пораки кои што циркулираат по социјалните мрежи (принтскрин благодарение на Kuzman Mato):

Превод:

„Линк на IMDB, кон еден од најантибугарските филмови, македонистичкиот „Трето полувреме“. Македонистите се активирале и филмот има неверојатно голем рејтинг 9.0. Добро е да се гласа со ниска оценка - IMDB е дост авторитетен сајт и успехот на овој филм е загуба за нас.“

Ако не сакате да успеат во нивниот напор за лажирање на резултатите и злонамерно рушење на оценката која што филмот ја има, гласајте на IMDB со онаа оценка за која што сметате дека филмот ја заслужува.

Saturday, November 24, 2012

Кој го руши рејтингот на „Трето полувреме“ на IMDB?

На 20 ноември во статијата „Трето полувреме на IMDB“, објавена на овој блог, известивме дека виновни за континуираното решење на оценката на македонскиот кандидат за оскар на IMDB се дел од оние соседи кои го критикуваа филмот уште пред тој да ја доживее својата премиера.

На истиот датум, претседателот на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД/UMD), Мето Колоски, беше подиректен во посочувањето на виновниците:

„Bulgarians have been pushing to decrease the rating of Macedonia's Oscar pick - The Third Half from 9.6 to 8.7...“

Ние денес како поткрепа на овие тврдења ви претставуваме и конкретен доказ во вид на принтскрин (благодарение на Kuzman Mato), дека одредени источни соседи, плански делуваат и по социјалните мрежи пропагираат оценување на овој македонски филм со најниската можна оценка.

Превод:

„Браќа и сестри Бугари, гласајте на овој сајт со единица (најниската можна оценка) за антибугарскиот филм...“

Овој повик е проследен до голем број на профили.

Од информациите кои ги имаме, филмот во Бугарија не е прикажуван по кино салите, а нема ниту пиратска снимка до која може да се дојде, па според тоа Бугарите гласаат на невидено и со лоша умисла. За ова наскоро ќе бидат преземени и конкретни мерки.

Friday, November 23, 2012

Се води ли во Македонија антибугарска кампања?

Вчера, бугарскиот претседател по којзнае кој пат ги изнесе истите лаги, дека Македонија промовирала антибугарска пропаганда (24 Вести, 22.11.2012 | 12:37):

„Политиката во Скопје треба да ги направи своите заклучоци и да ја промени насоката, треба да сопре антибугарската кампања, рече Плевнелиев во изјава за бугарски Фокус.“

Бугарскиот претседател овие негови тврдења ги темели само на празни демагогии затоа што не постои никаков доказ на кој што тој би можел да се повика. За разлика од него, ние и во овој случај, со доказ во вид на фотографија ќе го демантираме и ќе покажеме дека антибугарската кампања во Македонија е ништо повеќе од измислица.

На фотографијата направена (од мој FB пријател) на 04.11.2012 година, во непосредна близина на Манастирот Свети Ѓорѓи во Валандово, Македонија, можете да видите како етнички Бугарин од Бугарија, на македонско тло го вее бугарското знаме.

Ниеден од присутните, а повеќето се етнички Македонци од Македонија, не го малтретира, физички напаѓа или навредува поради тоа што вее знаме на Бугарија. Од самата фотографија може јасно да се види дека луѓето си уживаат во атмосферата, играат ора и воопшто не се оптоваруват со тоа што некој си Бугарин вее бугарско знаме. Ако во Република Македонија навистина се водеше антибугарска кампања, како што тврди бугарскиот претседател, тогаш оваа фотографија ќе изгледаше сосема поинаку.

Friday, November 02, 2012

Македонофобот Росен Плевнелиев

По бугарскиот политичар Ивајло Калфин (види: „Македонија да градела политика на добрососедство ???“), пред некој ден, и самиот претседател на Р. Бугарија се покажа како тотален непознавач на случувањата во Македонија и како дрзок манипулант (Вечер):

„Не можеме да дадеме евросертификат на власта во Скопје, која систематски наметнува идеологија на омраза кон Бугарија. Во Република Македонија се забележува еднострано толкување на историјата во силно националистички дух, дискриминаторски однос кон граѓаните со бугарско чувство и има многу административни бариери за бугарскиот бизнис, обвинил Плевнелиев пред Филе.“

Како доказ за непостоењето на антибугарска идеологија во Македонија и како аргументирана негација  на сиве овие глупости кои Росен Плевнелиев ги изнел пред Филе, само ќе потсетам дека во јануари 2010 година, поранешниот претседател на Р. Бугарија  Жељу Желев беше одликуван со највисокото (!) македонско државно одликување, орденот „8 Септември“. Каква е таа власт што „систематски наметнува идеологија на омраза кон Бугарија“, а во исто време дава највисока државна награда на бугарски политичар?

Во контекст на ова, сакам да ве известам дека во понеделник (5 ноември, 2012 година) со почеток од 20:00 часот, во Кинотеката на Македонија, ќе започнат Деновите на бугарскиот филм, а ќе биде отворена и изложбата насловена како Бугарски филмски плакати. Сигурно и ова е дел од антибугарската кампања во Македонија.

Ваквите изјави на бугарски политичари не само што нема да им донесат корист ним и на бугарските граѓани, туку непотребно создаваат поларизација и огромна штета во односите меѓу двете држави и народи.

Friday, October 05, 2012

Македонија да градела политика на добрососедство ???

На 4 октомври 2012 година, од Сител телевизија беше пренесено дека бугарскиот политичар Ивајло Калфин се заканил со вето за евроинтеграциските процеси на Македонија и тоа под изговорот недобрососедски односи од македонска страна (Сител):

„Бугарија не се откажува од идејата да ја блокира Македонија во евроинтегративниот процес, доколку не добиела цврсти гаранции дека македонската политика е во функција на добрососедските односи.

Екс бугарскиот министер за надворешни, сега европатеник, вели дека во Софија постои политичко единство за тоа прашање и дека државата што побргу со стратегија ќе ја дефинира својата позиција за да ја натера Македонија да гради политика на доброседство.“

Се поставува прашањето за какви ли по ѓаволите добрососедски односи зборува овој човек. Во Македонија ниту сме тепале Бугари, ниту пак сме се заканувале на бугарската држава, напротив. Еве сега официјална Бугарија е таа која што од позиција на моќ, ѝ се заканува на Македонија со блокада на евроатлантските интеграции.

Во прилог на искрено подадената рака за пријателство од македонска страна ќе наведам само дел од настаните од последнава година. Ако требаше да ги наведам сите позитивни моменти во македонско-бугарските односи кои што се случиле и тепрва ќе се случат годинава, па и оние од претходните години, листата ќе требаше да ја пишувам до утре сабајле.

Годинешното Скопско лето ја имаше честа да го отвори Софиската филхармонија од Бугарија и истата покрај македонски изведе и дела на бугарски композитори (Утрински весник 20.06.2012, 18:03):

„На Светскиот ден на музиката и првиот ден на летото, 21 јуни, следејќи ја традицијата, почнува и годинашното 33. издание на културната манифестација „Скопско лето“. Свеченото отворање вечерва ќе се случи во Македонската опера и балет, кога во 21 часот концерт ќе одржи Софиската филхармонија под диригентство на нашиот Борјан Цанев. Како солист ќе се претстави виолинистката Ана Кондратенко, а на програмата се дела од бугарски и македонски композитори...“

Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?

Исто така на манифестацијата „Скопско лето“ се одигра и театарска претстава во продукција на театар од Бугарија (Утрински весник 17.07.2012, 17:58):

„На летната сцена на платото пред Универзалната сцена, вечерва во 21 часот, во продукција на театарот „Илкова “ од Софија, актерката Катерина Илкова ќе ја одигра претставата „Приказна од предиво“, од авторката и режисер Стефка Минева. Претставата е дел од „Скопско лето“, а организатор е Културно-информативниот центар на Бугарија.“

Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?

Во рамките на годинешното „Штипско културно лето“ имаше организирано и денови на бугарската култура (Ирис 06 јули 2012 18:21 Јулија Малинова) со учество на поголем број на гости од соседна Бугарија:

„Вчера во уметничката галерија безистен групата „Точка БГ“, со акустична музика и изведба на градски песни ги отвори деновите на националната бугарска култура во рамките на ШКЛ.

Софиската група годинава првпат се претставува пред штипјани, и се подготвува да го издаде вториот албум со староградски песни.“

На оваа манифестација присуствуваше и амбасадорот на Бугарија кој што се заблагодарува за можноста бугарски уметници да се презентираат пред македонската публика:

„Деновите на бугарската култура во Штип ги отвори градоначалникот на општина Зоран Алексов. Навистина ми е драго што овие две земји соработуваат и ни давате можност пред вашиот народ да презентираме дел од нашата култура изјави и амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Иван Петков.“

Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?

Бугарски уметници годинава имаа изведба и во Пробиштип (Пробиштип 06 Јули 2012 ):

„Се известуваат сите граѓани на општина Пробиштип дека на 12 јули (четврток) со почеток во 21 30  часот на градскиот плоштад ќе се одржи концерт на староградска музика со оркестарот „Настроение“ кој ни доаѓа од Софија, Република Бугарија.“

Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?

Годинава на Стрип салонот во Велес гости ќе бидат и стрип уметниците од Бугарија - Сибила и Иван Коритареви. Иван Коритарев, минатата година беше добитник на нарадата Златен стрип на истата манифестација (Утрински весник ):

„Стрип-цртачот Иван Коритаев од Бугарија е добитник на наградата „Златен стрип“ на Меѓународниот стрип конкурс, кој е дел од традиционалниот Интернационален салон на стрип „Велес 2011.“

Зарем тоа не е во функција на добрососедските односи?

За какви добрососедски зборува Калфин? Има ли тој воопшто идеја? Или пак нарачано му е Бугарија да биде провокатор и кочничар на македонските евроатлантски интеграции, улога која што досега ја имаш Грција?

Наместо да ги истакне претходно споменатите настани и позитивно да ги оцени, тој самиот е креатор на недобрососедски односи помеѓу двата народа и држави! Се надевам дека разумните луѓе од Бугарија нема да подлегнат на неговите манипулации и лаги дека Македонија креирала недобрососедски односи и ширела говор на омраза кон Бугарија.

Saturday, August 18, 2012

Психијатриски случај

Во една своја колумна Љубчо Георгиевски се дрзнува македонскиот народ да го прогласи за психијатриски случај, односно сите нас, Македонците, нè прогласува за луди!?! Замислете човекот кој како шизофреничар менува ставови небаре се чорапи има храброст една цел народ да го прогласи за луд! Еве што точно вели:

„Да бевме современици на Фројд, на Јунг или на Адлер, безбели ќе пристигнеа на студиски престој во Македонија, така што ќе ја збогатеа психијатријата со нов термин (од типот “македонски комплекс“). Затоа што насилството на кое што е изложен идентитетот на македонскиот народ навистина заслужува стручен надзор или лонгитудиналноо повеќедецениско истражување!“ - Љубчо Георгиевски, „Македонија апостат“, Фокус, декември 2011 година.

Прогласувањето на еден цел народ за психијатриски случај (за луд) е класичен пример за говор на омраза, но во овој случај, како и во многу други, самопрогласените борци за човекови права најмногу што ќе направат е да се направат на глуви.

Всушност, за иронијата да биде уште поголема, според бугарскиот Фокус, не македонскиот народ туку Љубчо Георгиевски е оној кај кого биле дијагностицирани психички проблеми:

„In 2002, Ljubco Georgievski experienced numerous health issues; was diagnosed with schizophrenia.“

(превод: „Во 2002 година Љубчо Георгиевски имаше бројни здравствени проблеми, кај него беше дијагностицирана и шизофренија“) - focus-fen.net, 01.07.2012 година.

Thursday, August 16, 2012

Метаморфозата на антизападниот политичар во западен послушник

Љубчо Георгиевски сега ја критикува македонската власт затоа што не се однесувалa сервилно кон ЕУ. Но некогаш истиот овој Георгиевски, за разлика од денес, беше свесен за лицемерието на одредени западни политичари и за тоа дека со амин од запад беше исцениран конфликтот во Македонија:

„Георгиевски во последното интервју за Плус-инфо ќе констатира дека, цитирам: „попушта концентрацијата на државната структура на Македонија, посебно на премиерот, што се гледа од речникот кон дел од меѓународната заедница.„

И ајде тоа да го каже некоја политичка личност која држи до своите ставови кон проевропските текови е можеби во ред, но кога ова доаѓа од политичар кој своевремено беше антизападно расположен, тогаш неговиот коментар е несоодветен.

Еве еден напис колку за потсетување

...„Во случајот со киднапираните Македонци, Георгиевски нема намера да ги повикува командантите на ОНА, туку ќе ги повика вистинските команданти - Џејмс Пердју и Питер Фејт - кои цело време ги командуваа масакрите во нашата земја и управуваа со УЧК и со крвавото сценарио врз нашата земја.„ (Дневник, 18 март 2006 година).

Ова не личи баш за став даден со политичка концентрација и прозападно расположение.“ - Мишко Талески „Фрустрирачките ставови на политичките депресивци“, MN.mk, 25.01.2012 година

Па сепак Георгиевски кој сега ни порачува да сме си го сменеле името за да го фатиме последниот воз за Европа, промовира антиевропски вредности преку иницијативите за размена на територии:

„Чашуле категорично ја отфрла било која идеја за размена на територии и население. - Идеите или разговорите за размена на територии и население се антиевропски, поради тоа што темелна вредност на ЕУ е обединување на сите држави и бришење на границите, изјави Чашуле за Курир.“ - „Експертите со жестоки критики за скандалозните изјави на Љубчо“, Курир, 16 Јули 2012 година.

Уште еден апсурд во низата.