Friday, October 04, 2019

Македонски автор застапен во најобемниот балкански стрип-магазин „Парабелум“

Во октомврискиот број на стрип-магазинот „Парабелум“, кој овој викенд официјално ќе биде промовиран на вториот Меѓународен салон на стрип во Бања Лука, со свои дела е застапен и Александар Стеванов од Штип. Станува збор за стрипот „Сламберленд“ кој по негово сценарио го илустрира Наташа Коњевиќ од Бања Лука.


„Парабелум“, кој е во издание на Здружението на стрип-автори и љубители на стрипот од Република Српска – „Деветта димензија“, е убедливо најобемниот балкански стрип-магазин. Овој негов деветти број, најавен како јубилеен поради тоа што стрипот се смета за деветта уметност, е распослан на вкупно 300 страници од кои 32 во боја. 

Како редовен соработник на списанието, Стеванов во него и претходно објавувал теоретски текстови, како и ко-авторски стрипови заедно со Весна Ничевска од Скопје и Дарко Богданов од Виница.

Sunday, September 01, 2019

Македонски автор застапен во српскиот стрип-магазин „Рас комик“

Неодамна, во издание на Клубот на ликовни уметници, Канцеларијата за млади и Центарот за култура од Рашка, од печат излезе шестиот број на стрип-магазинот „Рас комик“. Покрај стриповите на автори од Србија, во него е објавен и есејот „Нултата година на југословенскиот стрип“ на македонскиот автор Александар Стеванов, како и неговиот стрип од четири табли „Сламберленд“, илустриран од Наташа Коњевиќ од Босна и Херцеговина.

 

„Првите три броја на ’Рас комик‘ се објавени во 2008 година, со цртачите од школата за цртање во Рашка, каде што и самиот се испробав како цртач. Списанието имаше за цел популаризација на деветтата уметност кај младите во Рашка, без големи амбиции. Меѓутоа, се испостави дека тоa заврши кај голем број колекционери во Србија. Во 2017 година одлучивме ’Рас комик‘ да продолжи со работата со помош на авторите кои доаѓаа на колонијата“, изјави Давид Трајковиќ, помошник уредник на „Рас комик“.

Како редовен соработник на списанието, ова претставува само продолжување на успешната соработка која Стеванов ја има со српската стрип-сцена. Кон крајот на минатата година во публикацијата „Линије фронта“ беше објавен стрипот „Надежта е нешто пердушесто“, кој по негово сценарио го црта Дарко Богданов од Виница, а наскоро во нишкото списание „Градина“ се очекува да излезе и неговиот опширен есеј посветен на своевремено популарниот новосадски стрип-херој – Лун.

Saturday, August 10, 2019

Заврши Меѓународната стрип колонија – Рашка 2019

Вчера заврши осмата по ред Меѓународна стрип колонија – Рашка 2019, која беше одржана недалеку од Рашка, во туристичкиот комплекс во с. Семетеш, Србија. Продолжувајќи ја неколкугодишната успешна соработка помеѓу Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, од една страна, и Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Центарот за култура „Градац“ од Рашка, од друга, и на оваа колонија беше претставена македонската стрип-сцена.

„Засега имаме одлична соработка со Македонија и Црна Гора, а се надевам дека со време ќе воспоставиме контакт и со школите од Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, така обединувајќи ја југословенската стрип-сцена. Освен стрип-школите, на списокот се секогаш три до четири предавачи и пар доајени на стрипот, чие присуство е значајно не само заради едукација и мотивација на младите туку и заради добрата репутација на самата колонија“, изјави Горан Трајковиќ, идеен творец на оваа манифестација.
 
Меѓу позвучните имиња, годинава учество зедоа легендите на југословенскиот стрип Жељко Пахек и Миша Мијатовиќ, раководителите на стрип-школите од Белград, Крагујевац и Ваљево – Владимир Весовиќ, Срѓан Стаменковиќ и Филип Станковиќ, како и Дарко Стојановиќ кому годинава му беше организирана изложба. Рамо до рамо со нив, како единствен автор надвор од границите на Србија, со што колонијата доби на меѓународен карактер, учество зеде и Александар Стеванов, стрип-сценарист од Штип.
 
 
Соработката и дружбата помеѓу македонската и рашката стрип-сцена е договорено да продолжи веќе кон крајот на овој месец, на втората Меѓународна стрип колонија во Велес. Покрај стрип-автори од Рашка и Македонија, од 21 до 25 август во овој најцентрален македонски град се очекува да присуствуваат и такви од престолнината на Србија и од Лесковац, како и од Хрватска и Финска.

Monday, August 05, 2019

Македонската стрип-сцена со претставник на колонијата во Рашка

Од 5 до 9 август, на брегот на живописното Семетешко езеро во соседна Србија, ќе се одржи 8-мата по ред стрип колонија – Рашка 2019. Традиционално и годинава, како и претходните неколку години, оваа манифестација која е уникатна по својот концепт нема да помине без македонски стрип-автор.


Покрај претставници на стрип-школите од Белград, Лесковац, Крагујевац, Ваљево и домаќинот Рашка, како претставник на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, учество на колонијата ќе земе сценаристот и хроничар на домашната деветта уметност – Александар Стеванов од Штип.

Во рамки на петдневната стрип-колонија, која е во организација на Канцеларијата за млади од Рашка, Центарот за култура „Градац“ и Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, ќе биде поставена изложба на дела од белградскиот уметник Дарко Стојановиќ. Преку предавања, своето искуство на помладите креативци ќе го пренесат легендите на југословенскиот стрип Жељко Пахек и Миша Мијатовиќ, а на маргините ќе биде претставена и најновата македонска стрип-продукција.

Friday, August 02, 2019

Честит Илинден 2019

Честит Илинден граѓани на Република Македонија и Македонци ширум светот!

Поздрав со македонската народна песна "Крушевска Република"

Претседател прв ми беше,
Тој Никола Карев,
Со македонските војводи,
Сите ИЛИНДЕНЦИ.
Даме Груев, Питу Гули
И Јане Сандански.

За слобода загинаа,
Славните војводи,
На Македонците они,
Завет оставија,
Да се борат за слобода
За Македонија.
Крушевска Република - Македонски Мерак

Saturday, June 15, 2019

Македонска Ризница бр. 52


Уште од најраното детство сонувам еден особен тип соништа. И покрај тоа што повеќето од нив се страшни, не би можел сите да ги ставам под капата на кошмари. Нивната заедничка нитка не е стравот, а поскоро застранувањето од реалноста.

Во дел од нив се обидувам да побегнам од искривените „природни закони“, кои необјасниво ме туркаат кон провалија или како селективна гравитација, десетпати посилна од нормалната, ми ги приковуваат нозете за земја. Во друг дел, се убедувам себеси дека некој призор е подеднакво нестварен колку што е и страшен, за кога ќе ми се припие за погледот, прифаќајќи ја лагата, во паника да започнам да се разубедувам дека е вистина. Како екстровертизација на последното, во трет дел од ваквите соништа се обидувам и на останатите „жители“ на земјата наречена Сламберленд да им објаснам дека логиката по која се водат и законитостите кои ги владеат - се лажни. Понекогаш, со тоа што самото нивно постоење ѝ пркоси на реалноста, како да им велам дека се само плод на фантазијата.

Сепак, како сонот не би научил дека е сон, моите зборови ретко наидуваат на плодна почва. Или барем додека не се разбудам. А со тоа се става крај на луѕањето низ нереалното, црвеното повторно станува црвено, а два плус два одново е еднакво на пет.

Во последните неколку години, реалното и иреалното како да си ги заменија местата. Светот на будното во кој македонските власти погазувајќи го уставот прифатија дека нивната земја не се вика Македонија, а дека предците на нивните дедовци и баби се сѐ освен Македонци, стана помалку реален и од моите најчудни соништа. Нека ова одново будење на електронското списание „Македонска Ризница“, кое две години беше во „зимски сон“, биде искра надеж дека нештата повторно ќе застанат онаму каде што природно им е местото.

Од издавачот

Wednesday, February 20, 2019

Нашето име е Македонија

Никој нема право да го менува нашето име и идентитет!



Нашето име е Македонија.

Saturday, December 22, 2018

Учество на македонски автори на стрип-фестивал во Пожаревац

На Фестивалот на стрип и карикатура, или скратено „Стрика фест 2018“, кој вчера (21 декември) се одржа во српскиот град Пожаревац, покрај домашните стрип-творци, не изостанаа и такви од Македонија. Меѓу мноштвото изложени дела, на изложбата поставена во холот на Центарот за култура во Пожаревац, посетителите имаа можност да се запознаат и со анти-воениот стрип од 12 табли – „Надежта е нешто пердушесто“, кој по сценарио на Александар Стеванов го илустрира  дипломираниот ликовен уметник Дарко Богданов.


„Стрика фест“, кој годинава се одржува по вторпат, е во организација на здружението „Креативна оштрица“, а е реализиран со финансиската поддршка на Градот Пожаревац. Освен изложбата, во склоп на фестивалот одржани беа и работилници за карикатура и стрип, а на берзата составена од неколку штандови, вљубениците во деветтата уметност имаа можност да се запознаат и со најновите стрип-публикации.

Од организаторот порачуваат дека фестивалот и годинава успеа „на едно место да ги собере љубителите на стриповите и карикатурите, нивните издавачи, колекционерите и уметниците кои ги создаваат овие дела.“ А што се однесува до македонските стрипаџии, по учествата на фестивалите во Крагујевац, Лесковац, Белград, Нови Сад, Велес, Ваљево, а сега и Пожаревац, особено имајќи ги предвид неколкуте освоени награди, слободно би можело да се каже дека успешно ја завршуваат и оваа стриповска година.

Види и:

Thursday, December 20, 2018

Награда за македонски автори на стрип-фестивал во Ваљево

На меѓународниот конкурс во рамки на Ваљевскиот стрип-фестивал, кој годинава ќе се одржи по вторпат во Ваљево, соседна Србија, за првпат со награда се закитуваат стрип-автори од Македонија. Трочленото жири во состав Зоран Стефановиќ, управител на Центарот за уметност на стрипот – Белград, Миливој Костиќ, академски сликар и Дејан Богојевиќ, мултимедијален уметник, меѓу победниците едногласно ги вброија и Катерина Николовска-Тери од Скопје и Александар Стеванов од Штип. За стрипот „Мачорот кој сакаше да стане крал на светот“, тие се добитници на високото второ место.

„Исклучително многу ме израдува веста за наградата за овој стрип со кој емотивно сум врзан и кој е нетипичен од повеќе аспекти. А, прифаќајќи го ризикот наградата да ми биде одземена, причината за последното веројатно се должи на фактот што јас не сум вистинскиот автор на сценариото. Негови идејни творци, всушност, се моите некогашни домашни миленици – пекинезерчето Гизмо и мачорот Фигаро, чии палавштини само ги преточив во текстот од кој Катерина подоцна создаде вистинско волшепство од линии и бои“, изјави сценаристот Стеванов.

Добитник на гран-прито на ова второ издание на Ваљевскиот стрип-фестивал е Небојша Василиќ, по чие дело, „Див јунаци“, годинава е именувана меѓународната изложба на која ќе бидат поставени најдобрите пристигнати дела. Првонаграден е авторот Никола Радосављевиќ за стрипот „Уморна“, а според одлуката на жирито, со третото место се закитуваат Марко Шерер и Сенка Милутиновиќ за стрипот „Како да се наслика портрет на птица“.

Kако и во случаите со фестивалите во Лесковац и Белград, Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и овојпат зеде активно учество во популаризација на актуелното домашно стриповно творештво. На адреса на фестивалот во Ваљево, како што информира проект-менаџерот Томе Трајков, преку Стрип центарот биле испратени дури 17 дела на млади и талентирани македонски автори, од кои дел ќе бидат поставени на изложбата.

Ваљевскиот стрип-фестивал ќе биде отворен во петок, 21 декември, во 19:00 часот во галеријата при Центарот за култура во Ваљево, со официјалното прогласување на најдобрите дела и отворање на изложбата на стрип-табли.

Види и:

Monday, November 26, 2018

Македонскиот стрип во изданијата на новосадски „Дневник“

Во книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“, како што впрочем открива самиот нејзин наслов, се опфатени стриповите на македонски автори објавени во мегапопуларните изданија на издавачкиот гигант „Дневник“ од Нови Сад, а воедно проанализирано е и културолошкото влијание кое што тие го имаат во Македонија и тоа долги години по нивното згаснување.
 
https://kupikniga.mk/product/makedonskiot-strip-vo-izdanijata-na-novosadski-dnevnik/

Оваа монографската публикација, на авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев, е составена од две главни целини, односно поглавја, во кои се пренесени стотици цитати дел од кои ексклузивно земени, а за полесна навигација содржи и индекс. Освен историјатот и фактографијата на објавените стрипови, истите преку 10 рецензии детално се разработени од визуелен и драматуршки аспект, а претставени се и насловните страници на повеќето од нив, како и некои од најрепрезентативните во нив цртежи.


 

Книгите посветени на македонската стрип-историја се неверојатно малку на број и во последниве речиси триесет години се објавени само две такви. Меѓу другото, токму затоа оваа публикација која изнесува на виделина некои досега непознати настани од македонското стриповско минато, претставува храбар чекор во насока кон надминување на таа ситуација и подигање барем за едно скалило повисоко на општествениот статус кој го има стрип-уметноста во Македонија.

Wednesday, August 08, 2018

Македонски автори на стрип-колонија во Рашка

Од 3 до 7 август, на брегот на живописното Семетешко Езеро, во непосредна близина на Рашка, беше одржана меѓународната стрип-колонија Рашка – 2018. И оваа година, исто како и претходните неколку, не помина без македонските стрип-уметници.



Стрип-колонијата во Рашка, која по својот карактер е уникатна не само во Србија, туку и во целиот регион, се одржа традиционално, веќе по седми пат. Истата беше во организација на Центарот за култура, образование и информирање „Градац“, Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Општина Рашка. Покрај учесниците од стрип-школите од Белград, Лековац, Никшиќ и од домаќинот Рашка, учество на оваа петдневна манифестација зедоа и претставници од стрип-школата од Велес, што е резултат на меѓународниот ангажман на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и на неговиот проект-менаџер Томе Трајков.

„По трет пат сум во организацијата на Стрип-колонијата во Рашка. Соработката со стриповските уметници од Македонија сите три години е на највисоко ниво“, вели историчарката на уметност Данијела Матовиќ. „Од почетокот се со нас. Со своето несебично знаење и искуство придонесоа да се зацврсти темелот на нашиот настан, а со својата љубезност и добра комуникација со останатите учесници ја направија и атмосферата во Рашка попријатна и потопла. Очекувам дека соработката и во иднина ќе биде продолжена. Македонија има одлични претставници на деветтата уметност кои во најдобро светло ја претставуваат вон нејзините граници.“

Несебично подучувајќи ги младите таленти и откривајќи дел од малите тајни на големите мајстори, свои излагања на колонијата имаа Дарко Стојановиќ и светски познатиот сликар и стрип-автор Петар Меселџија. Предавања одржаа и членовите на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, неповторливиот Жељко Пахек и секогаш елоквентниот Бојан М. Ѓукиќ, кој воедно имаше и изложба. А во позначајните имиња, од триесеттината годинашни учесници, се вбројуваат и Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќ, Илија Никчевиќ и Машан Савељиќ.

Во рамки на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во кој меѓу другите е објавен и стрип од 12 страници на сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница. А покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучително и последните два броја на магазинот „Стрип Креатор“.

Thursday, August 02, 2018

Честит Илинден 2018

Честит Илинден граѓани на Република Македонија и Македонци ширум светот!

Поздрав со новокомпонираната македонска патриотска песна "Да си жива и здрава Македонијо" од Куку Леле

Да си жива и здрава
уште илјада години, Македонијо!
Да си вечна и силна
со тебе сме големи, Македонијо!
ИЛИНДЕН ќе го славиме
со глави кренати, Македонијо!
Овој ден нека трае
како светлост низ векови, Македонијо!
Да си жива и здрава Македонијо

Wednesday, August 01, 2018

Промоција во Охрид на „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“

На 7 август, со почеток во 20:00 часот, во caffee & bar Shilla во Охрид, ќе се одржи промоција на книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“.

Friday, June 29, 2018

Стрипаџии од Македонија на јубилејната Балканска смотра на млади стрип автори

Од 29 јуни до 1 јули, во Лесковац, Србија, ќе се одржи јубилејната 20-та по ред Балканска смотра на млади стрип автори. Исто како и претходните половина дузина години, и годинава честа да ја отворат оваа најстара и најмасовна стрип-манифестација во регионот ќе им припадне на македонските автори.


На 29 јуни, со почеток во 16:00 часот, Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев ќе ја претстават монографската публикација „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски 'Дневник'“. Истиот ден, Никола Темков пред гостите ќе ги презентира годинашните стрип-публикации во издание на скопски „Стрип квадрат“, меѓу кои и магазинот „Деветка“.


Актуелната мaкедонска стрип-сцена ќе биде претставена и на трибина, која ќе се одржи на вториот ден од тридневната манифестација, а покрај споменатите стрип-автори од Македонија, специјален гостин на оваа Смотра ќе биде и ветеранот - Ласко Џуровски.

Saturday, June 23, 2018

Голем сенароден протест против промената на името Македонија



Доста молчевме. Стоп на промената на нашето име, нашата историја, нашиот идентитет. Сабота, 23-ти, 20 часот, СИТЕ НА ПРОТЕСТ ПРЕД СОБРАНИЕ.

Tuesday, June 19, 2018

Нови стрип изданија на Стрип центарот на Македонија од Велес

Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес ја збогати македонската стрип сцена со три нови изданија, броевите 27 и 28 од ревијата „Стрип креатор“ како и стрип книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски“ од македонскиот доајен Миле Топуз. Овие  изданија се дел од годишната програма за издаваштво на Министерството за култура на Република Македонија.



Според Томе Трајков од СЦМ - Велес, во оваа ревија свои први стрипови објавиле порано млади, а сега веќе поафирмирани стрип автори од нашата земја.

- Традицијата и сега не е прекината. Во последните броеви на „Стрип креатор“ се објавуваат стрипови почнувајки од ветераните Диме Иванов-Димано, Тоде Блажевски, преку неправедно запоставениот Јорданчо Давидовски и завршувајки до средношколката Калина Печевска. Исто така, во овие два броја е претставен еден дел од стрипот „Клеопатра“ кој, за жал, не ја доби поддршката од комисиите при Министерството за култура, информира Трајков.


Трајков појаснува дека Стрип книгата „Хацон, Крал Пребонд, Климент Охридски“ од Миле Топуз дава придонес во популаризацијата на македонската историја од средниот век.


Инаку техничкиот дизајн на овие изданија е на Александар Стеванов кој и самиот е вклучен во списанието „Стрип Креатор“ преку стрипот „Мачорот што сакаше да биде крал на светот“ во коавторство со Катерина Тери Николовска.

Извор: StripVesti

Saturday, June 16, 2018

Тој што има проблем со нашето име, тоа е негов проблем и тој треба да си бара решение

Изјава на неделата:

“Ние не можеме да бидеме ништо поинаку од тоа што се определиле нашите предци што ни оставиле аманет за идните поколенија. Ние сме тука само да го чуваме континуитетот на нашата само-определба. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци. Тој што има проблем со нашето име, тоа е негов проблем и тој треба да си бара решение.“

 Ѓорѓе Иванов, претседател на Република Македонија


Thursday, June 14, 2018

Шекеринска манипулира!

Гостин во вчерашната (13 јуни 2018) емисија „24 анализа“, која се емитуваше на телевизијата „24 Вести“, беше Радмила Шекеринска, министер за одбрана во македонската Влада. Една од многуте манипулации кои Шекеринска ги кажа, во заштита на предавничкиот договор со Грција, е дека успеале да го зацементираат македонскиот јазик, односно името на македонскиот јазик. Одговарајќи на прашање на водителот Мишко Крстевски, во врска со неговото тврдење дека македонскиот јазик и сега не е оспоруван од страна на Обединетите нации, таа изјави (4:49 - 5:09):

„Еве ќе ќе побарам да, оние кои што ете имаат секогаш дилеми со тоа што ќе се каже на телевизија, можат да погледнат во терминологијата на Обединети Нации, во ставката која што, која што стои 'inhabitans', 'население', значи, нешт... и блиску и до 'nationality', ќе видите дека стои празно за Македонија.“



Со вака формулираниот одговор, во кој не спомнува ништо за јазикот, Шекеринска се обидува да побегне од вистината, односно истата да ја затскрие. Иако одговорот изгледа несмасно, таа не спомнувајќи јазик, лукаво создава простор за индиректно толкување во насока дека штом придавката „македонски“ не се користи за населението, истата не се користи ниту за јазикот.

Всушност случајот не е таков.

Доколку се постапи по барањето на Шекеринска и се отиде на сајтот на Обединетите Нации - unterm.un.org,* ќе се види, без никаква дилема, дека Шекеринска манипулира. Графата за население навистина е празна, но само во верзијата на англиски јазик. Во верзијата на француски јазик, за разлика од она што таа го тврди, е напишано „Macédonien“.**

Од друга страна пак, во графата за јазик, и на англиски и на француски јазик, јасно стои дека Обединетите Нации го признаваат македонскиот јазик како македонски јазик, односно како „macedonian“ на англиски и „macédonien“ на француски јазик!

Принтскрин:
 

Оттука со право се поставува прашањето: од каде произлегува потребата Шекеринска да манипулира со ова? 

Одговорот е јасен: Шекеринска, а очекувам дека таква ќе биде тактиката и на останатите функционери во оваа Влада, е преку манипулации поразот да се претстави како победа. Шекеринска се обидува оваа целосна капитулација на Македонија да ја претстави како парцијална победа, со тоа што барем се успеало да се зачува и зацементира името на нашиот јазик кое всушност не е ни предмет на преговори, имајќи предвид дека се преговара за разликата во врска со името на државата.

Причината, пак, за оваа очајна тактика и потценување на сопствениот народ е затоа што актуелната владеачка гарнитура знае дека со штетниот договор ќе изгуби политички поени, односно дека нивната политика ќе ги чини изгубена доверба кај народот, а поради што прават обид преку манипулаии и невистини да ја минимизираат штетата и да го убедат македонскиот народ самиот да се укине и да гласа „за“ на најавениот референдум во врска со овој предавнички договор и промената на името.

Дополнителна светлина за тврдењето на Шекеринска околу признавањето на нашиот јазик од Обединетите Нации, фрла фактот дека Обединетите Нации го признаваат македонскиот јазик како таков уште во далечната 1977 година, како што во напис објавен на Курир, открива  Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“:

„Со резолуција на УНГЕГН при ООН македонскиот јазик и неговото кирилско писмо се признати уште во 1977 година и тоа сред Атина. Толку! Значи, постигнавме со Грција нешто што е постигнато уште пред 40 години, а денеска го претставуваме како најголем бенефит од преговорите“

Документот:
 

За подетално види:  Елка Јачева-Улчар: Постигнавме Грците да ни признаат нешто што ни е признаено уште во 1977 година и тоа било успех

Дека македонскиот јазик, како македонски јазик, е признаен од страна на Обидинетите Нации, може да се види и на долниот документ од 1982 година (а подетално може да се види на сајтот Macedonian Truth):


За подетално види: Greece and the United Nations recognizes the Macedonian language in 1982!

Ситуацијата во врска со македонскиот јазик не е розева, но моментално е далеку подобра од она што Шекеринска го тврди. Вистината е дека Обединетите Нации во повеќе наврати и на повеќе места македонскиот јазик го нарекуваат имено така - македонски јазик. Втор пример за ова може да се види на сајтот на програмата на Обединетите Нации за заштита на децата - УНИЦЕФ (The United Nations Children's Fund). Имено, верзиите на документите на македонски јазик се посочени со придавката „macedonian“ (македонски), односно со „macedonian language“ (македонски јазик), што јасно може да се види на следнава врска (принтскрин долу): https://www.unicef.org/tfyrmacedonia/resources.html


*Доколку пак ова се провери на сајтот на Обединетите Нации - data.un.org, навистина ќе се види дека во профилот на земјата не се спомнува „македонски“ во ставката за „население“. Врска до профилот на Македонија - клик! Сепак, причината за ова не е затоа што таа ставка е празна, туку затоа што таква ставка и нема. Впрочем, ставка каква што Шекеринска спомнува, нема ниту за останатите земји, а не само за Македонија. За споредба, врска до профилот на Франција - клик!
**Придавката „македонски“ се користи и во други документи на Обединетите Нации.

Monday, June 11, 2018

„Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“, промоција во Виница

На 12 јуни, со почеток во 20:00 часот, во Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница ќе биде промовирана книгата „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“ на авторите Александар Стеванов, Дарко Богданов и Сашо Гачев.



Самото издание, како што може да се претпостави и од насловот, ги обработува стриповите кои се создадени од македонски стрип-автори, а кои се објавени во едни од легендарните и условно кажано најпопуларни стрип-едиции во поранешна Југославија – „Лунов магнус стрип“ и „Стрип забавник“. Имено, во текот на 80-тите години на минатиот век, македонските цртачи Љубомир Филиповски и Ласко Џуровски биле ангажирани од издавачот „Дневник“ од Нови Сад, за изработка на неколку стрипови, и во книгата на лесно читлив и динамичен начин се опишани околностите кои довеле до создавањето на тие стрипови, процесот на изработка и соработката со сценаристот Миодраг Милановиќ, како и значењето и белегот што го имаат оставено гледано од денешна гледна точка.


За таа цел, самата книга исто така изобилува со ексклузивни изјави од значителен број автори кои работеле на изданијата во истиот тој период, уредници и издавачи, како и од голем дел актуелни македонски и балкански стрип-автори кои творат и издаваат стрипови во моментов. Секако, за целата слика да биде комплетна до крај, исто така се вклучени и детални рецензии на самите стрипови, како и визуелен приказ на насловни страници, одделни кадри и цртежи.


Ова издание е посветено на легендарниот македонски стрип-автор Љубомир Филиповски, кој е еден од најдобрите и најплодни стрип-професионалци во целокупната македонска стрип-историја, и чии стрипови се предмет на обработка во „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски ’Дневник‘“. Воедно, со оглед дека е само трета книга од ваков вид и за ваква тематика во целокупната издавачка историја на македонската литература, навистина треба да претставува поттик и мотивација за збогатување на изданија посветени на деветтата уметност, уметност која е можеби најмаргинализирана од историографска и теоретска гледна точка кај нас.

Sunday, June 10, 2018

Promocija knjige „Makedonski strip u izdanjima novosadskog ’Dnevnika’” u Vinici

Druga po redu promocija knjige „Makedonski strip u izdanjima novosadskog ’Dnevnika’” autora Aleksandra Stevanova, Darka Bogdanova i Saše Gačeva održaće se 12.06.2018. u 20.00 časova u Domu kulture „Tošo Arsov” u Vinici.



Izdanje, kako se može pretpostaviti i iz samog naslova, detaljno analizira stripove koje su uradili makedonski autori Ljubomir Filipovski i i Lasko Đurovski za legendarne ex Yu edicije „Lunov Magnus Strip” i „Strip Zabavnik” izdavača „Dnevnik” iz Novog Sada. U samoj knjizi su detaljno opisane okolnosti u kojima su ti stripovi nastali, proces rada i saradnja sa scenaristom Miodragom Milanovićem, kao i trag koji su ovi stripovi ostavili posmatrano sa današnje perspektive.


Radi ostvarenja tog cilja, knjiga u izobilju sadrži ekskluzivne izjave i citate, kako od strip autora, urednika i izdavača iz tog vremena, tako i od aktuelnih makedonskih i balkanskih strip autora. Da bi slika bila potpuna, uključene su i recenzije gore pomenutih stripova, kao i vizuelni prikaz naslovnih strana, kadrova i crteža.

Ovo izdanje je posvećeno legendi makedonskog stripa Ljubomiru Filipovskom, jednom od najboljih i najproduktivnih strip profesionalaca u celoj makedonskoj strip istoriju. Sa druge strane, s obzirom da je ovo tek treća knjiga posvećena istoriji makedonskog stripa koja je izdana u Makedoniji, zaista bi trebala biti na neki način motivacija za buduća nova izdanja posvećena devetoj umetnosti, umetnosti koja je možda najmarginalizovanija sa istorijske i teorijske gledne tačke u Makedoniji.

Извор: StripVesti.com