Wednesday, August 08, 2018

Македонски автори на стрип-колонија во Рашка

Од 3 до 7 август, на брегот на живописното Семетешко Езеро, во непосредна близина на Рашка, беше одржана меѓународната стрип-колонија Рашка – 2018. И оваа година, исто како и претходните неколку, не помина без македонските стрип-уметници.



Стрип-колонијата во Рашка, која по својот карактер е уникатна не само во Србија, туку и во целиот регион, се одржа традиционално, веќе по седми пат. Истата беше во организација на Центарот за култура, образование и информирање „Градац“, Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и Општина Рашка. Покрај учесниците од стрип-школите од Белград, Лековац, Никшиќ и од домаќинот Рашка, учество на оваа петдневна манифестација зедоа и претставници од стрип-школата од Велес, што е резултат на меѓународниот ангажман на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес и на неговиот проект-менаџер Томе Трајков.

„По трет пат сум во организацијата на Стрип-колонијата во Рашка. Соработката со стриповските уметници од Македонија сите три години е на највисоко ниво“, вели историчарката на уметност Данијела Матовиќ. „Од почетокот се со нас. Со своето несебично знаење и искуство придонесоа да се зацврсти темелот на нашиот настан, а со својата љубезност и добра комуникација со останатите учесници ја направија и атмосферата во Рашка попријатна и потопла. Очекувам дека соработката и во иднина ќе биде продолжена. Македонија има одлични претставници на деветтата уметност кои во најдобро светло ја претставуваат вон нејзините граници.“

Несебично подучувајќи ги младите таленти и откривајќи дел од малите тајни на големите мајстори, свои излагања на колонијата имаа Дарко Стојановиќ и светски познатиот сликар и стрип-автор Петар Меселџија. Предавања одржаа и членовите на некогашната култна уметничка група „Београдски круг 2“, неповторливиот Жељко Пахек и секогаш елоквентниот Бојан М. Ѓукиќ, кој воедно имаше и изложба. А во позначајните имиња, од триесеттината годинашни учесници, се вбројуваат и Владимир Весовиќ, Горан Трајковиќ, Милош Цветковиќ, Илија Никчевиќ и Машан Савељиќ.

Во рамки на колонијата беше промовиран петтиот број на српската стрип-ревија „Рас комик“, во кој меѓу другите е објавен и стрип од 12 страници на сценаристот Александар Стеванов од Штип и илустраторот Дарко Богданов од Виница. А покрај споделените искуства и договорените идни меѓународни проекти и соработки, на маргините на оваа манифестација беше претставен дел од поновата македонска стрип-продукција, вклучително и последните два броја на магазинот „Стрип Креатор“.

No comments: