Нов грб на Република Македонија

Денес, пред само неколку часа (05.12.2014 | 19:30), на веб сајтот 24 Вести, беше известено дека Владата на Република Македонија усвоила предлог за нов државен грб. Во написот насловен „Владата го усвои предлогот за новиот државен грб“ прикажан е и самиот грб. 

„Црвен разгневен лав во златно - жолт штит со круна во горниот дел, ова е предлогот на Владата за новиот државен грб... Целта е да се истакне и прикаже суверенитетот и интегритетот на државата. Со донесување на овој грб, Македонија ќе се вброи во семејството на европските земји, како земја со европски стремежи, кои се грижат за своето минато, но и за својата иднина, промовирајќи заедништво и врзувајќи се за симбол кој не носи никаква поделба по ниту еден основ во себе, туку напротив создава единство на сите што живеат на овие простори“ стои во предлогот“, „Владата го усвои предлогот за новиот државен грб“, 24 вести

Доколку прикажаниот грб е истиот оној кој што Владата го има усвоено, се работи за грб чие што графичко решение (емблазон) очигледно е работено според припишан грб на Александар Велики (Александар III Македонски) од грбовникот (Le Blason des Armoiries) на Жером де Бара (Jérôme de Bara) од 1581 година.


Иако засега никаде не е посочено, најверојатно грбот го имаат изработено од Македонското Хералдичко Здружение. Според мене графичкото решение (емблазонот) не е лошо, но истото можело да се реши далеку подобро, со стилизација на лавот и негова симплификација, со поплавни линии и користење на геометриски форми.

Очекувам во иднина да се покрене едно главно прашања, и дилема, за бојата на лавот и онаа на штитот. Имено дали грбот на Република Македонија би требало да е црвен разгневен лав на златно-жолто поле (како во предлогот) или златно-жолт разгневен лав на црвено поле. 

Токму за ова, хералдот Јоновски од Македонското Хералдичко Здружение, во напис објавен во Дневник, ќе каже:

„Жолтиот лав на црвена заднина е традиционалниот грб на Македонија“[1]

Истото, односно дека за најприфатлив грб на Република Македонија го смета оној со златно жолтиот разгневен лав на црвено поле за кој што вели дека е има проблем поради тоа што истиот е симбол на една македонска политичка партија, ќе го каже и во напис објавен во Вечер.[2]

Сепак за можноста за избирање на таков грб за грб на Република Македонија, во напис за МКД.мк ќе каже:

„Ако помисливте дека златниот лав на црвена основа е можното решение за Македонија, заборавете - нашите политичари ја испуштиле можноста тоа да го сторат до 1998 година, кога стана грб на Бугарија.“[3]

Исто така, би спомнал дека не би требало да се изненадиме на скорешна реакција од грчка страна, имајќи предвид дека графичкото решение на грбот е според припишан грб на Александар Велики, кој што тие го сметаат за Грк.

За крај го поздравувам потегот за избирање на нов грб на Република Македонија, односно замена на стариот грб (кој што и покрај тоа што правно е дефиниран како грб, сепак не е според хералдичките правила[4]), со нов хералдички правилен грб. А за тоа дали избраниот грб е најдобриот можен, тоа ќе го покаже времето и се надевам скорешната јавна расправа.

[1] Жолтиот лав на црвена заднина е традиционалниот грб на Македонија, Дневник
[2] Македонија остана без свој грб, Вечер
[3] Македонија мора да најде нов грб, од грбовите на Александар Македонски, МКД.мк
[4] Во предавањето „Грбот на Република Македонија – тема за дилема“, одржано на 18 ноември 2013 година, во организација на центарот за научни истражувања и промоција на културата „ХАЕМУС“, хералдот Јован Јоновски го нарекува грб по статус

No comments: